Sunday, September 25, 2011

100 Илјади Поети За Промена

Во сабота 24 Септември 2011 година во Струмица ќе се случи поетски настан кој е дел од глобалната манифестација 100 000 поети за промени. Ова подразбира 700 настани во 550 градови или вкупно 95 држави. Сите настани се предвидени да се случат во исти ден. Оној во Струмица својата програма ќе ја започне во 19:00 часот во Старото забавиште (над киното), 20:30 часот Малиот Гратски Парк и 22:00 часот Амфи Театар.




[
video made by: Небојша Стојаноски, Дејан Станојевиќ и Александар Апостолов]

.. да го промениме светогледот со зборови, мисли... активистичка поезија, социјална, општествена опсервација на моментални состојби на умот и телото, размисли и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика.

@kihuПотру

Saturday, September 24, 2011

100 Thousand Poets for Change

„100 Thousand Poets for Change” е случување во кое се планирани повеќе од 400 индивидуални настани кои ќе се случуваат истовремено на 24 Септември оваа година во повеќе од 350 градови ширум светот.

Ваков тип на настани се планирани да се случуваат насекаде низ Балканот, како Србија, Хрватска, Бугарија, вклучувајќи ја и Македонија. Еден од предвидените настани е планиран да се случи во Струмица. Идејата е да се направи поетски рецитал кој подразбира најразлично претставување на авторка поезија од сите генерации. Самиот настан има мото „поетите за промена“ и во тој аспект поетите ќе имаат можност да направат минимална промена на свеста на општеството во кое живееме. Преку поезија можноста да се анализираат и презентираат локалните и глобалните проблеми, смртта, животот, човековите права, емоциите, неправдата... Со овој проект целта е да се види дали поезијата и пишаниот збор се доволно силни/ моќни да направат позитивна промена во државата, промена во начинот на размислување, односот на луѓето, обидот да се инспирираат и мотивираат луѓето за барем минимална промена...

За овој настан планирани се неколку начини на презентирање за кои учесниците ќе бидат информирани дополнително. Сите оние кои се заинтересирани да бидат директно вклучени во промената со помош на поезијата своите ракописи да ги испратат на [ poetizapromena@gmail.com ]

песните кои ќе пристигнат, освен што ќе бидат читани јавно на денот на глобалниот настан, ќе бидат качени на официјалната страница на овој настан http://www.100tpc.org/ како и на блоговите кои се направени специјално за оваа манифестација. оној за струмица е http://bit.ly/qHsqYL и овде ќе можат да се качат сите фотографии, видеа и поезија која ќе биде достапна за потребите на организаторот.

После официјалното завршување на настанот [24 Септември] целата документација од ракописите ќе биде архивирана во Stanford University во Калифорнија во рамките на дигиталната програма за архивирање LOCKSS
http://lockss.stanford.edu/lockss/Home


песните заедно со кратка биографија може да ги испраќате на:
poetizapromena@gmail.com

Friday, September 23, 2011

Слаѓана Атанасова

Vetar


Se karaat streite,

kavga pome|u branovite
od tvojata kosa, pla~at grankite
i sonceto spie.
Poslu{aj go zborot

nejzin,

zborot na vistinata.





Барајќи дом


Целиот живот на виното ах,
завршува кога ќе го ставиш во чашата.
Те гледам во неа си, го менуваш твојот облик
и се претвораш во лик на човек.
Дали можеби не си повеќе ти?
Но, повторно,
за кратко време се враќаш
во обликот на вино.
Смрт. Сосем безболно те турка таа во бездната,
потонуваш во тоа човечко тело кое те пие,
засекогаш,
без да го сватиш тоа, ти заминуваш.
Во Молк. Ти молчиш
и бесно се раздвижуваш низ неговите вени.
Ти не бараш храмовски градби.
Тој те гуши и сопира да се покажеш од почеток.
Подоцна се е залудно
колку и да трепериш исчезнуваш,
ти си сепак вино.
Заборав. Ветрот не те допира и не те стоплува
зошто ти не исчезнуваш во почвата
твојата гробница е човечкото тело.
Ти не постоиш веќе,
останува само мирисот на дното од чашата,
и помисли само колку тајна е вистината за животот
и кој би ти ја открил во овој длабок мрак.
Како и димот во огледало.
А, никој не ги прибира сенките талкачи,
она што ним им е потребно е безбојниот свет,
само невидливоста на нивните коски ги облекува во смрт,
само слепите очи се тешат.
Не испушта звук,
димот игра по површината на огледалото
со многу ликови
агресивен, љубезен, спокоен.
Дим и музика со многу ликови
во домот на огледалото.





Студот


Кога погледнав во шуплината од ѕидот,
без дозвола ги ококорив очите
и ја искористив сета енергија
за да ги замрзнам погледите на тажните лица.
Со бедна закана го замрзнав и погледот
на едно дете со ранливи и уморни зеници
и продолжив да ги јадам и уништувам сите молекули
со ужасно зачестување на липања кои траеа кратко.
Tоа дете во сина маичка,
седна на столот во претпоследниот ред во Света Софија
за да го слуша оркестарот од напред.
Ја нурна колку што можеше длабоко својата глава во џебот,
ги извади од него ушите па ги фрли до првиот ред
за да ја слушне симфонијата
која се движеше низ сопствениот простор
и сите присутни ги оставаше без здив.
Детето по некое време ги извади и своите очи од џебот
и ги фрли уште понапред
за да ги долови движењата на прстите.
Тие не можеа да стигнат до таму
се заглавија врз тонзурата на старецот од првиот ред,
кои пак од дебелата глава се вратија назат.
Детето од џебот го извади срамот
и бедно ја наведна својата глава
и се собра во сопстениот џеб на неможноста барајќи нов лик.
Слушајќи ја музиката, душата си ја свири на кавал,
да си ја одживее.
Не можеше да си го најде својот облик и се разнесе.
Летнаа меурчиња со младешка крв низ Светото место,
во купчиња врзоп на месо со чуден мирис.
О, зошто не умираат маките, зошто се вечни!




Снегулка



Пливам во прашината од уморот
се родив од потта на твојата сенка
живеев во утринската роса
ме прекри прегратката на невремето.....
Прости, јас незнаев дека постојам,
прости, јас незнаев дека моето постоење
ќе ти помогне да го надминеш стравот,
прости, што прерано умрев.
Но, ти викни ме јас пак
ќе оживеам.
Јас имам водена глава
немам облик, ќе дојдам,
твоја сум се топам од твојот допир
ќе дојдам да ме убиеш со нежниот допир....





Создавањето на женскиот здив


Таа солза новиот живот го зарече
Во нов лик од мајката се облече
И со отровна убавина
Го плени сето она што умее да чувствува.
Во совршен миг се роди
Одблесок на небо прати,
Ќе царува.
И зракче гордо пушти во темнината.
Бистра е солзата од која се разбуди,
Поклони се на убавините што ги најде,
Ужувај во белиот сон
Сечејќи ја солзата со остар нож
Таа се разможува и го гасен огнот
Го ублажува болот.


БИОГРАФИЈА:
Слаѓана Атанасова е родена на 27мај, 1988 во Блатец, Источна Македонија.Студент е на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет “Блаже Конески” Скопје. Објавува поезија и раскази во книжевни списанија: “Синтези”-2009 – 14, во бугарското списание “Наблјудател”- 2007 – 120, во превод на бугарски јазик, учествува во збирката поезија “Млада Mакедонска Поезија”-2009,. Учествувала на Струшките вечери на поезијата, на Бела ноќ, автор е на поетските збирки “Керубин во крчмата” -2006, и “Луѓе во вакуум”- 2009. Пишува поезија во проза и кратки раскази.

Васко Марковски

Сонце нè буди
со цртежи по ѕидот
— пораснал денот.



Сум станал факир
врз играчки на син ми
во постелата



Комшиско маче
низ ноќта мјаука
прв ден без мајка.



Јунските липи
го однеле балконот
во некој друг град.



Сонце заоѓа
зад песочни дини од
стапалки безброј.



На небо облак
како во стрипче мисла
— градот си збори



Две-три бабички
крај две-три бели стебла
— ноќна сиеста.



Камбана в зори
Навестува тежок ден.
Починал некој.



Утрински метеж
на мал селски крстопат:
Шибаат муви.



На секој балкон
по пар-два мокри чевли
— есенско Скопје.

............................................





(Стихови на англиски. Препев: Румена Бужаровска.)



A neighborhood cat
meows all throughout the night. Its
first day motherless.



A sleepy cat
lies on the hoood of a car
warming its soul.



I went to go pee
and got scared out of my wits
by the hand-dryer



The June linden treets
have taken the balcony
to some other town.



I am a fakir
lying on my son's scattered
toys in my bed

............................................




Биографија:

Јас сум Васко Марковски, човекот што ги напиша овие стихови. Живеам во Скопје, каде што се родив пред триесет и кусур години.

Не ми беше во план некогаш јавно да ги изложувам моите авто-терапевтски пориви да ги запишувам во стихови нештата што ќе ми се видат интересни, додека наваму-натаму наоѓам задоволство да поминам убаво време со самиот себеси. Од време на време ќе ги споделев записите со неколку блиски пријатели, ни беа забавни, доволно колку да продолжам да го продолжам да го правам тоа и понатаму - студентски денови! Оттогаш поминаа десетина години. Ги поминав како новинар, пишувајќи разни форми на новинарски текстови. Пишувајќи серијали со епизоди долги по стотина, сто и дваесет редови, почувствував потреба за кратки форми, нешто што ќе ми биде еден вид пишувачка гимнастика, нештошто ќе ми помогне барем во сумирањето на епизодата во поднаслов. Се сетив на хаикуто, форма што ми ја загатна поезијата на Орхан Вели - истанбулскиот пријател од времето на студиите, покоен уште пред да се родам. Набргу се сетив и на книжулето со четирите елементи - вода, воздух, земја, оган - на Владимир Мартиновски - Марта, драг пријател од по скопските кафулиња, кое никако да го прежалам - го подарив, и никогаш повеќе не го најдов во книжарниците. Решив да се обидам. Знаев само за 5/7/5. Другото тргна спонтано. Еден ден стигна мејл од Марта, со кого споделив дел од нив - покана да настапам јавно. Ме кандиса. Излегов од илегала.

Стиховите се од збирката „Корпоративно утро“..се собраа стотина.. би сакал наскоро да ја објавам. Поздрав!

Јулија Петровска



Како се сјебува испитна сесија


А муабетот течеше така фино кога:
Се појави во жолтата маичка (нова)
Сонцето.
Во сиот твој сјај.
Сокакот ме прими
и ја држеше в прегратки сета моја болка.
Месечината,
Пеплосана од твојот суров плам,
молкум потеков солзи
да и се заблагодарам на калдрмата.



Матно наутро

Рано наутро сум благодарна што измаглицата го одобрува моето присуство. Преку ден исчезнувам во метежот за штом ќе падне ноќта повторно да расцутам.



Не гледам ништо на неа
Восокот е болен
И секоја песок паѓа на дрвото
Но тоа е непрозирно.



Око мое насмеано
со срце треперливо скриено во поглед
леб и вино биди ми
ветер биди ми што ќе ми ги мрси косите…
Биди ми сонце после бура.
Скроти ја страста која во мене ја возбудуваш
или пак, ако ти е подраго,
пеплосај ме..
оти сé е во истата кутија еурокрем
(Агроплод Ресен, макар да Нутелата ми е повкусна)



Претсмртниот молк на комарецот

Како крадец ми пријде во темнината
Со звукот на својот немир
ја тешеше мојата несоница
нестрплив да се впие во мене
да ја вкуси топлината на мојата крв.
Маневрираше не слутејќи
дека опасна е неговата наслада
бззз… бзззз….
Неговата радост одѕвонуваше во воздухот…
И одненадеж се смири.
Можеби почувствува
дека неговата наивна игра
ќе биде прекината.
Ја спуштив дланката врз неговото тело.
Уморна сум…
Имам помалку од шест часа за спиење.
Мојот среќен пријател
нема кој би го разбудил.

(А нели е иронично кога ќе размислиш дека само женките комарци гризат?)




Горчлив беше вкусот на твојот поглед
кога се сретнавме
И не можам, а да не се прашувам дали со пелин те задоиле
или јас сум твојата мандрагора
Нејсе, ти ќе бидеш мојата лебедова песна…
…или обајцата ќе се сториме сено
и ќе изгориме под сонцето.



Камен по камен ја одам калдрмата до твојата капија
Никогаш немам храброст да го пречекорам прагот
Непоканета.
Го оставам срцето пред порти, да ти биде близу
со надеж дека нема да го нагазиш исчекорувајќи во денот во кој не се надеваш дека ќе се сретнеме.
Ако имам среќа, некоја комшиска мачка ќе го најде и однесе пред некоја друга порта, некој ќе се израдува и ќе ме покани на чај…




Низ главава ми се мотаат некои чудни размисли
Им ја чувствувам тежината, но не и суштината…

На лицето носам неусилена усмивка
Ја носам радосно, како што се носи сосема нова шапка зиме…

Зад погледот кријам неискажива болка
Болка што ден за ден не ми успева во тагата да ја удавам, да ја ублажам…

Мојата нова шапка успева сите да ги прелаже.



Моите очи полни зора
Сепак sadece тебе те бараат…



Копнеж кој потече на раскрсница (буквално)
И по некој месец се излеа на шанк на СВП,
Во исчекување на штедро наточената мастика:

Ми се допаѓа како се движиш.
Ненаметливо.
А сепак си толку прекрасно присутен.
Името ти е нежен ветер.
Опушти се…
Развиори ме.






Јулија Петровска, со цигарата во уста, рече ”оу дир” на звукот на сообраќајката што се случи додека размислуваше што да напише во овие неколку реда.

Родена е во Скопје, патот ја носел на многу страни и сé некако повторно ја враќал во Скопје, дома. За сега.

Преведувач, страстен уживател во музика и танц, бои и светлини, ветерот во сите негови созвучја и, секако, луѓе – неопходни како воздух, а од кои понекогаш толку залудно се обидува да избега.

Кога не се бори со околината, се бори со самата себе.

За нејзиниот живот може да се кажат многу нешта, но едно е сигурно: не е здодевен.

Оливер Серафимовски



Ги посака ѕвездите и месечината



Посака
ѕвездите да те бакнат
и месечината да те прегрне ...

полека
на прсти
зачекорив по млечниот пат
и полека ги собрав
ѕвездите
во прекрасно подготвен букет
да ти ги подарам
за да те бакнуваат
додека не те прегрнам со месечината





Го плукна в очи


Ја исплука љубовта
на асфалтот
помеѓу флеките од растечено масло
продолжи да оди
и лутито промрморе:
„Проклет да е погледот... прв„






Се обидоа да ја убијат надежта



Во вирот од тазе наврнат дожд
се давеше тагата
во која безмилосно беше фрлена среќата
од зад грб
подмолно турната
од ситни души
со изопачени насмевки
насликани на нивните маски
да прекријат
лица од злоба избраздени
лажно загрижени
од телата врела лава исфрлаа
устите им плукаа
вжештени камења
за да ја убијат надежта

...

со дождовницата
собрана во вирот
од тазе наврнатиот дожд
ја изгаснав омразата







Човек без лик



Во талогот од кафе
прстиве оставиле трага
на соголена душа
за да ја истражам
до најдлабоката точка...
скриен зад првиот свиок
ѕирка силуета на...
Човек без лик





Силно ја прегрнав љубовта


како пердув... лесен
се спуштив на твоите гради
цврсти
ја чувствував твојата топлина
која ме изгоре
оставајќи лузна
видлива
го слушав срцебиењето
кое во такт на тапан
го најавуваше
надоаѓањето на твојата армија
силна љубовна пешадија
која ја освои мојата
љубов
на убав и тивок начин
со погледот на твоите очи
допирот на меките раце
и се предадов...
за да силно ја прегрнам љубовта


Оливер Серафимовски роден 1975 во Скопје
Своите песни ги објавува на www.baljum.blog.mk ,www.poezijaonline.net, www.tragovi.com
Објавени елeктронски книги на www.cc.org.mk и на www.scribd.com

Бобан Богатиновски

Превртлива врата



Виси мислата обесена на гранките од сомнежот
секогаш пред мене постојано зад мене
упорно ме следи и за ракавот влече сотоната
залудно ја напнувам тагата да потече
ова е уште една златна година на злото
о топли јаболка податни за сонување
о фантомска болко невидлив отвору
на слузава јамка висат изџваканите галаксии
додека бавно се цеди
исплувокот од твоите крвави усни
ќе одиме ли моја тивка радост
нежно и неизбежно е ова небесно сечило
и во соседната соба
поголема и поубава
празнина стои





Среќен ден


Почнува да ме заморува овој празник,
вакуумот на празните улици,
сите се на некој здодевен пикник,
колку пива треба да испијам на руски начин
па да почувствувам нешто
ни самиот не знаејќи што?!
Главите на минувачите пливаат во воздухот,
нивните мисли прават отпечатоци
во небото над куќите
Како наеднаш да остаревме сите
Барам смисла во разговорот,
попатно кај застанавме,
извини те запоставив, отскитав некаде.
Премногу топло е во ресторанот
на периферијата од градот;
– Пивото??? – прашува келнерот.
– Не. Воздухот, воздухот е претопол!!!
– Пивото е добро.
Пребарувам со погледот…
истото место пред неколку години,
можеби ноќе… да… секако дека е поинакво.
Ја чекав 5-ката и 9-ката на рулетот-вртелешка,
можеби требаше да одам до крај,
но никогаш не се знае, зависи од влогот,
ни коцкањето не ме возбудува како некогаш,
ѓаволска математика е коцкањето,
идната година можеби ќе испуштам,
но добра е тишината, тишината е добра
најпосле си мислам нема причина
ова да не биде среќен ден.




Линијата е закон


Се разбудив денеска
и сум заборавил дека ми е роденден.
Си реков: – Уф, треба да се повлече
уште една линија. Долна црта и тоа подебела.

Дали си за сериозен разговор?!
Можеби ќе дојдеме до суштината на работите.
Постои мала разлика меѓу Харе Хришна и
Господи Исусе Христе помилуј ме мене грешниот.
Постои голема разлика.

Сè е релативно – ќе одговориш.
Нема да филозофираме, нели?!
Тешко е да се пронајде
линијата по која треба да се оди.
Како акробат на жица растегната од ден во ден.

Точка во координатниот систем. Рамнотежа.
Меѓу X, Y, Z. Среќа, љубов, судбина.
А можеби и не постои почеток.
Сè е само илузија во нашите мисли.

Треба да се згуснат редовите.
Зборовите да се доведат до критична маса.
Ајде едно виски, па да бидеме поблиски.
Јас честам. Знам јас како да те расположам.


Бобан Богатиновски е роден 1971 г. во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје.

Автор е на книгите поезија:
Луцидни халуцинации -1994 г. (награда Студентски збор)
Прекрасен ден за умирање - 1998 г.
Светлината е посилна - 2004 г.
Карпа за молитва - 2010 г.

Панче Ќосев

Сакам да го обојам
разнобоието со капка вода.
Да ги соберам чадорите
избришам грижите и сеќавањата
направам рингишпил од чувства
и повторно бидам среќен.
Сакам…
Сакам да се завртам
и повторно да се вратaм на дождот


………………………………………………


пожолтен среде пролет
озеленувам во малиот парк
капки од излижени лица
вперени кон небото
бараат клупи.
ги нема корењата.
облаци вртат околу малиот воз
чекајќи превоз.
Јас , ……………
изгубени зраци си играат на тревата
жедно фатазирајќи за утринска роса.


……………………………………………………………



Занотувам,
неколку школки го кршат брегот,
месечината го сече езерото,
камбаните тишината.
Рибите ги надлетуваат нашите срца,
запира песната на изгубениот во љубов…..
Еј ветре
зар пак си играш со нашата мудрост

Маја Лостова

Еве ме повторно на почеток,
без никој и ништо околу мене.
Немам подршка од никој, ниту пак
некој ми ја пкажал насоката во која треба да се движам.
Јас сама го градам патот по кој чекорам,
пат толку трнлив, толку болен.
Некогаш мислев дека не постои некој
кој може да ме спречи во моите цели,
ниту пак нешто што ќе ми пречи на патот.
Тој некој и тоа нешто, јас сама ги поставив на мојот пат.
Јас им дозволив да влезат во мојот живот,
иако знаев дека ќе ме повредат.
Уживав во нивното присуство,
иако знаев дека ќе заминат.
Се радував на насмевките на нивните усни,
иако знаев дека тие усни ќе изговорат
зборови што ќе ме расплачат.
Јас сама го градам патот по кој чекорам,
пат толку трнлив, толку боолен.
Се она со што денес се соочувам е
последица на она што вчера го направив, а
она што ме чека утре зависи
од моите денешни постапки.
Јас сама го градам патот по кој чекорам
пат толку трнлив, толку болен.
Кога би можела да го вратам
времето назад, да го сменам минатото,
за да не морам денеска да ги гледам личностите
кои што ми значат како заминуваат од мојот живот,
за да не дочекам утро без нив.
Но не можам, тие заминуваат, а јас немам сили да ги задржам,
тие веќе одлучиле, не можам да ги сопрам.
Зошто им дозволив да влезат во мојот живот
а сега не можам да ги пуштам да заминат .
Толку сакам да ги задржам,
но не можам да го сменам минатото,
ниту да ги присилам да останат.
Јас сум само патник сред невреме,
незасолнет, ги чуствувам ударите од невремето,
го чуствувам сето лошо што го носи со себе,
но неможам да се борам против него,
само чекам да престане, да видам што ќе донесе.
Како ќе заврши незнам, но знам
јас сама го градам патот по кој денес чекорам
пат толку трнлив толку болен.

ми рече ова е само сон,
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Да, тој беше како сон
неговото тело беше како уметничко дело
извајано од рацете на најдобар уметник,
а јас бев уште една од многуте
кои останува без здив пред него.
Тој беше толку совршен.
Ова не беше сон, ова беше реалност, животот е драма
а овде јас ја имав главната улога.
Го знаев и почетокот и крајот на ова дело,
се прашувам зошто одбрав да играм толку тешка одлука.
Дали јас обична актерка можам да го сменам текот на настаните?дали јас можам да го изменам крајот?
Мислев дека сум јака, цврста.
Мислев дека можам да го држам огнот во раце,
а да не се изгорам.
Мислев дека јас сум оган.
Јас оган, а тој вода.
На секое мое “за “имаше против,
на секое мое прашање одговор.
Јас сум опасна, јас бев огин,
но тој е водата која ме спречува да се ширам.
Водата може да го изгасне огинот,
но огинот не може да ја сопре водата,
ниту да го одредува нејзиниот тек.
Зошто влегов во битка од која
не можам да излезам како победник,
зошто пристапив на ова тешка одлука.
Реков да и еве ме сега ги трпам последиците.
Некој се обидува да ме соочи со вистината која одамна ја знам,
но некако уште не сум ја прифатила.
Моите сомнежи се потврдија,
вистината секогаш боли, но тој не ја зборуваше
само вистината,тој кажуваше навреди,
зборови кои болат зборови кои може да излезат
само од устата на еден совршен идиот како него.
Јас бев мирна и не се противев, слушав
слушав, како да сум потпишала договор во кој стои
клаузула” недозволено прекинување до последната сцена”.

Ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Јас не бев дојдена за некој да ме соочува со вистината,
да ме подучува, не побарав негово мислење,
ниту ги сакав неговите совети.
Јас дојдов тука за да избегам од секојдневието,
да уживам во неговите прегратки, мислејќи на тоа колку лесно добивам се што сакам,да слушнам по некоја слатка лага на која и ја знам целта, да се хранам со мислата
“моќните мажи лесно потпаѓаат под власта на убава жена ‘
Ова требаше да биде сон од кој не сакам да се разбудам,
но се претвори во кошмар од кој се молев да ме разбудат.

Ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во ралноста.

Можеби ова мисла се врти во главите на сите оние кои заглавуваат во меѓуножјето на други жени, а знаат дека мора да се вратат на она што ја имаат во реалноста.
кои имаат највозбудливи сексуални фантазии
кои ги остваруваат со непознати,
кои секое утро се будат покрај различна жена
од она за која тврдат дека ја сакаат.






Ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Можеби и за него беше сон кој што се остварува.
Од нашата прва средба, ги забележав неговите очи кои со поглед ме соблекуваат,неговите прсти кои ја допираа мојата усна, поскауваа таа да биде насекаде по неговото тело,
го замислуваа најдоброто фелацио,
ги замислуваа моите прави нозе врз неговите рамена,
додека тој продира во мене и ме задоволува на начин на кој што никој пред него не успеал.
Од нашата прва средба тој посакуваше
да стенкам под неговата машкост,
да водам љубов со него како никоја друга,
да бидам ненаситна дива,
а тој единствената личност која може да ме скроти.
Јас сум добра глумица и нема да ги рушам неговите сонови
како тој моите замисли.
Јас сум цврста и храбра, нема да дозволам неговите зборови да ме спречат во моите цели.
Јас сакам да ризикувам,да ме повредуваат
да чувствувам болка, да го правам она
за кое другите сметаат дека е лудост,
она на кое никогаш не би пристапиле.
животот постојано ме испробува,
го прифаќам секој ризик, победувам и губам.
но и тогаш кога губам јас победувам.
затоа што секој не ризикува,
затоа што секој поразен не може
да продолжи да чекори гордо,
затоа што никој не е борец како мене

ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

тоа не беше сон, тоа беше реалност
која ме направи силна како никогаш досега.
Ништо повеќе не може да ме повреди,
дали е точно,и самата се сомневам во оваа моја изјава.
Животот ме испробува, јас го чекам наредниот предизвик,
сакам да ризикувам, да ме повредуваат, да чувствуам болка.
Јас сум обичен смртник кој прави работите за кои другите смртници не можат ни да сонуваат.

ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Thursday, September 22, 2011

Мануела Златкова

Стрелба на умот или потсвеста



Што треба да се случи
Да побегнам повторно таму?
Нешто што пак ќе го доживеам,
Гореж.


Нека светлината е едно со мирисот,
И таа една лулка на животот,
Нека биде, остане.


Упорни сме
И се тркаламе до бездната.
Барем еднаш јас да се разбудам,
Еднаш разбуди ме на патеката.


Пуштете ме.
Влажност,
Есен,
Достигнување.


Нешто што пак ќе го доживеам,
Активен копнеж
За да го оживеам.

Свиок.
Фати ме за рака.
Одненадеж те поплавувам
Мои мисли,
Но појак корен.


Автор: Мануела Златкова, (02.10.1997, Струмица). Ученик и огромен љубител на секој вид уметност. Хоби: Пишување есеи.

Вања Изова Велева

Чудни, чудни луѓе



Некои луѓе се чудни
Крадат дел од мене
И го живеат моето парче
Ги препознавам но оставам
Да гнетат туѓи сништа
Зашто свои немаат.
Чудни се некои луѓе
Крадејќи заборавиле дека нивното е туѓо
Ги чувствувам, но дозволувам
Да ми исцедат уште некој дел
За да видам како изгледа
Надвор од мене
Некои луѓе се чудни
Насрнуваат врз мене
Заради ново себеполнење
Чудни,чудни луѓе





Некоја друга јас



Некоја друга јас
Ми ја нагризува черупката
Длабоко во мене грицка дел по дел
Подготвувајќи себеуништување
Некоја друга јас
Се втурнала во мојот дом
И ми го руши мостот
Закачен од рамо до рамо
До коска ги рие ноктите
И се радува
На црвенилото разлеано
Како бојадисано утро.
Не ја спознавам другата јас
Се кикоти и ми го корне гласот
Пуштајќи го низ пукнатините како клетва
Другата јас не сум јас
Таа откорнува што садам
Извикува што премолчувам
Убива што раѓам.
Се закачила на моето рамо
И ме треска од земја
Ми дише во вратот
И знае дека е друга ,знае дека има одобрен излез
И слободен влез



Ме повика месечината



Месечината ме повика
да и ја држам снагата
се уморила висејќи
во темнината,шетајќи по ширината
Ме повика месечината да и бидам соучесник
во намалувањето за да и го чувам стравот
и расчистам местото на вкоченоста
Месечината и јас
таа горе, јас долу
таа со наведнат поглед
јас со искривен врат кон нејзината снага.





Што се случува во главата на таа жена?



Што се случува во главата на таа жена?
стои наконтена во обичноста
и копа по досадата.
Ги тркала очите во дупките
и си закачува гримаса
Што се случува во главата на таа жена?
мислите и шетаат од сосетка до колешка
и прави фотомонтажа во плитката черупка.
Што и се случува во главата на таа жена ?
Очите и трчаат
усните киваат

празнина и дрема меѓу рамењата,
а седеше на поетска манифестација.




НЕ...



Не зборувај гласно
да не ми го разбудиш каменот
па да ми се стркала удолу
и скрши ребрата

Не викај силно
да не ми го забрзаш пулсот
и подместиш срцето

Не тропај
зашто ќе прашам кој е
и ќе откријам дека
каменот си е на место
пулсот дрема,а
единтвениот тропот е оној од срцето.



Вања Изова Велева (Струмица)- член да Друштвото на писатели од 1995год.

Автор е на збирките:

1. Вентил во постоењето-1993
2. Смрттта на рибата-1995
3. Зашиени грла 1997
4. Правта не зборува 2002
5. Плач во кутија 2007
6. Бездна угоре 2010
7. Неколку легенди за Струма 2011(прозно издание)

Нејзината поезија е преведувана на :

- англиски јазик
• (In our own words Generation defining itself-2007
• A surrender to the moon-2005
• Invoking the muse 2004),

-на српски јазик
• (Градина-часопис за књижевност,уметност и културу 2006)
• Зборник –Гарави сокак ,

-на бугарски јазик
• (Круг-национално младешко списание за култура 2002 ,
• Мизија-алманах за литература 2006.)

-На македонски јазик поезијата и′ е застапена во списанијата:
• Портал 2004,2007,
• Огледало,
• Стожер 1998-2005,
• Сум -списание за уметност 2004 и 2007.)

-На словенечки јазик низ списанија и интернет верзии
Песните на Вања можат да се сретнат и во повеќе поетски книги:
• Сто без една-2007,
• Воспеви за Султана Миладинова-2001,
• Сонце 2003 и др.
• Со свои песни застапена е и во Проектот Растко

Нејзината поезија е објавена и во електронско издание на уметничка литература (15 РОДНОКРАЈЦИ) Коавтор е на монографското издание Чекори по ѕвездените штици.
Повеќепати била македонски претставник поет во: Франција учесник на меѓународна поетска манифестација Гласови на медитеранот во Лодев заедно со Радован Павловски
(22-29 јули 2001,Бугарија-Плевен активно учество во Меѓународната плевенска писателска средба Побратимени светови (01до 04 јуни 2006 ,Србија Панчево ,Поет претставник од ДПМ на поетски средби во Словенија.
Освен поезија во споменатите списанија можат да се сретнат и прозни текстови од ВИВ.

Член на претседателството на ДПМ од 15 мај 2000-2004 и 2004 -2006 Член во жири комисија за книжевна поетска награда Ацо Шопов и член на комисијата за дебитанска книга Караманови средби како и член на Советот на Карамановите средби. Член во жирито за најдобро поетско остварување на Дојрански ракувања. Публикација на македонските писатели со биографски податоци 2000,2001,2004. Автор на документарен филм за Дојрана.

Добитник е на повеќе награди меѓу кои :прва награда на манифестацијата “Празник на липите“, трета награда од INTERNATIONAL SOCIETY OF POETS(27.02.2005),повеќе награди на локално ниво,втора награда на 25-те Караманови средби, втора награда на отворен конкурс за литература,награда-објавена песна во книгата Гарави сокак(деветнаесета меѓународна средба на поети-2008)

Катерина Ангелова

„Несакам совршенство“

Не го барам совршенството
не, не
- совршенство не ми треба.

Кога совршено се би било
ќе бидам мирна и сита
а јас сакам, о сакам
атомите да ми се движат
јас сакам да скитам.

Јас сакам да лутам
јас сакам да трагам
и не е битно што ќе најдам
јас всушност уживам ете
во самата потрага ко дете.

Трагајќи така
сешто ќе сретам
непознато, небарано, ако
светот сакам да го сетам.

Сакам се да видам
сакам се да имам
и сакам, о сакам
несовршена да бидам.




Веруваш ли во чуда?....



Кога видливото ќе се скрши
дали Духот можеш да го сетиш?
Кога во земјата ќе се врати
тоа што од земја се роди
ја чувствуваш ли Енергијата
Духот што не бодри?
Зборот штом ќе замре
Мислата останува
Енергијата не се руши
само се преобразува и кружи.
И кога ќе ме надвладее тага
се прашувам:
„-Веруваш ли во чуда?....“
и ВЕРУВАМ,
верувам зашто така сакам
инаку тагата судбоносна би била.




Јас сум Ангелова Катерина. Родена сум 1980 година.Живеам, студирам и работам во Кавадарци (живеам би било доволно секако, и работењето и студирањето спаѓаат во живот). Да речам... пишувам поезија, макар што малку нескромно ми звучи оваа моја изјава, а од причина што до сега ништо не сум објавила и врска немам дали е добро. Омилени писатели ми се Венко Андоновски и Г.Г.Маркес.

Гаврило Миловановиќ

АНТИ ЕПИТАФ


Маските на црвената смрт се сокрија во своето лице
А јас со очи широко затворени
Ја пишувам Одисејата по 2001 пат
Затворен во овој пеколен портокал
Со рамот
Си ја плетам кожата
...за да не заборавам да се сеќавам на допирот
На Казанова, на Фрида, на Јохан Себастијан Бах
Иако слеп , прекрасно нем во Бетовеновите воздишки.
Зошто се правите дека не се познавате?
Што ако сте од различни векови
Колку ли пати треба да умрете
За да престанете да бидете славни?
Колку ли пати треба да се родите
За да ви здодее да бидете генијални.......
Колку пати сте биле живи до сега?

Си ја одлепив кожата за да ве сакам со голо срце
Кога не можев себе си
Врз црниот штафелај од меридијани и атомски бомби
Ја растегнав како пергамент
И со Николовата тесла во неа пополека ја длабам
Сликата на Доријан Греј
Безгенитален, таков
.....во вагините на свеста
Во коитусот на катодата и анодата....
Се пронајдов стар.

Стар со избелена коса и очи од киселина
Го цицам првото млеко од пупките на Фројд
Си ја секвенцирам главата на клетки
Совршено
....како Фибоначи
0, 1, 1, 2, 3, 5, 8, 13........................................
И милионитиот дел од златниот пресек
Се претвори во сперма

Се родив
Се родив за да не заборавам да се сеќавам на вкусот

На лосос и кавијар и Ленин
На мојата мајка, сестра и баба
На мојот татко и дедо и браќата Грим
Ханс Кристијан Андерсен
Тукушто замрзнат во телото на Дизни
И вкусот на устата на Монализа
Поубав од сите Лаури и очи на Пикасо
.............................на дното од океанот.

Јас ја измислив струјата но не ја пронајдов
Јас го здогледав Бога, но никогаш не го почувствував
Јас ја свирам оваа хармонија
Но немам прсти ниту уста ах, да би можел да ви измолчам
Колку е тешко да се биде Јас.

Маските на црвената смрт се сокрија во моето лице
А јас со очи широко затворени ја пишувам Одисејата по 2002 пат
Затворен во пеколниот портокал
Се родив........................
Се родив................
................................за да не заборавам да Умрам.





ЛАИКА


Ја чувам планетата земја во подземјето на мојот стан
Живеам 10 000 километри под него
Го сонувам нејзиниот мирис
Го мирисам нејзиниот допир
Го допирам нејзиниот сон

Ставете ја планетата Земја во хартиена кеса од Mc Donalds
Потоа внимателно отворете ја за да видите каква играчка сте добиле
Не, јас не ги убив твоите пријатели
Барем не со пиштол
Затоа дозволи ми да мастурбирам на твојот погреб
За да на је силувам мајка ти на парастос

Стави ја планетата земја во чаша со вода
За да ја измиеш од сите гревови
Сонцето ќе ја исуши…..
Повторно
Избриши ги границите
За да не може никој да не пронајде
Потоа нацртај го мојот лик на тркалезната површина
За да живееш во моето уво
Ме слушаааааш ли?

Јас сум твојата евстахиева труба
Јас сум твоите отисоци од левата рака
Јас сум тежок 21 грам
Кокаин во твоите очи од првут
И 3,14 деца од овде до Пекинг
Привремено распнати на крст
Јас сум сијамските близнаци на Исус
Кога ли ќе се родам?

Смали ја планетата Земја во лименка од Coca Cola
За да ја сокријам во моето уво
И таму бесчујно да водам љубов со Хирошима и Нагасаки
Додека повраќам во сите вулкани на светот.

Стави ја планетата Земја во сончев систем
Можеби астролозите некогаш ќе ја пронајдат.




МАЈКА ТЕРЕЗА (Т р и п т и х)



Ајфелова кула



Кожата ми е од хартија на која што играм x.o

А во внатрешноста се случува спротивното о.x

Си ја сечам левата рака за да имам со што да ја гаѓам месечината

Таму е темно затоа се штурците црни

А се прашувам како изгледа темната страна на месечината

Можеби сонцето е темната страна на месечината

Знам таму ќе се сокријам

А потоа ќе трчам по Млечниот пат

Кога ќе се заморам ќе се потпрам малку на Кинескиот ѕид за да се
одморам

Ако успеам да победам ќе заиграм почесно танго со Статуата на
слободата

А потоа ќе погледнам колку е часот на Биг Бен

И ќе ја претрчам Сахара за да можам да стигнам навреме

Затоа што во 8 и пол се чекаме кај Пирамидите

Во случај да не стигнам навреме оди право дома

И закопај ја Ајфеловата кула во твојот двор

За да не ја видат твоите родители

А утре е нов ден во кој ќе мора да купиме млеко,леб,масло и нова
пластична лева рака.................

Не можам да ги лажам моите

Особено не во недела





Фрески



Кога најчесто се оди во црква

Направена од хартија на која што играм x.о

А во внатрешноста се случува спротивното

Очите на фреските гледаат директно во 3 спрат на Ајфеловата кула

На чија платформа водам љубов со мојата лева рака

Откопајте не луѓе!

Ќе ни се расипе млекото и лебот наш насушен

А го макавме од Млечниот пат

За да ја нахраниме Статуата на слободата и да се испилиме во
саркофагот на Пирамидите

Заедно со диносаурусите и луѓето диносауруси

Изумрени,Пирамидите пополека се склопуваат во паралелопипед

Паралелопипедот се претвара во тесарект

а околу тесаректот се замотува Кинескиот ѕид

пополека како во филмовите

сега одлучив јас да бидам бог

а да ве распнам сите останати на крст

и јас ќе бидам единствениот што ќе знае

како изглeда темната страна на месечината

јас ќе бидам единствениот што ќе знае како изгледа внатрешната
страна на кожата

во недела

кога штурците се црни





Мајка Тереза



Не пукајте во небото за да не ви истече

Мравки

Престанете да се криете во земјата

Таму живеат вашите гробови

Јас сум роден гол, затоа се децата боси во Африка

Јас сум роден влажен

Јас сум роден грд

Немојте да дишете

Не сакам да се гушам во вашиот јаглерод

Па како не ви е жал

Јас сум роден мал

Како бебе

И не знаев да зборувам

А и да знаев ќе молчев

И не знаев да голтам и затоа ве плукав додека не пораснавте

Монструми!

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на
крст

Затоа што сум направен од црна сперма

Во едно романтично клише од вештачко оплодување

А со години се криев во завесите и пешкирите и влажните
марамчиња од една иста продавница

И единственото место каде што не можеа да ме пронајдат беше
твојата топла менструација мамо

Чиј единствен пријател беше еден тврдоглав пластичен пенис и
некој си човек со иницијали О.Б

Ги сонував твоите сништа уште во 3 месец од мојот преднатален
период и знаев се

Зошто не ми кажа како се викам?

Зошто никогаш не ми кажа како се викам?

%

Зошто ги ранеше децата од Африка кога и онака сакаа да
умрат...............

Од сида

Зошто го продаде сето бело робје што го имавме

За една чаша црна сперма

Сега одлучив јас да бидам бог

И да ве распнам сите останати на Двоглав орел

....................................................На двоглав ореол

Мајко менструацијо

Зошто ли мораше да ме изневериш со Ганди?

Зошто не ги собра сите крстови и амајлии,сите минариња и кинески
свили,кашмири,икони и мансарди,

Курани и библии

Гердани и мантри

Парчиња кожа во различна боја облечени во едно исто одело

Зошто не им кажа како се викаат?

Зошто никогаш не им кажа како се викаат мајко?

............за да не умрат

од сида.



2043

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на
амеба





ОГЛЕДАЛО



Свртен со лицето кон себе,те гледам
Како спиеш во сопствената утроба
Мртва.
Засекувам со ноктите низ твојата утроба
За да те погалам додека спиеш
Се допирам себе си
Го допирам твојот сон

Го голтам секое парче стакло
Кое се крши од молкот на твојата утроба
Го претварам во огледало
Се претворам во огледало
Се голтам

Разбуди ме од овој луцуден сон
Разбуди се!
Се голтам
Мртов
Од стакло се сечам

Тишина,
Огледалото плаче во мене,огледалото боли
А што ли тоа чувствува кога не гледа?
Што ли тоа сонува кога не нема?
Нултадимензионален свет.
Огледалото е глуво
Огледалото е немо.
Огледалото е слепо.
Огледалото е свртено со лицето кон себе
Мртво.

На ендоплазматичен ретикулум



Кратка Биографија


Гаврило Миловановиќ
е мултимедијален артист од Скопје.Има завршено Новинарство на универзитетот св”Кирил и Методиј”.Работи како Аудио и Видео продуцент и композитор.Неодамна го издаде албумот “Aфектот на Пеперутката” за неговиот музички проект Гордиев Јазол.Исто така работи на уште неколку проекти како Прагма,Alien God,Фото Робот и други како и музика за театар. Во поново време се занимава со пишување сценарија и филмска режија.
Има издадено една стихозбирка “Трансцедентална заспивалка”, Овие неколку стихотворби се од неговата втора стихозбирка за која што во овој период бара издавач.Неговата поезија великанот Венко Андоновски во неговата рецензија ја карактеризира како ” Шок од слики на едно метафорично робустно писмо.........”

Борче Георгиев

Уробор


Каде како незнам зашто сакам да те пронајдам,
од другата страна на огледалото тешко се снаоѓам.
Во себе гледам црна дупка како се проширува,
низ светот на очајот сакам да те прошетам.

И во рајот празен никој нема сите ли сме грешни?
И во тунелот на подсвеста се наежив те нема.
Тогаш сватив нема никој, постојам за себе сам.
Ќе престанам да мислам и мене да ме снема.

Кога ќе ме снаема, ќе се родиш тогаш ти.
Каде како незнаеш зошто сакаш да ме пронајдеш...




За крај



Одамна мина се,
одамна остарев.
Сега сум сам на крајот од мојот сон,
кој ќе заврши во мугрите.
По долгата ноќ,
во која ќе го загубам
сето она во кое верував,
се надевав,
живеев.
А од утре,
нема да ми треба сон.
Од утре нема да заспијам,
нема да дозволам иднината да ја преспијам.
Ќе го положам амарантот
на твојот гроб
и ќе заминам во
пурпурните прегратки на утрото.
Засекогаш!





Поука за гладните


Во црно сте завиени,
со крстови опкружени,
вистинските христијани не се повикани.

Православни се викате
а очи ни вадите,
со зборови не вреѓате
и на крај ќе не гушнете
во братска прегратка, прошка да ни дадете.

Јуда е ваш брат,
Ариј ваш татко.
Сложно ги следите
во делата нивни се предавате,
грешните смртници ги палите
иако милост бараат
како прави следбеници, смрт им давате.

Љубов, вера, надеж
ги заменивте со
Гордост, завист, блуд

Колку е добро сега
на гладниот да му дадеш поука,
а на ситиот уште една порција за пред крај.
И да се криеш во зборови напишани
и ликови измислени,
совест да си чистиш
и мирно да спиеш,
мирно да спиеш
а сонце да зајдви,
сонце да зајдви
А-бомба да паѓа.

Па и да умреме во нашата беда,
Така и заслуживме, за ништо не се боревме,
За ништо не се жалевме.

Немој да се чудите ако тие што ве мачеле
и на живо ве газеле
Отидат во рај,
А вие што ќутите отидете во пекол.

Па и да одие
веќе сте научени да страдате
нема многу да ви смени,
бедници јадни за болка сте гладни.

Па кој раѓа такви садисти
и ладни убици,
ако не мајки вие,
за права што се борите
од истите што ги раѓате.

Затоа страдаме,
Од љубовта ваша.
Затоа стравот го измисливте
за да се криете позади него
и нежноста
и тагата.
А нас што не раѓате
насилници на правите.

Со што го заслуживме ова Мајко?
Да газиме по распаднатите тела и коски
на нашите предци садисти
и со црвите од нивните распаднати тела
риба да ловиме
за ручек на ситите
и поука на гладните.

Жаклина Филипова- Свеќаровска

Обезбоен град



Едно сиво утро, огледувајќи се,
сивиот град забележа дека е сив,
на образите нема ниту капка боја.
-Мора да сум тешко болен- исплашен
помисли, па панично почна да вреска:
- Каде е розовата боја, каде заминала?
Ги прегледа сите фасади, асфалтот,
се вѕираше во лицата на минувачите
посивени од катаден, во автомобилите
(за малку ќе загинеше под тркалата
на брз џип од новопечен богаташ!) ,
во сивите лица на јатотото пензионери
слетани врз сивите клупи во паркот
Ѕирна и под земја:
низ цевките клокотеше бигорлива вода,
а во оптичките кабли како сиви печурки
растеа очајните пораки на оттуѓените...
На крај седна до еден сив мачор
што дремливо се грееше на сонцето.
На тераса отспротива, пркосни како знаме,
се вееја пар розови гаќички.





Врамено утро



Додека го голтам првото кафе утрото
како салфета го предиплува парчето небо
врамено во подотворената балконска врата
и пргаво ги собира последните трошки сон
сокриени во аглите на усните.
Го листа бележникот:
– Имаш средба со денот – педантно соопштува
и со едноличен глас на искусна секретарка
набројува, набројува, набројува ...
Од рамката врамено небо, од парче жица
тукушто одлета еден врабец






Растење



Живеев како кукла во излог,
во свет малечок и светол -
со небо од сатен, облаци од памук
и ѕвезди на струја
Живеев како кукла во излог,
се оптоварував со тоа кој што ќе рече
Требаше многу време да го надминам тоа
Сега сум потполно релаксирана,
правам што сакам , зборувам што мислам
и воопшто не ми е гајле
што молци го нагризаа небото
и што се претвори во обична крпа






Змија в пазуви


Секоја ноќ
сонот се извива низ мене
како змија наочарка
на која што ѝ ги извадиле забите
па тажно ѝ свират на фрула, а таа
залелеано се подава од кошницата
несвесна дека не може да загризе
Некаде пред зората
уморен се прибира под таен камен
Цел ден потоа чекорам
со него склопчен во пазувите






Боја на индиго


Душата ми е со боја на индиго
ги притискам во неа соништата
и страсно ги втиснувам
на страниците од катаден
со желба таму да остават
што повеќе сина боја
што повеќе боја на небо
без облаци



Жаклина Филипова- Свеќаровска е родена во Прилеп.
Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за Македонска книжевност.

Работи како професор по македонски јазик и литература во средно училиште во Кочани. Автор е на збирката песни „Бескрајно огледало“, наградена со златна плакета на Карамановите средби 2010.

Анета Василева

НИЕ


Од сите страни
Господи,
си создал
само ажди,
а нас
толку ранливи,
слаби,
со раце
нозе
очи и уши,
со заби,
со мајка,
татко,
син,
ќерка,
со брат,
сестра,
пријатели,
комшии,
роднини,
колеги,
место на живеење,
тагуваме,
се радуваме, плачеме,
самуваме...
Имаме
професии
и професионални деформации,
хоби,
коли и телефони,
компјутери,
авиони,
татковини и туѓини,
Европи и Америки,
Африки,
желби...
Сакаме
бакнежи
екс на паркинг,
па на гробно место,
а гладуваме
па зависиме,
сакаме сЕ
памтиме сЕ
забораваме
навикнуваме
повторуваме...
Си нЕ оставил во заблуда
демек силни,
меч со две острици
сме
во твоите раце господе,
а сЕ ни се тоа рани
во купот
невидливи и сами,
ние
луѓето
ко шумски јаготки во темна шума,
нежни, посакувани,
смачкани и силувани
за жалење.
Господи,
знаеш ли ти овој колку си нЕ направил
ранливи
несовршени
бајати.
Како ли спиеш
знаејќи дека
еден ден
ако крајот на светот
не дојде,
Ние, сами
ќе му појдеме.
Просто се чудам, Господи
што
сЕ уште
се чека.
(Изгледа тоа ни е среќата,
во животот ни заебан,
не можеш да знаеш…)




ЧОВЕК


Понекогаш немам грижа на совест,
понекогаш не можам да престанам да се
проколнувам,
понекогаш успевам да се убедам дека не ми требаш.
потоа те чекам
и чекам
и чекам...
Се прашувам,
јасика си пред мене јасика зад мене
и со тебе
и без тебе
моите очи патот не го гледаат.
Не верував дека до толку
можам да бидам
безначајна
О, Боже...



КОГА СИТЕ ПРОДАВНИЦИ КЕ ЗАТВОРАТ


Кога сите продавници ќе затворат
нема да можеме да плачеме повеќе,
ни да сонуваме,
ни да простуваме,
ќе ги снема излозите од кои
купуваме лаги
време
сон
сите реки ќе бидат истечени
ѕвездите нема да се појават
градот ќе ги згасне
светилките
пуст,
сам,
ќе нЕ остави
да правиме што сакаме
и сити
и празни
што ќе правиме
што ќе правиме
тогаш
кога сите продавници ќе затворат.



ТАГА


Сега
сум
сам
сум
цел
сум
ден
болен
сум
ко Миладинов
сум
во Москва,
таго моја
недостапна.
Пуст
сум
празен
недоквакан
сум
распарчен
за фрлање
сум
изморен
ко Ленка на Рацин
сум
без кошула,
таго моја
проклета,
ај што недостапна
па и надвор од мрежно покривање.



П.С.

Научив сЕ што можеше да се научи,
направив сЕ што можеше да се направи
и кога веќе сЕ знаев и сЕ направив,
помислив дека сЕ може да се направи од почеток.
И оставив сЕ,
заборавив сЕ,
на ништо не му дадов значење
воопшто.
Така и животот мој си помисли
и си замина.

ПС. Тешко беше да се помине
сам
низ попладнето
и да се пие сам
кафе.




Опседнатост од вода


Ако некогаш посакаш да те видам,
дојди…
Дојди по потопот
и овојпат направи ме од вода.
Да бидам јас достојна,
да бидам потоплива…
Да видам како луѓето
што заминале ги нема.
Сакам да видам
како пловат мртвите по водата,
превртени трупови
чии насмевки добиваат боја
на небо.
Направи ме повторно и повторно
од вода.
Сакам да бидам провидна
да го исмевам своето
бело битие и биднината
што не се догледува.
Сакам да талкам низ празнините
барајќи тло за нова смрт.
Сакам да дојдеш…
Дојди!
Но, биди подготвен!
Биди исплашен,
сам и замрзни се
во канџите на сопствената
кружница.
Кога ќе дојде часот
извалкај се!
Покриј се со калта од младиот месец
да не можам да те препознаам.
Без да ме допреш
љуби ја мојата немоќ.
Без да ги погледнеш моите очи
прости ми и врати се
во својот сон.
Верувај
доволен е само еден миг,
еден мал знак на надеж
и водата ќе секне.
Твојот очаен крик
на суштество што пропаѓа
во безбојноста ќе биде доволен
мојот бол
да посака да разгриза девет планети.
Топол поглед без власт над бескрајноста
и ќе посегнам по богот.
Или ќе се вратиш назад
или ќе затрупам
уште еден совршен свет.




ТHE POWER OF WATER


If you ever want to be seen
come...

Come after the flood
and this time, create me from water
to be worthy
to be sinkable...
Let me see the people who have left
gone.
I want to watch the dead as they float on water,
Corpses with smiles colored in heaven...
Create me out of water, again and
again.
I want people to see through me,
Let me laugh at my white entity
and the endless existence ahead.
Let me roam through the voids
trying to find a place for my new death.
I want you to come...
Come to me!
But, be prepared!
Be scared,
all alone,
freeze inside the claws of your own circle.
When the time comes
Be dirty!
Cove yourself with mud from the young moon,
So I can not recognize you
Love my weakness,
But do not touch me.
Try not to look into my eyes,
Forgive me, and go back to your own dreams.
A single moment,
a little ray of hope for salvation
and the water will die.
Your desperate cry!
Oh, the agony of a creature
falling deep in a world without color
My pain!
Oh, my pain alone will be enough
to destroy nine planets.
One look,
warm and with no power
over eternity
I am reaching for GOD.
If you don't come back
I will berry another perfect world.
O K S Y M O R O N
Have I made a mistake
For I found my stars in the rocks?
I have always longed for the
Earth to be my sky
I can't
I will be happy if I learn to love myself
There
They bow theirs head
and they sing, and act
suddenly, they turn around
(my presence is not welcome here)
My roads are sinking
Self pity is my name
I am running away
Sometimes my presence is strange
I am not needed
(O, Fire, do you find your own heat painful?)
I jump from my new roof
Pain and sorrow
A Lie
I lose everything that I have and love
Suddenly, I am lot
Face down, I disappear underground
Only my eyes still manage to look-up
And the truth is:
The stars started to fall when I left
NOW
I turn around and make a wish.



Оксиморон



Дали згрешив
што во камењата
ги пронајдов своите ѕвезди

Отсекогаш копнеев
земјата да биде моето небо”.

Не можам,
сакам да се сакам.
тие ја наведнуваат главата
и пеат, глумат,
се свртуваат
(Им смета моето присуство).
Патиштата ми тонат
Се самосожалувам!
( Моето присуство
Понекогаш е чудно
Излишно).
Се фрлам од мојот нов покрив
И бол И тага
- И лага
- И што лјубам
- И што имам
- СЕ губам
- СЕ затрупувам

-

со лицето надолу
само очите уште сакаат да гледаат
и вистина
Почнаа да паѓаат ѕвездите кога заминав.
Сега
преку грбот си посакувам желби.



Анета Василева

Родена на 28.1.1982 г. во Кочани. Членувала во поетките клубови „Копнеж”-Кочани, „Мугри”-Скопје и во драмскиот аматерски театар „Чекори”. Дел од нејзиното творештво видел бел ден во алманасите на претходно споменатите клубови; прозните списанија „Лоза” и „Маргина”; дневните весници „Вечер” и „Дневник” и во електронското издание на конкурсот на Електролит. Дипломирала на Филолошкиот факултет (Македонска книжевност и јужнословенски книжевности). Добитник е на наградата „Студентски збор”, за најдобар краток расказ на конкурсот објавен во 2003 година, на наградата „Караманов” во 2004 г. за најдобра необјавена поетска збирка (која сЕ уште е најдобра и необјавена) и наградата “Живко Чинго” 2007 г. за најдобра необјавена збирка раскази.
Како дете се истакнувала во своите награди од областа на физиката, математиката и литературата. Сите мислеле дека живее во Зиганци, а таа постојано талкала по планетите на разумот и неразумот. Исклучена од секаква реалност, верува во Љубов, а
за неа тоа е помалку судбина, повеќе Поезија, а најмногу Господ. Затоа целиот нејзин живот била активен безработник и чекала подобри времиња.
Збирката раскази „Сите авиони летаат над моето село” е нејзино прво и единствено објавено дело, издание на фондација “Рамковски”.

Винета Огненоска

Jас Мерсо



Солзите ми врзуваа јазли под брадата
овој осми март првпат ми подарија... се.
Моите потколенични вени
Високи потпетици, беспомошни тела
Празниот стомак раѓа големи дела
Вергилиј пелтачејќи ми ја читаше својата Ајнеида
Се надтрчувам со задоволството.
Плетенка.
Јас Мерсо
Ти лижалче ми подари.
Дрво и шеќер
Трска.
Јас ги слушав другите никогаш не кажав ни збор.
Го чувствувам недочитаниот Канционер.
Се присетувам на мојот слон во Кутија.
Чесен збор пред да го читам Егзипери.
Во која ли вреќа се скрила мојта среќа.




Милни зборови



Ова беше ден на коинциденции
само тие останаа да се случуваат спонтано
.
.
.
Ме прашуваш зошто користам излитени фрази.
Сите ги користат. –плитко се вадам.
Ти не си сите. – ми велиш.
Јас сум никој. - те нервирам.
Уморен сум од твојата меланхолија. Одам да спијам.
Се самоубив по твоите зборови.
Утредента ти плачеше,
Знаеше дека е залудно
но таков е редот.




Пред исчезнување



Почнав да не те разбирам.
Ме збунуваш – ми велиш.
Нацртај ми триаголник.
Каков триаголник? – те прашувам, љубовен?
Не Бермудски – сакам да исчезнеме заедно.


Долгото погребување на една љубов


Ти ми рече дека ќе ми дадеш се
-се што сакам
како што секогаш прават вљубените мажи
а јас, јас ти верував против своја волја
како што секогаш прават вљубените жени.


Долго време не напишав ништо,
ни збор
-нејќев да бидеш муза на мојата беда.


Парцијално преиспитување
феминистичка фарса
преиспитување себеси
како постојано почнување од почеток
без факти
без реторички прашања
без елаборација без аргументација
хронолошка последователност
прашање
градација
синтеза...




Пукам по шавови
знам дека лани бев постара од денес.
Животот не е ни подобар
ни полош од порано
не можам да ја поднесам глупавата фраза
„Не е онака како што изгледа“.

И кога ти стана инстант читач
само за да ме импресионираш
те прашав на што мислиш
- ми кажа на ништо,
се насмевна и додаде
- ретко кој го може тоа.
Сега сфатив
тие кои размислуват
не повредуваат.





* * *



Ги препрочитував сите мејлови
кои сум ти ги испатила
за да нашпишам приказна
завршен збор, како сакаш
зошто мислиш дека лажејќи заштитуваш
тогаш најмногу ме повредуваш.
Сеуште сум сама...
И сеуште толку многу те сакам
толку...

Толку што не сакам да те видам.


Кога не си доволно убава
-да бидеш само убава,
кога не си доволно паметна
-да бидеш само паметна


Остануваш сама...


Ова е премногу љубов за негов вкус
бубрежни игри
боли а немаш модринки
-стануваш, бришеш колена
вдишуваш и, и...







Mое Скопје (Скопје на мој начин)




Сите очекуваат за родниот град
да ја напишам најубавата песна
-но роден град не ми си,
ниту пак оваа е најубавата песна.
Мичурин – Факултети(покрај Комплекс банки) – Бит пазар, 25 минути,
Кисела Вода – Факултети(низ Корчагин) – Бит пазар, 36 минути,
Карпош 4 – факултети, 47 минути
додуша се зависи од семафорите.

На враќање покрај Вардар низводно, Зоолошка задолжително, по Илинденска
Кисела Вода – факултети, овојпат 39 минути.
Мапа на умот.
Централна слика.
Клучни зборови.
Линии.
Печатни букви.
По еден збор на секоја линија.
Поединци.
Изгледате подобро од што се чувствувате.
Болна концетрација на потребите на публиката.
Публиката е навикната на многу стандардна презентација.
Бои, слики и шифри.
Слободни асоцијации на организирање.
Еден гудачки квартет свири за ситни пари во ГТЦ до последна пукната жица,
имаат уште по три, ќе завршат брзо.
На Школка реге,
велат ќе дојдело лето.





* * *



Кај Јасна во Маџир маaло
секој втор понеделник во 10 и 14 ја оставам патната торба,
во Аеродром со на Дина мајка и пиеме кафе,
јас без шеќер, таа со една коцка шеќер – во мал филџан,
а коцката на тацната, како декорација,
- неизоставно секогаш.
За жал или за среќа Дина е во Сараево.
Јас и Јасна јадеме во “Форнети“ пред да заминеме да си го решиме животот.
(Не ни се јаде, ама на празен стомак( на гладно срце)...
И си молчиме, си молчиме, си одиме и си молчиме, седнавме и молчиме...)
А не може, не може,
желбата да се згазиме себеси посилна од се е.


А јас и ти мој безусловно, безобврзно љубен
се уште си ги чешаме осипите
од алергијата на нервна база,
а знам, проклето знам, дека сега во моментов мислиш(седеш)
под старото розово дрво во Луна Парк
додека го гледаш нашето неродено дете,
кое ти е изговор за секое бесцело излегување(бегање) од дома
и седење во паркот,
премален од пролетната анемија.
А тогаш ми ѕвони телефонот.
Ми ѕвониш да ми кажеш дека ме чекаш како тогаш.
Јас не одговарам на повикот, но доаѓам...
Знаеш, - велиш,
еден гудачки квартет за ситни пари свири во ГТЦ.






Моите нормални скопски другарки



Уживав во кафето на Јасна
и нејзиното предавање за Едгар Алан По
иако за јаболка велеше јаболки
притоа не заборавајќи секогаш, ама баш секогаш,
да ми каже дека знае како е правилно.
Да - таа знае како е правилно,
мојата божица Хера.
Исто како и јас шо не можев во рамките на литературниот говор да го врамам што.
Ги обожавам „Еднооки“.
Тука мора да има црвено
вреска мојата Ана
и се фаќа за ножиците
за да ми го отстрани вишокот коса.
Сега прочитав на ФБ дека за нокти, коса и маж не се жали...
Со ноктите немав проблем.
Сега кога не сум ја видела Ана од нејзината свадба,
колку ли само вишок коса имам?!


Дина, Јасна и јас
Газиме по крцкавите лисја по Кеј
додека брзаме на вежби на Кале
Дина на шега ми дофрла, „во Прилеп немате толку лисја“.
Првиот мој Скопски октомври.
Нервозна жена вришти од зад нас да и’ направиме пат.
Не бил цел пат наш...
Но сега знам дека тогаш, баш тогаш
патот беше само наш.
Немаше ѕвезди,
а немаше ни резултати од првиот колкоквиум.
Секој вторник додека јадевме бурек во “Росана“
јас ги израмнував моите кори
со нивните јувки.
Ги правевме секое лето,
дури е жешко – побрзо да се исушат.







* * *



Кога ќе поминат години
минутите чекање не се повеќе важни
можеби се паметат само датумите
од сега ќе се огледувам само на огледалото во амамот
таму бев најубава.
Кога пораснав сфатив дека било од светлото.
Ми велеше срцето не било камен.
И сега знам,
сега кога еден на друг си ги чешаме
пликовите од алергија на нервна база
по не знам кој пат заклучуваме
има хемија меѓу нас.
Секој декември,
откако знам за нас
сме заедно...
колку само нестрпливо го чекам декември!






Непоправлива

на другарка ми БП



Среќа нееднакво математика
живеј ја
без оглед дали ти паша
или равенката ти се чини не точна.
Јесте да.
За жал принципите на математиката ги разбирам
но среќата,
Јок, вала
тотал мистери.
Скрос.
И не е не!
За математиката треба знаење
А за среќата незнаење.






Кон циклусот долгото преболување на една љубов

(На Дојран и Дојрана)



Раѓањето и смртта не познаваат згодно време.
Тие не чекаат, како јас, да дремнеш по ручек
за потоа ти се јават да те прашаат како си.

Бев навикнала сонцето да зајдува во езерото...

Но овде секое утро се будев да го видам чедото на Дојрана.
А пржеше во осум часот како секоја твоја лага,

како секое твое лажно ветување,
а и покрај тоа јас премногу го сакав сонцето... исто како што те сакам тебе.
Сакав и да бидам будна кога работниците од казиното се враќаа дома...
Оти од премногу гости, наместо, да спијат во кујна на душек
работеа ноќе – и помал дел од ноќта го поминуваа во кујната.
Твоето навежбано извини, без значење,
И мојата слабост на тебе...


Додека јас демек ја погребав мојата безусловна љубов за тебе
готвејќи ја твојата омилена риба
да ја украсам корпата за отпадоци,
ти од сите мажи на светот баш ќе налеташ на тој едниот,
единствен
за никаде шо ќе ти го создаде впечатокот,
да не речам дојемот - а ќе речат хрватите,
за сите останати... а тие другите не се такви, да не речам никакви, како него!

Р.Ѕ. Јас не генерализирам.

Живот... нешто низ кое треба да поминаш со насмевка,
како стујардеса која знае дека нешто не е во ред со авионот.
Од една страна животот е краток - живеј го, од друга страна
трпение - спасение!
Една слика илјада зборови!
Не е се така како шо изгледа!

НЗС?!

Се’ беше рутина и истрајување: награди за тупоста беа сигурноста и извесноста.






Винета Огненоска е родена на 24. 12. 1980г. во Прилеп каде и завршува Гимназија. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Активно учествувала во работата на поетскиот кружок „Мугри“ во рамките на Филолошкиот факултет. Работела во невладини организации, кои работеле со деца, приближувајќи им ја литературата на децата. Работела и како професор по литература во Средно училиште. Била уредник на списанието за културализација на заедницата „Абажур“ од Прилеп. Покрај што својот пишан збор го објавувала во „Мугри“, „Абажур“ и месечната периодика објавува и во списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, во издание на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, каде и беше еден од уредниците.
Последниве три години учествува на Струшките вечери на поезијата во рамките на „Ноќите без интерпункција“.

Tuesday, September 20, 2011

Константин Лошков

ЖИВОТОТ Е ЗДОДЕВЕН



Уличниот свирач свири
и кога му се ладни прстите
Даскалот зборува
и кога му се уморни усните
А јас си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.

Џабе ми се сите приказни
кога немам кому да ги раскажам
Попусто е се што знам
кога немам кому да му пренесам,
па си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.

Дождот врне и на убав летен ден
цвеќињата се сушат напролет
А јас си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.

Ми треба нова авантура
во овој град на диктатура
но никој нема што да понуди
Ги облекувам чевлите
ќе ме одведат каде ли не
се надевам право кај тебе.

Возот си трга и кога нема патници
во градот без луѓе градат висококатници
А јас си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.




ПЕСНАТА НА СРЕЌНИОТ ЗЕМЈОДЕЛЕЦ




Одамна, кога ќе заврнеше пороен дожд
ќе облечев гумени чизми и ќе направев хартиен брод
ќе се плескам во вирови дур не се намокрм ко скот
сега сум сиот в неспокој
се грижам за посевот
не сакам градот да ми го уништи трудот мој.

Ми велат симни се во градот осигурај го плодот
им велам не одам таму, не го знам кодот
Ќе си останам каде што сум
се што ми треба е мојата куќичка од слама.

Си пишувам песни и прикаски кратки
деновите се долги, а ноќите глатки
Овде сите ме помнат по моето старо име
Имам злато од мојата баба го чувам за тебе сине
Кога врне од дрвјата се цеди сон а не капки
кога сонцето грее растат ливади златни
Си шетам низ шуми и ловам зајак и елен
нема закон што ќе ја стави раката на мене
Понекогаш сум осамен, но тоа не ми пречи
што сакаш мисли, што сакаш за мене речи
Имам четири деца, имам седум ниви
чувам патки и пчели, имам овоштарник со сливи
Имам коњ, сокол и девет кучиња хаска
кога ќе падне снег ме влечат со дрвена санка
Мојата жена е најдоброто нешто што ми се случи
таа не е човек туку самовила има шилести уши
Но сето ова може бргу да се стори во пламен
ако дојде олошот од градот ќе се борам со дрво, со камен
Не дозволувам никој да ми го земе
она за кое на труд и мака сум потрошил време.

Кристина Гацова

Мало девојче и ној

Ќе искубам пердув од опашката на нојот. Од крилото и од вратот.
Ќе издлабам дупка во спомените на нојот. Една под крилото и под вратот.
Ќе изронам семе диво во очите на нојот, во крилото и
во вратот.
Ќе никнам ко р’кулец во утробата на нојот. Еднаш под крилото и еднаш
низ вратот.
Ќе живеам во клунот на нојот. Понекогаш под крилото, а понекогаш околу
вратот.
Ќе дишам со шкргите на нојот. Можеби со крилото, никако со вратот.
Ќе те носам под ноктите на нојот. Од крилото до вратот.
Ќе те чувам во цревото на нојот. Зад крилото далеку од вратот.
Ќе те излачам како киселина во желудникот на нојот. Без крилото и
вратот.

Чинам, премногу долго ја играм оваа игра. Семето е јалово, веќе не р’ти,
крилото е скршено, вратот свиен, очните дупки се празни, шкргите мувлосани,
ноктите искршени, цревата преплетени, киселините скиснати, спомените
избришани. Нојот се тетерави под тежината на последниот пердув. Клунот се
вкочанил не сака да исчезне.

Иван Антоновски

УШТЕ ГО ЧЕКАМ

1.

Во ек на плодност за копнежи,
две различни стрелки
бесрамно водат љубов,
легнати една врз друга
на мојата рака, свртени кон север.

Го чекам!
Ќе дојде Човекот,
иако никогаш не ми го најави
времето на неговото пристигнување.

2.

Чиниш, во чекање минал векот,
а дур тогаш од дворот на црквата
во која не сме крстени ние,
ѕвоната со пискот се гласат
и бараат нов простор за ехо.
Новороденче умре ил мртовец се роди,
отпочна денот ил осамна пладне -
привид за нови почетоци.

Уште го чекам!
Да, ќе дојде Човекот,
иако никогаш не ми го најави
времето на неговото пристигнување.

3.

Дур на старата кула со изгубен клуч
срцето заробено и’ потонува в сон
и од осаменост, престанува да бие,
од другата страна,
гласници непратени од Бога
во негово име се јавуваат
- нова најава за некој нов почеток.
Ил е нов ден, ил некој си дозволи
пак на денот да му суди
и да го сече со невидлив меч
што само плашливиот
може да го види.

И да, јас уште сум тука!

Го чекам Него,
иако никогаш не ми го посочи
ни местото на неговото пристигнување.

4.

Локомотивата крикна ко за последен пат
и во крикот нејзин се слушна бол -
сенките на мојата надеж заминаа
со последниот, пладневен воз.
Не ми рекоа збогум,
а знаеа каде ги водат
- на стрелба со тивки истрели
што носат бавна, а сигурна смрт,
ко прослава за торжествен триумф
на воскреснати сеништа.

И пак останав сам
и уште Него го чекам,
иако не ми посочи ни време, ни место
на неговото триумфално пристигнување.



*

О, проклет нека бидам!
Се изгубив ли меѓу времиња
растргани во невреме
ил на профано место
очекував прва света средба?

Или можеби...
Тој ми се најави
само во сонот што никогаш
не го отсонував до крај.

Уште го чекам...



НЕРАЗУМНА МОЛИТВА ЗА НЕРАЗУМНИТЕ

Те молам да ми се смилуваш,
иако никогаш не ме увери
дека знаеш што е милост,
а и за неа велат дека
Ти си ја создал.
Доземи им го разумот на неразумните
што решиле да ми судат
за дела несторени во неразумност.

Знам дека ќе ме осудат,
ама доземи им го...
Да не им текне казна со пранги
од кои коски се челичат,
а тлото се крши,
ниту острови на кои
камења со коски се кршат.
Тоа денес,
вистинска казна не е...

Те молам и ако треба
и во твоето постоење те колнам,
одземи им го и тоа сал малку разум.
Казната моја, очи ископани нека ми бидат
- и јас да видам виделина.



ПОСЛАНИЕ ДО ЕДЕН ПЕС

Еј, ти скитнику
со раскрварена нога
што одиш крај одарот
на моите предци
и трчаш пред мене
дур јас одам по нив,
па ме погледнуваш тажно
и застануваш од милостина
за да не плачам сам,
не запирај, не чекај...
Оди!

Оди таму каде што
мирисот на земјата пресна
по ветрот те вика
и чекај крај браздата
во која лежат силуети
обоени со боја од скрб.
Во еден миг
на времето што иде,
поворка од луѓе
облечени во бело
ќе дочекаш таму.
Бајрак ќе носат,
а на него јаболко
пресечено ќе стои.

Пискот ќе чуеш тогаш,
но не од плач,
туку од зурлите нивни,
направени од оревот
што ми е врсник.
Тие песни ќе пеат
и оро ќе свијат,
зашто еден близок нивен,
со Мајката своја,
повторно ќе се жени.
А пред нив,
мене ќе ме сетиш,
но немој да лаеш и ’ржиш
- остави ме во спокој да тонам,
оти дури тогаш,
со дедо ми мој
за првпат ќе се сретнам.

Кога ноќта ќе дојде,
најди починка за својата снага
- спружи ја онаму
каде што земјата е најмногу мека,
па почекај таму
да минат неколку студени лета.
И кога гладта
со бес ќе те буди
за да посегнеш
по сенката ти твоја,
под неа, ти почни да копаш
- со шепите твои,
во иструната лулка,
спасението ќе си го најдеш.

Се дур можеш,
ти крвнички глодај
и не запирај од жал
- исцицај ја сета с’рж
што ќе има вкус на живот
и мирис на недореченост,
па ќе сетиш како
една душа - скитник,
во твоето тело
си наоѓа нов дом
и од родот свој
ќе се одречеш.

Потоа не останувај таму
и не биди нем -
појди меѓу новиот ти род,
потсети го за припадност
и обзнани едно ново воскресение.
Со лаењето твое
можеби ќе гризнеш една Совест -
случајно заталкана по истите патеки.




ЗАКАНА ИЛИ ЗАПОВЕД - ОДБЕРЕТЕ СИ САМИ


Иако одамна нарачавте
ликовите да ви ги зуграфисаат
на фрески во храмови
во кои кандила само по полноќ горат
и во кои на крштевки,
опело за парастос се пее,
а по телата ваши
фигури на идоли да направат
и крај извори да ги постават,
за во минутите на глувото доба,
девици на жртвопринесување да одат,
не сте ни богови, ни светци.
Па затоа не коленичам пред вас
и речта моја која ушите ви затворени
ја слушаат како молитва на страдалник,
како закана или заповед ја изговарам -
одберете си сами.

Не правете од мене метафора
за да им дадете смисла
на мноштвото ви бесмислености,
ниту неправилен сврзник
за да создадете ред
среде мисловното ви безредие.
Не ставајте ме на почетокот
за да ви ја влечам сета тежина,
ниту на средина - меѓу две запирки
и мал избелен простор,
зашто таму ќе ме задушите,
ќе ме обездушите...
Но, не немојте ни на крајот
за по мене да ставите точка
и со неа да ме обезгласите
или пред три точки
за некои трети да ме докрајчуваат.

Не цицајте ме кога
исказите ви се жедни за семантика -
не сакам да останам саде форма.
Не распнувајте ме, не растргнувајте ме
на две различни страни,
со една цртичка
- греда среде мојата срцевина.
Така од мене студена крв се точи
и живот им дава на тие

што неуморно лежат под мене
- рожби на блудта во дамарите на свеста.
Не сакам да им бидам Спасител
- недостојна ми е таквата смрт.

Не ви е грижа за мене?
Знам!
Не ме создадовте вие?
Знам!
Ме создадоа вашите Предци.
Оставете ме, фрлете ме,
заборавете ме, витосајте ме...
Јас ќе умрам, ама тие пак ќе се родат
и пак ќе ме создадат
од пепелта под кладите
на кои гореа моите Мајки,
тогаш кога вие не ќе постоите.
Дајте ми да бидам самотник,
сал обичен збор ил обичен знак -
нешто што укажува на нешто друго.



Иван Антоновски е автор на пет поетски збирки: Детски мисли (Скопје: Детски парламент на Македонија, 1999); Детско пријателство (Битола: Клуб на писатели „Стале Попов“, 2000) - прва награда на анонимниот конкурс за поетска збирка распишан од Клубот на писатели „Стале Попов“ од Битола; Детски исчекори (Битола: ИК Апекс, 2001); Треперења на природата (Скопје: Ревија Екологија и МАНАЈА, 2002) и Кога те молев да пораснеш (Скопје: Македонска реч, 2007) и второ издание (Скопје: Македонска реч, 2008).

Неговата најнова поетска збирка е објавена и на српски, односно бугарски јазик: Kad sam te molio da porasteš (Niš: Niški kulturni centar, 2008) и Когато те молех да пораснеш (Мелник: ИК Мелник, 2008).

Антоновски е автор и на прозното, двојазично дело Низ големото око на Велика Британија (Скопје: Македонска реч, 2005), како и на сликовницата Моите кловнови (Битола: ИК Апекс, 2001). Приредувач на изборот фолколористички материјали Traditional tales and legends from Macedonia (Скопје: СУГС Гимназија Јосип Броз - Тито, 2008) - превод на англиски јазик.
Негова поезија е објавена во списанијата Стожер и Современост, а во превод на други јазици во: Градина (Србија), Ирин Пирин, Новиот Пулс, Словото (Бугарија) и Книжевно перо (Хрватска). Неколку негови песни се поместени во повеќе антологиски избори на македонската поезија, а некои од нив се преведени и на бугарски, односно влашки јазик. Антоновски е и преведувач и во својата преведувачка актива, во досегашниот период има забележано препев на неколку поетски избори (српски јазик) и едно прозно дело (хрватски јазик).

Во досегашниот период, тој има учествувано и на повеќе научни собири од кои повеќето се од меѓународен карактер, а голем број негови трудови се објавени во периодичните списанија и во зборници. За неговите досегашни постигнувања тој е награден со повеќе државни и меѓународни награди. Истовремено, Иван Антоновски е и соработник на неколку печатени и електронски медиуми, а членува и во неколку невладини организации. Од октомври 2009 година, тој е најмлад член на Друштвото на писателите на Македонија.

Александра Спасеска

Севдалинка


Што да е, сон да е
со рацете калосани
не го валкаме
со рацете што галат
рацете што севди палат
рацете што соној садат,
подај ја потаму
погачава
со солзи месена
на насмев печена
неречена.
фати ми ја ракава
од извор ладна
од камен груба
од земја кална,
ти, забораваш,
земјата најчиста е.
ти, замаен
во градот голем
ти, задуман
туѓ си сторен.


јули, 2011



проста песна


турни ме во твојата горчина
тури ми пепел
(до)толчи ме со
твоите отровни зборој.
трај си, трпи си
трпи си, трај си.
и се така
едно по едно
ден за ден
прекутрупа живеачка
без гламна во очите
со кал под ноктите
со промаја во душите
без леб во устите.
И пак насабајле
земи си го крстот
и по друм, по пат
на плеќи носи си го
оти твој е
оти за друг не знајш
оти на страна не се опулуваш.

радуј се
пусти се,
пуст остани во радоста
кога ништо друго не останува
во нашиве празни раце
во нашиве празни куќи
во нашиве празни дворој.


јуни, 2011




Јазол



Слушни, има некој пред вратата.
-Јас сум, молкот и немирот.
Јас сум ти потта на челото,
глогот во дланката,
грчот во утробата.

Драги, има некој пред вратана.
-Јас сум, зборот и молњата.
Во стравот клетката,
на похотата мешунката,
на здивот јатката.

Знам. Стои пред вратава.
Неканетата.
Пушката откочена.
Вода неистечена.
Крвта стајана.
таа е, песната.


февруари, 2011




Чекање


Кога доаѓаш,
понеси со себе скрб и солзи,
откопај гробнина,
од неа земи го јадот
и фрли го бегло
на пците крај патот.
Исцеди мачнина
од рацете во мракот
збогум што ти велат
и суви се подаваат
на куќниот праг.
зауши го мајчиниот глас.
раскини го татковиот стисок.
Таму нема бели утра за тебе.
Таму нема в поток студена вода
за твоите севди-жарој.
Таму нема спокој
за твојот момчешки ад.
Сал ѕидој од молк, ѕидој од мака.
Згрчени усни во непрснат вик.
Свиени жили по сончевиот сач.
Стуткани очи зад неонски сјај.
Овде има неродени утра.
Овде има неисплакан јад.
Овде има два извора сушни,
од твоите зборој ќе потечат пак.
Земи го, либе, последниот здив,
кинисај по темница, потамина оди.
Подај го викот на громот, на огнот
и моето срце ќе распламти в мрак.


мај, 2010




Црвена Марија



Росна и алова, прва овенува.
Јадра и сладна, в уста згорчува.
Гола наспроти ветрот, нескршена.

Во стракот цвеќе, божуриката.
во грст цреши, црвливата.
од гранките на оревот, јаловата.

Грев и јарост скалемени,
во рацете прекршени
во катадневна молитва,
а таа богови немаше.


април, 2011






Александра Спасеска, родена во 1984 година во Кавадарци, израсната во Прилеп, живее во Скопје.

По професија вели дека е преведувач и сонувач. Поезијата е начин да го живее ова второво.

Ели Василевска

БРОДОЛОМ


Го испратив погледов
Да плови по Вселената.
Оттаму не се врати:
Патем бура наишла
Бродоломник тој останал
Далеку, најдалеку -
По копно да копнее
Сред вода да жеднее
Под сонце да темнее
И сè тоа ќе поднесе
Само да е далеку
Подалеку од тебе.




ФЕРМЕНТАЦИЈА


Јас бев
ситната сенка протегната
од подот
кон ѕидот залепена
врз студот
и немирот окована
за твоите
стапала, а понекогаш
за ножните
прсти како тогаш
кога се
поткрена на нив
посегнувајќи по
мојата коса, која
некогаш ми
беше израсната до
половината.



СЛОБОДАТА


Во мојата глава нема Мозок
Само меко бело Облаче
Кое го скрива Сонцето
Кое е премногу светло и топло
Но сега не може да ги протегне своите Зраци
И да го допре црвениот Цвет
Чии Ливчиња се цврсто стегнати
И не го пуштаат заспаното Бубаче
Кое ја помина ноќта таму
Да излезе надвор
И да ја вкуси
Слободата



автор: Ели Василевска
Родена во Скопје, на 06.10.1982. Дипломиран филолог на катедрата по Општа и
компаративна книжевност, магистрант на студии на културата при институтот Евро-
Балкан, Скопје. Пишува поезија, кратки и подолги прозни текстови и есеи.