Friday, September 28, 2012

Небојша Стојаноски Мајор

Статуа од стакло

Огнени умови летаа тој ден над песокта,
Опашките огнени им беа и немирни,
Се вкрстуваа, па се разидува.
Некои изгоруваа, други се смалуваа, трети само згаснуваа.


Имаа форма на триаголник кој се движи
Вертикално и хоризонтално.
Бегаа од брановите.
Тие што не згаснуваа беснееја и морето ги гасеше.
Малечките стануваа проѕирни.

Неколку од малечките кои не исчезнаа,
Над песокта прелетаа и голем оган запалија,
Песокта ја растопија,
Од неа стаклена статуа направија.
Статуа шарена како виножито.

Статуата зеде сито песокта ја чистеше.
Статуата проговори: ,,Ова е можеби крајот,
Или слепите очи на очајот“.


Градот на јадот

Го поминав мостот и се најдув во чуден простро,
Место некако чудно јалово, а небото тој ден беше вознемирувачки алово.
Алово беше поради сонцето кое чудно го грееше.

Одејќи со чекор лесен пред мене се испречи пат лесен и една уличка малечка и проѕирна.
Беше малечка поради куќите што беа една наспроти друга.
Беа една наспроти друга, а и имаа по еден прозорец, на прозорецот дамка, до прозорецот лице, на лицето јазик, а над јазикот очи и секој јазик си ја лижеше својата дамка на својот прозорец.
Јас само поминував, ги гледав прикриено и како механички да го правеа тоа.
Помислив ќе поминам, нема да ме забележат, но очите остро ме погледнаа и ладна пот ми потече и си реков местово нелогичноста ќе го одвлече.
Во тој миг, во тој ден, во тој град се роди јад.


Месечината е во мојот стомак 

Колку и да врие крвта
обоена со боите на романтичарските занеси
моето тело не може да летне до месечината
и да проба од нејзиниот сребрен прав,
афродизијакот на лудите.

Дури и да летне телово до неа
и устава моја да ја голтне цела,
можам да добијам само чир
од свежо голтнатата месечина
што би се варела лошо во мојот желудник.


Небојша Стојаноски Мајор

Monday, September 24, 2012

Славица Гаџова

ЧУДЕСНА ЗЕМЈА 


Твојот север и мојот југ
една чудесна земја
Моите палми и твоите борови шуми
еден мал рај
Моето езеро и твоите планини
што си ги испраќаме по смс пораки
Твојата порцеланска кожа
и моите бемки - бакнежи од сонцето
Твојот север и мојот југ
Свеж ветрец
мелем за раните од јужните пожари
една чудесна земја
твоите прсти на пијанист и моите мали стапала
твојата неподнослива бавност и мојата остра лутина
сино сонце и црвена месечина
една чудесна земја
еден мал рај


твојот север и мојот југ







НОВА ОДИСЕЈА 


Јас,
твојата пост-модерна Пенелопа,
те чекам патувајќи
патувам чекајќи
да ги победиш своите Сцили и Харибди
да се спасиш од сиренскиот пискот
те чекам на отворено море,
слободна и верна
мој Одисеју
те чекам пловејќи
пловам чекајќи
го наѕирам твојот кораб на хоризонтот, Одисеју
те чекам
заедно да го бараме нашиот остров
да го измериме патот
да ја најдеме точката на вкрстување меѓу
хаосот на мојата пулсирачка утроба и космосот на твојата дисциплинирана мисла
таму да ги закотвиме корабите со различни знамиња


со помош на твојата мудрост, мојата фантазија,
и боговите на Геа,
кои со прст исцртуваат нови мапи на секој мој крик
кога чекањето боли
кога ми недостигаш


да ја достигнеме нашата Итака



ПРЕВОД 


Низ тахикардијата на граматичките грешки

аритмијатата на неусогласените акценти

врз белите листови на неизвесноста

моето срце се преведува себеси


тик так тик так

тик так тик так
т
т
и

к
т
т
а

к
т
т

к
т





ПИСМО ШЕСНАЕСЕТТО 
 на баба ми Сотирка


Најмила моја бабичке,
го чекаше својот љубен со години
неправедно осуден
да излезе од решетките
успеа
да го здиплеш како што ги диплеше алиштата
космичкото пространство на трпението во малите атоми на желбата
научи ме да чекам
научи ме да чекам
да дочекам
проѕирните врати да се отворат
да се отклучат проѕирните катанци
кажи ми, прати ми абер
научи ме
како да го здиплам, како што се диплат алиштата
космичкото пространство на трпението во малите атоми на желбата




ПИСМО ДВАНАЕСЕТТО 


Најмил Блаже,


не е само Дојчин, не е само тој
расфрлан на тврда ледина
раскостен коска од коска
не му требаат само нему
триста лакти платно


Сега е поинаку, најмил Блаже
сами се повиваме со триста лакти платно
сами се составуваме секое утро
и одново учиме да одиме секој ден


После пак,
расфрлани на тврда ледина
раскостени коска од коска
се повиваме
се составуваме
се расклопуваме
се склопуваме
се разболуваме и оздравуваме
се цртаме, навечер ја вадиме шминката со влажно марамче
се облекуваме и соблекуваме
градиме тврдини околу себе и сами ги уриваме


Ангелина,
најмил Блаже,
сe уште ја повикуваме,
Дојчин не знаеше,
ние знаеме

дека нема да дојде

Славица Гаџова (1984, Битола), магистер на филолошки науки, докторанд на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје и надворешен соработник на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Република Словачка. Се занимава со истражување на односите меѓу книжевноста и дискурсите на моќта, репрезентациите на политичкото насилство во книжевноста, односите моќ-знаење-вистина во рамки на прозата, како и интермедијалните релации меѓу романот и филмот. Објавила над 30 книжевни студии, есеи, критики и осврти во периодиката во земјава и странство. Пишува поезија и кратки раскази и добитничка е на неколку домашни награди (меѓу кои, награда за краток расказ на „Нова Македонија“, награди за есеи Блаже Конески на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје и на списанието „Корени“ од Куманово). Учествувала на Струшките вечери на поезијата (2008, 2010 и 2012), фестивалот за алтернативна уметност Фрик (2010) и Светското поетско движење (2011). На Струшките вечери на поезијата во 2012 година, ја добива нововостановената награда Енхалон, за најдобра песна од млад македонски автор, за песната „Писмо дванаесетто“, од поетската книга Писма, (2012) година, во издание на ПНВ Публикации. Славица Гаџова зборува осум јазици и соработува и со неколку издавачки куќи како книжевен преведувач.



Жаклина Свеќаровска

Живата плот на зборот

Тешко е да се роди вистински збор,
збор што умее да застане простум
и на свои нозе да зачекори,
збор во кој се возљубуваат вистината
и вината на родот човечки.
Оти, вистината во зборот е сокриена
небаре коската во месото што е,
невидливо во бовчичка го подврзува
и собран на купче го држи.
А кога сите три очи ќе насолзат
од грутката чад со боја на ’рѓа
во грлото засирена,
затоа што во едното само коски тропаат,
на другото му се превртува утробата
поради крвта што капе од чингели месо
додека третото е ослепено од болка,
воздухот се претвора во модра воздишка,
во море од воскреснати зборови,
па човек напразно ја бара околу себе, во себе
живата плот на зборот:
плот од вистина како коска во месо сокриена,
обвиена со жили и мускули од оган и од солзи,
од соништа и заблуди, од копнежи и борба,
плот полна со трпет и страст...
Напразно е тогаш да се бара збор
кој умее да застане простум
и на свои нозе да зачекори.


Белег од раѓање

Како кога среде зрак светлина
невидливата прашина
во полутемната соба станува видлива
блеснуваат сништата
што ги носам ко белег од раѓање
зборовите
течат низ грлото небаре греано вино
и трпкаво се лепат за горното непце
додека ги вдишувам и издишувам
како единствена вистина
што ја сеќавам низ дамарите -
не за да судам, и не за да ми судат
(мојата вистина не е и твоја,
твоите сказалки не се создадени
да го измерат моето време),
туку оти само така умеам


Соба со огледала

Тезгите во пазарот се огледала:
небаре низалки суви пиперки
распослани под неговата стреа
созреваат нашите вистини
за потоа,
соблечени од товарот на зборовите,
да мижуркаат печејќи се на сонце
како рој муви што непречено пладнува
врз срцевината од парчиња бостан.
Сетики Бог е бавчанџија, помислувам,
а парчево земја што ни го држи коренот-
лубеница што му се стркалала од кошот,
па распукнала меѓу ридиштава,
црвена и копнежлива,
распрскувајќи го насекаде своето семе.


Трагична сложувалка

Празнината е преполна самотија,
пулсира во слепите очи на денот
ширејќи се како зеница
за здив светлина залебната.
Играта засркнато го подголтнува стравот -
на моите кукли им пораснаа канџи
и вилиците чкрипливо им се склопуваат
околу парчињата дрчно откинато време.
А јас сеуште, делче по делче,
ја собирам сложувалката со човечки лик
додека на дрвото зрее јаболко
и црвот вселен во него
ме нагризува со сознанието дека залудно е,
оти секојпат ќе недостига барем парче,
а празнината раззината од таа темнина
ќе ме впие небаре вчудоневидена понорница
испиена од камењата на патот нејзин
и пред да успее да види море.


Избрав да љубам

На песокливиот брег од еден сон
се претурам од дланка во дланка
за да течам,
додека ветрот, зрнце по зрнце,
ме одзема од топлината на рацете мои...
Никојпат не посакав
да се откинам од невидливите конци
длабоко врежани во месото
на во кожа преоблеченово траење:
она што не го гледаме, не значи дека го нема –
во некои видов Човек
повеќе од самите тие што можеа да видат.


Небо

Понекојпат, признавам, бегав:
некојпат од себе, напати од луѓе,
а глеј, тие со модар конец
се впишувале во порите:
кожата на моите спомени
налик е на мапа од некое
сосема ново соѕвездие
Секој чекор и отчекор
разбудиле по некоја ѕвезда
заспана таму само за мене
Кога докрај
ќе се расточам во модри линии,
кога ќе ги разбудам
сите огледала на Сонцето
Небото пак ќе стане кружница,
а последна светлина
што ќе згасне во погледот
ќе биде насмевката на бескрајот


На дланката ми расцуте гулаб

Откога место збогум
ме целива со венец од трње
и во знак на поздрав ги изми рацете
товарот зборови
што го понесов како јазол во грлото
во песни почнав да го затворам,
небаре пораки на бродоломник,
а на дланката ми расцуте гулаб.
Ги наполнив сонце
сите пукнатини во погледот,
ја истрижив живата ограда прашања
и на секоја страница го видов мојот лик
оти секоја страница од Книгата е огледало
а моето срце е срце на човек
и само до таму може да види
Не се бришат слики врамени во огледала
не можат ниту да се пренапишат,
но секоја страница е нова слика:
додека го спуштам товарот меѓу брановите
се присетувам на едно чекорење по ридот
што симболот на срамот
го претвори во симбол на вера, надеж и љубов...


Жаклина Свеќаровска

Wednesday, September 19, 2012

Конкурс за поезија “Поети за промена“


Поети за промена заедно со ЛУ Градска библиотека Благој Јанков Мучето, Струмица распишува конкурс до сите основни и средни училишта од градот и регионов за песна на тема промени.

Темата треба да обработува содржини од општествениот и социјален живот, мирот, одржливоста, природните ресурси, заштита на планетата Земја. Проблемите поврзани со глобалното затоплување, природните промени, со содржината на ранливите групи, желбата за поубав свет и подобро утре!

Дел од поезијата ќе биде прочитана на настанот кој е организиран во рамките на глобалната манифестација 100 000 Поети за промена, кој паралелно ќе се случува во многу градови, држави и континенти во светот на 29 Септември 2012 година.

Струмица е веќе втор пат дел од ова глобално движење кое служи за подигање на свеста кај младите и постарите за секојдневните проблеми со кои се соочуваме секојдневно, младите поети имаат единствена можност преку сопствената ангажирана поезија да проговорат за сите овие проблеми. Стиховите ослободуваат посебно кога во нив имаат силна порака!

Ве покануваме на уште едно дружење со Поети за промена и Градската библиотека Благој Јанков Мучето.

Вашите ракописи треба да бидат доставени на адресата poetizapromena@gmail.com до 27 Септември 2012 година. Однапред Ви благодариме и..

Посакуваме успех!

Афродита Николова

Нема овоштарници без тебе

Во крушата ти отворив гнездо
Не влегувај;
И мравите знаат како е да се преживее на среќа
не е среќа да денгубиш во жолтите круши над твоето
срце,
срце не е, така изгледа црвената пламена
печурка од твојата уста.

Гледаш ли Маја, морницо моја од цвет
развиорена во седалото на орелот
грабливко на туѓи распаднати цреши
меѓу твоите жолти гради.

Маја, гледаш ли,
нема овоштарници без тебе, нема отрови што удираат по темето
На самраците од кал,
На самраците од водени капки,
На деновите без вода.
Маја,
Суша е овде;

Црв сум што
гнездо си всади меѓу твоите гради
Црв сум
што рие-
само сопствени одлутани цреши.

Омајнина, 2010


Средба

Денес убив една мушичка;
Лежев на терасата и хорот од
микроорганизми во земјената саксија
со земја пееше погребна песна;
Знаев дека си тука,
а не верувам во реинкарнација.

Омајнина, 2010


Некогаш

Некогаш ќе станам
и ќе зборувам за стапки и бродови,
за светилници.
некогаш ќе земам
чевли од пред прагови.
ќе оставам чевли пред џамии.
Некогаш ќе ме видиш
на улица забулена и
нема да ме познаеш.
и мислиш дека сега
ме знаеш.


Рамноденица

Скрши го лебот од осилото шепоти и на осата
утре
кога

ќе ја остави смртта на мојата лева дланка
во лебот
мовот

од твоите воздивнувања децата ќе го грешат
за мувла
зад прозорците

од трпезаријата немо ќе лечат кога заспиваат
осите
на прагот

наследени алергии и украдени спомени:

ти во црвен фустан бемка на левото
око
во моето

полињата каде го оставивме детството на
предците со мекото од лебот ги храневме
птиците

со мекото од телото и срцата децата лажејќи ги:
ова е моето тело
земете го.

Долго после тоа ќе ги спуштаат главите
и завесите

ќе го зајдуваат сонцето секогаш околу 5 часот
знаејќи
дека

во темнина сите ликови од семејните фотографии
не гледаат
а не склопуваат очи.


Афродита Николова е уметник што пишува поезија и проза. Има објавено една поетска збирка која ја освои наградата „Лесновски ѕвона“ на конкурсот во чест на покојниот македонски поет Чедо Јакимовски и беше издадена на македонски, 2010.

Таа е професорка по англиски и еден од уредниците на книжевниот додаток „Ш“ што се објавува во склоп со независното студентско списание „Излез“. Го сака театарот и сценската уметност воопшто. Има учествувано во неколку претстави, како дел од две аматерски театарски групи во Скопје. Ја сака музиката и сликарството, и си чува стари водени бои и сонови во фиока. Од неодамна и гитара ѝ се најде на поклон, но досега си седи заклучена во соништата од фиоката.

Таа ги поддржува образованието, креативноста, разноликоста и мирното разрешување на етничките конфликти на Балканот. Некои есеи од овие области, како и дел од творештвото, се објавени во „Излез“ и списанието посветено на невладиниот сектор во Македонија.

100 000 Поети за Промена, Струмица 2012

Како што знаете оваа година ќе се оддржи втората по ред манифестација 100 000 Поети за Промена, дел од глобалната манифестација 100 Thousand Poets for Change, која е глобална манифестација со досега потврдни 800 манифестации во вкупно 115 држави. Манифестацијата има за цел да се шири и да ги мобилизира сите поети ширум светот, а досега во Македонија се вклучени оние кои се желни и имаат волја да бидат промената која сакаат да ја видат во светот или најмалку околу себе.



Промо видеото (англиската и македонската верзија) се дело на Небојша Стојаноски Мајор, кому сме му вечно благодарни и се надеваме да го видиме на читањата кои треба да се случат на 29 Септември во Струмица. Поради проблематичното време сеуште се дискутира локацијата на настанот, во зависност од климатските услови ќе решиме дали настанот ќе се спроведе на отворен или затворен простор.





Напоредно со видео промоцијата се отворени конкурс за дизајнерско решение на плакатот и флаерите за оваа година, како и конкурс кој е распишан до сите основни и средни училишта во Струмица и регионот. Првото читање на 29 Септември би требало да ги мотивира младите поети од градот до го кренат својот глас со силата на зборот и поезијата која ја творат. Креативноста од секогаш била најдобрата алатка за мапирање и решавање на проблемите кои секојдневно се раѓаат во општеството.

Да бидеме гласот на глобалните промени и оваа година!


Својата поезија, плакати и флаери може да ги испраќате на mail-от poetizapromena@gmail.com Да направиме уште еден фестивал кој ќе биде за паметење! Поздрав ~

Thursday, August 9, 2012

warm up: Поети за промена - Кавадарци 2012



Во сабота 11 Август 2012 година во Кавадарци ќе се случи поетски настан кој е дел од глобалната манифестација 100 000 поети за промени. Поети за промена - Кавадарци 2012 е прв од низата настани кои се планирани низ повеќе градови во државата вклучувајќи го главниот настан кој треба да се случи на 29 Септември во Струмица.

Повелете на 11. 08. 2012 г. во 19:00 часот во Градскиот парк - Костурница, Кавадарци да бидете дел од поетската арка!



Поети:
Вероника Костадинова, Надица Тренчева, Митко Гогов, Светлана Митрева, Милка Миндева, Цветанка Колева, Марјан Тодоровски, Александра Ристова. ..

* * *

и секако, секој добронамерен пријател, љубител на поезијата, истогласник!


настанот на facebook

Sunday, September 25, 2011

100 Илјади Поети За Промена

Во сабота 24 Септември 2011 година во Струмица ќе се случи поетски настан кој е дел од глобалната манифестација 100 000 поети за промени. Ова подразбира 700 настани во 550 градови или вкупно 95 држави. Сите настани се предвидени да се случат во исти ден. Оној во Струмица својата програма ќе ја започне во 19:00 часот во Старото забавиште (над киното), 20:30 часот Малиот Гратски Парк и 22:00 часот Амфи Театар.




[
video made by: Небојша Стојаноски, Дејан Станојевиќ и Александар Апостолов]

.. да го промениме светогледот со зборови, мисли... активистичка поезија, социјална, општествена опсервација на моментални состојби на умот и телото, размисли и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика.

@kihuПотру

Saturday, September 24, 2011

100 Thousand Poets for Change

„100 Thousand Poets for Change” е случување во кое се планирани повеќе од 400 индивидуални настани кои ќе се случуваат истовремено на 24 Септември оваа година во повеќе од 350 градови ширум светот.

Ваков тип на настани се планирани да се случуваат насекаде низ Балканот, како Србија, Хрватска, Бугарија, вклучувајќи ја и Македонија. Еден од предвидените настани е планиран да се случи во Струмица. Идејата е да се направи поетски рецитал кој подразбира најразлично претставување на авторка поезија од сите генерации. Самиот настан има мото „поетите за промена“ и во тој аспект поетите ќе имаат можност да направат минимална промена на свеста на општеството во кое живееме. Преку поезија можноста да се анализираат и презентираат локалните и глобалните проблеми, смртта, животот, човековите права, емоциите, неправдата... Со овој проект целта е да се види дали поезијата и пишаниот збор се доволно силни/ моќни да направат позитивна промена во државата, промена во начинот на размислување, односот на луѓето, обидот да се инспирираат и мотивираат луѓето за барем минимална промена...

За овој настан планирани се неколку начини на презентирање за кои учесниците ќе бидат информирани дополнително. Сите оние кои се заинтересирани да бидат директно вклучени во промената со помош на поезијата своите ракописи да ги испратат на [ poetizapromena@gmail.com ]

песните кои ќе пристигнат, освен што ќе бидат читани јавно на денот на глобалниот настан, ќе бидат качени на официјалната страница на овој настан http://www.100tpc.org/ како и на блоговите кои се направени специјално за оваа манифестација. оној за струмица е http://bit.ly/qHsqYL и овде ќе можат да се качат сите фотографии, видеа и поезија која ќе биде достапна за потребите на организаторот.

После официјалното завршување на настанот [24 Септември] целата документација од ракописите ќе биде архивирана во Stanford University во Калифорнија во рамките на дигиталната програма за архивирање LOCKSS
http://lockss.stanford.edu/lockss/Home


песните заедно со кратка биографија може да ги испраќате на:
poetizapromena@gmail.com

Friday, September 23, 2011

Слаѓана Атанасова

Vetar


Se karaat streite,

kavga pome|u branovite
od tvojata kosa, pla~at grankite
i sonceto spie.
Poslu{aj go zborot

nejzin,

zborot na vistinata.





Барајќи дом


Целиот живот на виното ах,
завршува кога ќе го ставиш во чашата.
Те гледам во неа си, го менуваш твојот облик
и се претвораш во лик на човек.
Дали можеби не си повеќе ти?
Но, повторно,
за кратко време се враќаш
во обликот на вино.
Смрт. Сосем безболно те турка таа во бездната,
потонуваш во тоа човечко тело кое те пие,
засекогаш,
без да го сватиш тоа, ти заминуваш.
Во Молк. Ти молчиш
и бесно се раздвижуваш низ неговите вени.
Ти не бараш храмовски градби.
Тој те гуши и сопира да се покажеш од почеток.
Подоцна се е залудно
колку и да трепериш исчезнуваш,
ти си сепак вино.
Заборав. Ветрот не те допира и не те стоплува
зошто ти не исчезнуваш во почвата
твојата гробница е човечкото тело.
Ти не постоиш веќе,
останува само мирисот на дното од чашата,
и помисли само колку тајна е вистината за животот
и кој би ти ја открил во овој длабок мрак.
Како и димот во огледало.
А, никој не ги прибира сенките талкачи,
она што ним им е потребно е безбојниот свет,
само невидливоста на нивните коски ги облекува во смрт,
само слепите очи се тешат.
Не испушта звук,
димот игра по површината на огледалото
со многу ликови
агресивен, љубезен, спокоен.
Дим и музика со многу ликови
во домот на огледалото.





Студот


Кога погледнав во шуплината од ѕидот,
без дозвола ги ококорив очите
и ја искористив сета енергија
за да ги замрзнам погледите на тажните лица.
Со бедна закана го замрзнав и погледот
на едно дете со ранливи и уморни зеници
и продолжив да ги јадам и уништувам сите молекули
со ужасно зачестување на липања кои траеа кратко.
Tоа дете во сина маичка,
седна на столот во претпоследниот ред во Света Софија
за да го слуша оркестарот од напред.
Ја нурна колку што можеше длабоко својата глава во џебот,
ги извади од него ушите па ги фрли до првиот ред
за да ја слушне симфонијата
која се движеше низ сопствениот простор
и сите присутни ги оставаше без здив.
Детето по некое време ги извади и своите очи од џебот
и ги фрли уште понапред
за да ги долови движењата на прстите.
Тие не можеа да стигнат до таму
се заглавија врз тонзурата на старецот од првиот ред,
кои пак од дебелата глава се вратија назат.
Детето од џебот го извади срамот
и бедно ја наведна својата глава
и се собра во сопстениот џеб на неможноста барајќи нов лик.
Слушајќи ја музиката, душата си ја свири на кавал,
да си ја одживее.
Не можеше да си го најде својот облик и се разнесе.
Летнаа меурчиња со младешка крв низ Светото место,
во купчиња врзоп на месо со чуден мирис.
О, зошто не умираат маките, зошто се вечни!




Снегулка



Пливам во прашината од уморот
се родив од потта на твојата сенка
живеев во утринската роса
ме прекри прегратката на невремето.....
Прости, јас незнаев дека постојам,
прости, јас незнаев дека моето постоење
ќе ти помогне да го надминеш стравот,
прости, што прерано умрев.
Но, ти викни ме јас пак
ќе оживеам.
Јас имам водена глава
немам облик, ќе дојдам,
твоја сум се топам од твојот допир
ќе дојдам да ме убиеш со нежниот допир....





Создавањето на женскиот здив


Таа солза новиот живот го зарече
Во нов лик од мајката се облече
И со отровна убавина
Го плени сето она што умее да чувствува.
Во совршен миг се роди
Одблесок на небо прати,
Ќе царува.
И зракче гордо пушти во темнината.
Бистра е солзата од која се разбуди,
Поклони се на убавините што ги најде,
Ужувај во белиот сон
Сечејќи ја солзата со остар нож
Таа се разможува и го гасен огнот
Го ублажува болот.


БИОГРАФИЈА:
Слаѓана Атанасова е родена на 27мај, 1988 во Блатец, Источна Македонија.Студент е на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет “Блаже Конески” Скопје. Објавува поезија и раскази во книжевни списанија: “Синтези”-2009 – 14, во бугарското списание “Наблјудател”- 2007 – 120, во превод на бугарски јазик, учествува во збирката поезија “Млада Mакедонска Поезија”-2009,. Учествувала на Струшките вечери на поезијата, на Бела ноќ, автор е на поетските збирки “Керубин во крчмата” -2006, и “Луѓе во вакуум”- 2009. Пишува поезија во проза и кратки раскази.

Васко Марковски

Сонце нè буди
со цртежи по ѕидот
— пораснал денот.



Сум станал факир
врз играчки на син ми
во постелата



Комшиско маче
низ ноќта мјаука
прв ден без мајка.



Јунските липи
го однеле балконот
во некој друг град.



Сонце заоѓа
зад песочни дини од
стапалки безброј.



На небо облак
како во стрипче мисла
— градот си збори



Две-три бабички
крај две-три бели стебла
— ноќна сиеста.



Камбана в зори
Навестува тежок ден.
Починал некој.



Утрински метеж
на мал селски крстопат:
Шибаат муви.



На секој балкон
по пар-два мокри чевли
— есенско Скопје.

............................................





(Стихови на англиски. Препев: Румена Бужаровска.)



A neighborhood cat
meows all throughout the night. Its
first day motherless.



A sleepy cat
lies on the hoood of a car
warming its soul.



I went to go pee
and got scared out of my wits
by the hand-dryer



The June linden treets
have taken the balcony
to some other town.



I am a fakir
lying on my son's scattered
toys in my bed

............................................




Биографија:

Јас сум Васко Марковски, човекот што ги напиша овие стихови. Живеам во Скопје, каде што се родив пред триесет и кусур години.

Не ми беше во план некогаш јавно да ги изложувам моите авто-терапевтски пориви да ги запишувам во стихови нештата што ќе ми се видат интересни, додека наваму-натаму наоѓам задоволство да поминам убаво време со самиот себеси. Од време на време ќе ги споделев записите со неколку блиски пријатели, ни беа забавни, доволно колку да продолжам да го продолжам да го правам тоа и понатаму - студентски денови! Оттогаш поминаа десетина години. Ги поминав како новинар, пишувајќи разни форми на новинарски текстови. Пишувајќи серијали со епизоди долги по стотина, сто и дваесет редови, почувствував потреба за кратки форми, нешто што ќе ми биде еден вид пишувачка гимнастика, нештошто ќе ми помогне барем во сумирањето на епизодата во поднаслов. Се сетив на хаикуто, форма што ми ја загатна поезијата на Орхан Вели - истанбулскиот пријател од времето на студиите, покоен уште пред да се родам. Набргу се сетив и на книжулето со четирите елементи - вода, воздух, земја, оган - на Владимир Мартиновски - Марта, драг пријател од по скопските кафулиња, кое никако да го прежалам - го подарив, и никогаш повеќе не го најдов во книжарниците. Решив да се обидам. Знаев само за 5/7/5. Другото тргна спонтано. Еден ден стигна мејл од Марта, со кого споделив дел од нив - покана да настапам јавно. Ме кандиса. Излегов од илегала.

Стиховите се од збирката „Корпоративно утро“..се собраа стотина.. би сакал наскоро да ја објавам. Поздрав!

Јулија Петровска



Како се сјебува испитна сесија


А муабетот течеше така фино кога:
Се појави во жолтата маичка (нова)
Сонцето.
Во сиот твој сјај.
Сокакот ме прими
и ја држеше в прегратки сета моја болка.
Месечината,
Пеплосана од твојот суров плам,
молкум потеков солзи
да и се заблагодарам на калдрмата.



Матно наутро

Рано наутро сум благодарна што измаглицата го одобрува моето присуство. Преку ден исчезнувам во метежот за штом ќе падне ноќта повторно да расцутам.



Не гледам ништо на неа
Восокот е болен
И секоја песок паѓа на дрвото
Но тоа е непрозирно.



Око мое насмеано
со срце треперливо скриено во поглед
леб и вино биди ми
ветер биди ми што ќе ми ги мрси косите…
Биди ми сонце после бура.
Скроти ја страста која во мене ја возбудуваш
или пак, ако ти е подраго,
пеплосај ме..
оти сé е во истата кутија еурокрем
(Агроплод Ресен, макар да Нутелата ми е повкусна)



Претсмртниот молк на комарецот

Како крадец ми пријде во темнината
Со звукот на својот немир
ја тешеше мојата несоница
нестрплив да се впие во мене
да ја вкуси топлината на мојата крв.
Маневрираше не слутејќи
дека опасна е неговата наслада
бззз… бзззз….
Неговата радост одѕвонуваше во воздухот…
И одненадеж се смири.
Можеби почувствува
дека неговата наивна игра
ќе биде прекината.
Ја спуштив дланката врз неговото тело.
Уморна сум…
Имам помалку од шест часа за спиење.
Мојот среќен пријател
нема кој би го разбудил.

(А нели е иронично кога ќе размислиш дека само женките комарци гризат?)




Горчлив беше вкусот на твојот поглед
кога се сретнавме
И не можам, а да не се прашувам дали со пелин те задоиле
или јас сум твојата мандрагора
Нејсе, ти ќе бидеш мојата лебедова песна…
…или обајцата ќе се сториме сено
и ќе изгориме под сонцето.



Камен по камен ја одам калдрмата до твојата капија
Никогаш немам храброст да го пречекорам прагот
Непоканета.
Го оставам срцето пред порти, да ти биде близу
со надеж дека нема да го нагазиш исчекорувајќи во денот во кој не се надеваш дека ќе се сретнеме.
Ако имам среќа, некоја комшиска мачка ќе го најде и однесе пред некоја друга порта, некој ќе се израдува и ќе ме покани на чај…




Низ главава ми се мотаат некои чудни размисли
Им ја чувствувам тежината, но не и суштината…

На лицето носам неусилена усмивка
Ја носам радосно, како што се носи сосема нова шапка зиме…

Зад погледот кријам неискажива болка
Болка што ден за ден не ми успева во тагата да ја удавам, да ја ублажам…

Мојата нова шапка успева сите да ги прелаже.



Моите очи полни зора
Сепак sadece тебе те бараат…



Копнеж кој потече на раскрсница (буквално)
И по некој месец се излеа на шанк на СВП,
Во исчекување на штедро наточената мастика:

Ми се допаѓа како се движиш.
Ненаметливо.
А сепак си толку прекрасно присутен.
Името ти е нежен ветер.
Опушти се…
Развиори ме.






Јулија Петровска, со цигарата во уста, рече ”оу дир” на звукот на сообраќајката што се случи додека размислуваше што да напише во овие неколку реда.

Родена е во Скопје, патот ја носел на многу страни и сé некако повторно ја враќал во Скопје, дома. За сега.

Преведувач, страстен уживател во музика и танц, бои и светлини, ветерот во сите негови созвучја и, секако, луѓе – неопходни како воздух, а од кои понекогаш толку залудно се обидува да избега.

Кога не се бори со околината, се бори со самата себе.

За нејзиниот живот може да се кажат многу нешта, но едно е сигурно: не е здодевен.

Оливер Серафимовски



Ги посака ѕвездите и месечината



Посака
ѕвездите да те бакнат
и месечината да те прегрне ...

полека
на прсти
зачекорив по млечниот пат
и полека ги собрав
ѕвездите
во прекрасно подготвен букет
да ти ги подарам
за да те бакнуваат
додека не те прегрнам со месечината





Го плукна в очи


Ја исплука љубовта
на асфалтот
помеѓу флеките од растечено масло
продолжи да оди
и лутито промрморе:
„Проклет да е погледот... прв„






Се обидоа да ја убијат надежта



Во вирот од тазе наврнат дожд
се давеше тагата
во која безмилосно беше фрлена среќата
од зад грб
подмолно турната
од ситни души
со изопачени насмевки
насликани на нивните маски
да прекријат
лица од злоба избраздени
лажно загрижени
од телата врела лава исфрлаа
устите им плукаа
вжештени камења
за да ја убијат надежта

...

со дождовницата
собрана во вирот
од тазе наврнатиот дожд
ја изгаснав омразата







Човек без лик



Во талогот од кафе
прстиве оставиле трага
на соголена душа
за да ја истражам
до најдлабоката точка...
скриен зад првиот свиок
ѕирка силуета на...
Човек без лик





Силно ја прегрнав љубовта


како пердув... лесен
се спуштив на твоите гради
цврсти
ја чувствував твојата топлина
која ме изгоре
оставајќи лузна
видлива
го слушав срцебиењето
кое во такт на тапан
го најавуваше
надоаѓањето на твојата армија
силна љубовна пешадија
која ја освои мојата
љубов
на убав и тивок начин
со погледот на твоите очи
допирот на меките раце
и се предадов...
за да силно ја прегрнам љубовта


Оливер Серафимовски роден 1975 во Скопје
Своите песни ги објавува на www.baljum.blog.mk ,www.poezijaonline.net, www.tragovi.com
Објавени елeктронски книги на www.cc.org.mk и на www.scribd.com

Бобан Богатиновски

Превртлива врата



Виси мислата обесена на гранките од сомнежот
секогаш пред мене постојано зад мене
упорно ме следи и за ракавот влече сотоната
залудно ја напнувам тагата да потече
ова е уште една златна година на злото
о топли јаболка податни за сонување
о фантомска болко невидлив отвору
на слузава јамка висат изџваканите галаксии
додека бавно се цеди
исплувокот од твоите крвави усни
ќе одиме ли моја тивка радост
нежно и неизбежно е ова небесно сечило
и во соседната соба
поголема и поубава
празнина стои





Среќен ден


Почнува да ме заморува овој празник,
вакуумот на празните улици,
сите се на некој здодевен пикник,
колку пива треба да испијам на руски начин
па да почувствувам нешто
ни самиот не знаејќи што?!
Главите на минувачите пливаат во воздухот,
нивните мисли прават отпечатоци
во небото над куќите
Како наеднаш да остаревме сите
Барам смисла во разговорот,
попатно кај застанавме,
извини те запоставив, отскитав некаде.
Премногу топло е во ресторанот
на периферијата од градот;
– Пивото??? – прашува келнерот.
– Не. Воздухот, воздухот е претопол!!!
– Пивото е добро.
Пребарувам со погледот…
истото место пред неколку години,
можеби ноќе… да… секако дека е поинакво.
Ја чекав 5-ката и 9-ката на рулетот-вртелешка,
можеби требаше да одам до крај,
но никогаш не се знае, зависи од влогот,
ни коцкањето не ме возбудува како некогаш,
ѓаволска математика е коцкањето,
идната година можеби ќе испуштам,
но добра е тишината, тишината е добра
најпосле си мислам нема причина
ова да не биде среќен ден.




Линијата е закон


Се разбудив денеска
и сум заборавил дека ми е роденден.
Си реков: – Уф, треба да се повлече
уште една линија. Долна црта и тоа подебела.

Дали си за сериозен разговор?!
Можеби ќе дојдеме до суштината на работите.
Постои мала разлика меѓу Харе Хришна и
Господи Исусе Христе помилуј ме мене грешниот.
Постои голема разлика.

Сè е релативно – ќе одговориш.
Нема да филозофираме, нели?!
Тешко е да се пронајде
линијата по која треба да се оди.
Како акробат на жица растегната од ден во ден.

Точка во координатниот систем. Рамнотежа.
Меѓу X, Y, Z. Среќа, љубов, судбина.
А можеби и не постои почеток.
Сè е само илузија во нашите мисли.

Треба да се згуснат редовите.
Зборовите да се доведат до критична маса.
Ајде едно виски, па да бидеме поблиски.
Јас честам. Знам јас како да те расположам.


Бобан Богатиновски е роден 1971 г. во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје.

Автор е на книгите поезија:
Луцидни халуцинации -1994 г. (награда Студентски збор)
Прекрасен ден за умирање - 1998 г.
Светлината е посилна - 2004 г.
Карпа за молитва - 2010 г.

Панче Ќосев

Сакам да го обојам
разнобоието со капка вода.
Да ги соберам чадорите
избришам грижите и сеќавањата
направам рингишпил од чувства
и повторно бидам среќен.
Сакам…
Сакам да се завртам
и повторно да се вратaм на дождот


………………………………………………


пожолтен среде пролет
озеленувам во малиот парк
капки од излижени лица
вперени кон небото
бараат клупи.
ги нема корењата.
облаци вртат околу малиот воз
чекајќи превоз.
Јас , ……………
изгубени зраци си играат на тревата
жедно фатазирајќи за утринска роса.


……………………………………………………………



Занотувам,
неколку школки го кршат брегот,
месечината го сече езерото,
камбаните тишината.
Рибите ги надлетуваат нашите срца,
запира песната на изгубениот во љубов…..
Еј ветре
зар пак си играш со нашата мудрост

Маја Лостова

Еве ме повторно на почеток,
без никој и ништо околу мене.
Немам подршка од никој, ниту пак
некој ми ја пкажал насоката во која треба да се движам.
Јас сама го градам патот по кој чекорам,
пат толку трнлив, толку болен.
Некогаш мислев дека не постои некој
кој може да ме спречи во моите цели,
ниту пак нешто што ќе ми пречи на патот.
Тој некој и тоа нешто, јас сама ги поставив на мојот пат.
Јас им дозволив да влезат во мојот живот,
иако знаев дека ќе ме повредат.
Уживав во нивното присуство,
иако знаев дека ќе заминат.
Се радував на насмевките на нивните усни,
иако знаев дека тие усни ќе изговорат
зборови што ќе ме расплачат.
Јас сама го градам патот по кој чекорам,
пат толку трнлив, толку боолен.
Се она со што денес се соочувам е
последица на она што вчера го направив, а
она што ме чека утре зависи
од моите денешни постапки.
Јас сама го градам патот по кој чекорам
пат толку трнлив, толку болен.
Кога би можела да го вратам
времето назад, да го сменам минатото,
за да не морам денеска да ги гледам личностите
кои што ми значат како заминуваат од мојот живот,
за да не дочекам утро без нив.
Но не можам, тие заминуваат, а јас немам сили да ги задржам,
тие веќе одлучиле, не можам да ги сопрам.
Зошто им дозволив да влезат во мојот живот
а сега не можам да ги пуштам да заминат .
Толку сакам да ги задржам,
но не можам да го сменам минатото,
ниту да ги присилам да останат.
Јас сум само патник сред невреме,
незасолнет, ги чуствувам ударите од невремето,
го чуствувам сето лошо што го носи со себе,
но неможам да се борам против него,
само чекам да престане, да видам што ќе донесе.
Како ќе заврши незнам, но знам
јас сама го градам патот по кој денес чекорам
пат толку трнлив толку болен.

ми рече ова е само сон,
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Да, тој беше како сон
неговото тело беше како уметничко дело
извајано од рацете на најдобар уметник,
а јас бев уште една од многуте
кои останува без здив пред него.
Тој беше толку совршен.
Ова не беше сон, ова беше реалност, животот е драма
а овде јас ја имав главната улога.
Го знаев и почетокот и крајот на ова дело,
се прашувам зошто одбрав да играм толку тешка одлука.
Дали јас обична актерка можам да го сменам текот на настаните?дали јас можам да го изменам крајот?
Мислев дека сум јака, цврста.
Мислев дека можам да го држам огнот во раце,
а да не се изгорам.
Мислев дека јас сум оган.
Јас оган, а тој вода.
На секое мое “за “имаше против,
на секое мое прашање одговор.
Јас сум опасна, јас бев огин,
но тој е водата која ме спречува да се ширам.
Водата може да го изгасне огинот,
но огинот не може да ја сопре водата,
ниту да го одредува нејзиниот тек.
Зошто влегов во битка од која
не можам да излезам како победник,
зошто пристапив на ова тешка одлука.
Реков да и еве ме сега ги трпам последиците.
Некој се обидува да ме соочи со вистината која одамна ја знам,
но некако уште не сум ја прифатила.
Моите сомнежи се потврдија,
вистината секогаш боли, но тој не ја зборуваше
само вистината,тој кажуваше навреди,
зборови кои болат зборови кои може да излезат
само од устата на еден совршен идиот како него.
Јас бев мирна и не се противев, слушав
слушав, како да сум потпишала договор во кој стои
клаузула” недозволено прекинување до последната сцена”.

Ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Јас не бев дојдена за некој да ме соочува со вистината,
да ме подучува, не побарав негово мислење,
ниту ги сакав неговите совети.
Јас дојдов тука за да избегам од секојдневието,
да уживам во неговите прегратки, мислејќи на тоа колку лесно добивам се што сакам,да слушнам по некоја слатка лага на која и ја знам целта, да се хранам со мислата
“моќните мажи лесно потпаѓаат под власта на убава жена ‘
Ова требаше да биде сон од кој не сакам да се разбудам,
но се претвори во кошмар од кој се молев да ме разбудат.

Ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во ралноста.

Можеби ова мисла се врти во главите на сите оние кои заглавуваат во меѓуножјето на други жени, а знаат дека мора да се вратат на она што ја имаат во реалноста.
кои имаат највозбудливи сексуални фантазии
кои ги остваруваат со непознати,
кои секое утро се будат покрај различна жена
од она за која тврдат дека ја сакаат.






Ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Можеби и за него беше сон кој што се остварува.
Од нашата прва средба, ги забележав неговите очи кои со поглед ме соблекуваат,неговите прсти кои ја допираа мојата усна, поскауваа таа да биде насекаде по неговото тело,
го замислуваа најдоброто фелацио,
ги замислуваа моите прави нозе врз неговите рамена,
додека тој продира во мене и ме задоволува на начин на кој што никој пред него не успеал.
Од нашата прва средба тој посакуваше
да стенкам под неговата машкост,
да водам љубов со него како никоја друга,
да бидам ненаситна дива,
а тој единствената личност која може да ме скроти.
Јас сум добра глумица и нема да ги рушам неговите сонови
како тој моите замисли.
Јас сум цврста и храбра, нема да дозволам неговите зборови да ме спречат во моите цели.
Јас сакам да ризикувам,да ме повредуваат
да чувствувам болка, да го правам она
за кое другите сметаат дека е лудост,
она на кое никогаш не би пристапиле.
животот постојано ме испробува,
го прифаќам секој ризик, победувам и губам.
но и тогаш кога губам јас победувам.
затоа што секој не ризикува,
затоа што секој поразен не може
да продолжи да чекори гордо,
затоа што никој не е борец како мене

ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

тоа не беше сон, тоа беше реалност
која ме направи силна како никогаш досега.
Ништо повеќе не може да ме повреди,
дали е точно,и самата се сомневам во оваа моја изјава.
Животот ме испробува, јас го чекам наредниот предизвик,
сакам да ризикувам, да ме повредуваат, да чувствуам болка.
Јас сум обичен смртник кој прави работите за кои другите смртници не можат ни да сонуваат.

ми рече ова е само сон
наредниот ден ќе се вратиме во реалноста.

Thursday, September 22, 2011

Мануела Златкова

Стрелба на умот или потсвеста



Што треба да се случи
Да побегнам повторно таму?
Нешто што пак ќе го доживеам,
Гореж.


Нека светлината е едно со мирисот,
И таа една лулка на животот,
Нека биде, остане.


Упорни сме
И се тркаламе до бездната.
Барем еднаш јас да се разбудам,
Еднаш разбуди ме на патеката.


Пуштете ме.
Влажност,
Есен,
Достигнување.


Нешто што пак ќе го доживеам,
Активен копнеж
За да го оживеам.

Свиок.
Фати ме за рака.
Одненадеж те поплавувам
Мои мисли,
Но појак корен.


Автор: Мануела Златкова, (02.10.1997, Струмица). Ученик и огромен љубител на секој вид уметност. Хоби: Пишување есеи.

Вања Изова Велева

Чудни, чудни луѓе



Некои луѓе се чудни
Крадат дел од мене
И го живеат моето парче
Ги препознавам но оставам
Да гнетат туѓи сништа
Зашто свои немаат.
Чудни се некои луѓе
Крадејќи заборавиле дека нивното е туѓо
Ги чувствувам, но дозволувам
Да ми исцедат уште некој дел
За да видам како изгледа
Надвор од мене
Некои луѓе се чудни
Насрнуваат врз мене
Заради ново себеполнење
Чудни,чудни луѓе





Некоја друга јас



Некоја друга јас
Ми ја нагризува черупката
Длабоко во мене грицка дел по дел
Подготвувајќи себеуништување
Некоја друга јас
Се втурнала во мојот дом
И ми го руши мостот
Закачен од рамо до рамо
До коска ги рие ноктите
И се радува
На црвенилото разлеано
Како бојадисано утро.
Не ја спознавам другата јас
Се кикоти и ми го корне гласот
Пуштајќи го низ пукнатините како клетва
Другата јас не сум јас
Таа откорнува што садам
Извикува што премолчувам
Убива што раѓам.
Се закачила на моето рамо
И ме треска од земја
Ми дише во вратот
И знае дека е друга ,знае дека има одобрен излез
И слободен влез



Ме повика месечината



Месечината ме повика
да и ја држам снагата
се уморила висејќи
во темнината,шетајќи по ширината
Ме повика месечината да и бидам соучесник
во намалувањето за да и го чувам стравот
и расчистам местото на вкоченоста
Месечината и јас
таа горе, јас долу
таа со наведнат поглед
јас со искривен врат кон нејзината снага.





Што се случува во главата на таа жена?



Што се случува во главата на таа жена?
стои наконтена во обичноста
и копа по досадата.
Ги тркала очите во дупките
и си закачува гримаса
Што се случува во главата на таа жена?
мислите и шетаат од сосетка до колешка
и прави фотомонтажа во плитката черупка.
Што и се случува во главата на таа жена ?
Очите и трчаат
усните киваат

празнина и дрема меѓу рамењата,
а седеше на поетска манифестација.




НЕ...



Не зборувај гласно
да не ми го разбудиш каменот
па да ми се стркала удолу
и скрши ребрата

Не викај силно
да не ми го забрзаш пулсот
и подместиш срцето

Не тропај
зашто ќе прашам кој е
и ќе откријам дека
каменот си е на место
пулсот дрема,а
единтвениот тропот е оној од срцето.



Вања Изова Велева (Струмица)- член да Друштвото на писатели од 1995год.

Автор е на збирките:

1. Вентил во постоењето-1993
2. Смрттта на рибата-1995
3. Зашиени грла 1997
4. Правта не зборува 2002
5. Плач во кутија 2007
6. Бездна угоре 2010
7. Неколку легенди за Струма 2011(прозно издание)

Нејзината поезија е преведувана на :

- англиски јазик
• (In our own words Generation defining itself-2007
• A surrender to the moon-2005
• Invoking the muse 2004),

-на српски јазик
• (Градина-часопис за књижевност,уметност и културу 2006)
• Зборник –Гарави сокак ,

-на бугарски јазик
• (Круг-национално младешко списание за култура 2002 ,
• Мизија-алманах за литература 2006.)

-На македонски јазик поезијата и′ е застапена во списанијата:
• Портал 2004,2007,
• Огледало,
• Стожер 1998-2005,
• Сум -списание за уметност 2004 и 2007.)

-На словенечки јазик низ списанија и интернет верзии
Песните на Вања можат да се сретнат и во повеќе поетски книги:
• Сто без една-2007,
• Воспеви за Султана Миладинова-2001,
• Сонце 2003 и др.
• Со свои песни застапена е и во Проектот Растко

Нејзината поезија е објавена и во електронско издание на уметничка литература (15 РОДНОКРАЈЦИ) Коавтор е на монографското издание Чекори по ѕвездените штици.
Повеќепати била македонски претставник поет во: Франција учесник на меѓународна поетска манифестација Гласови на медитеранот во Лодев заедно со Радован Павловски
(22-29 јули 2001,Бугарија-Плевен активно учество во Меѓународната плевенска писателска средба Побратимени светови (01до 04 јуни 2006 ,Србија Панчево ,Поет претставник од ДПМ на поетски средби во Словенија.
Освен поезија во споменатите списанија можат да се сретнат и прозни текстови од ВИВ.

Член на претседателството на ДПМ од 15 мај 2000-2004 и 2004 -2006 Член во жири комисија за книжевна поетска награда Ацо Шопов и член на комисијата за дебитанска книга Караманови средби како и член на Советот на Карамановите средби. Член во жирито за најдобро поетско остварување на Дојрански ракувања. Публикација на македонските писатели со биографски податоци 2000,2001,2004. Автор на документарен филм за Дојрана.

Добитник е на повеќе награди меѓу кои :прва награда на манифестацијата “Празник на липите“, трета награда од INTERNATIONAL SOCIETY OF POETS(27.02.2005),повеќе награди на локално ниво,втора награда на 25-те Караманови средби, втора награда на отворен конкурс за литература,награда-објавена песна во книгата Гарави сокак(деветнаесета меѓународна средба на поети-2008)

Катерина Ангелова

„Несакам совршенство“

Не го барам совршенството
не, не
- совршенство не ми треба.

Кога совршено се би било
ќе бидам мирна и сита
а јас сакам, о сакам
атомите да ми се движат
јас сакам да скитам.

Јас сакам да лутам
јас сакам да трагам
и не е битно што ќе најдам
јас всушност уживам ете
во самата потрага ко дете.

Трагајќи така
сешто ќе сретам
непознато, небарано, ако
светот сакам да го сетам.

Сакам се да видам
сакам се да имам
и сакам, о сакам
несовршена да бидам.




Веруваш ли во чуда?....



Кога видливото ќе се скрши
дали Духот можеш да го сетиш?
Кога во земјата ќе се врати
тоа што од земја се роди
ја чувствуваш ли Енергијата
Духот што не бодри?
Зборот штом ќе замре
Мислата останува
Енергијата не се руши
само се преобразува и кружи.
И кога ќе ме надвладее тага
се прашувам:
„-Веруваш ли во чуда?....“
и ВЕРУВАМ,
верувам зашто така сакам
инаку тагата судбоносна би била.




Јас сум Ангелова Катерина. Родена сум 1980 година.Живеам, студирам и работам во Кавадарци (живеам би било доволно секако, и работењето и студирањето спаѓаат во живот). Да речам... пишувам поезија, макар што малку нескромно ми звучи оваа моја изјава, а од причина што до сега ништо не сум објавила и врска немам дали е добро. Омилени писатели ми се Венко Андоновски и Г.Г.Маркес.

Гаврило Миловановиќ

АНТИ ЕПИТАФ


Маските на црвената смрт се сокрија во своето лице
А јас со очи широко затворени
Ја пишувам Одисејата по 2001 пат
Затворен во овој пеколен портокал
Со рамот
Си ја плетам кожата
...за да не заборавам да се сеќавам на допирот
На Казанова, на Фрида, на Јохан Себастијан Бах
Иако слеп , прекрасно нем во Бетовеновите воздишки.
Зошто се правите дека не се познавате?
Што ако сте од различни векови
Колку ли пати треба да умрете
За да престанете да бидете славни?
Колку ли пати треба да се родите
За да ви здодее да бидете генијални.......
Колку пати сте биле живи до сега?

Си ја одлепив кожата за да ве сакам со голо срце
Кога не можев себе си
Врз црниот штафелај од меридијани и атомски бомби
Ја растегнав како пергамент
И со Николовата тесла во неа пополека ја длабам
Сликата на Доријан Греј
Безгенитален, таков
.....во вагините на свеста
Во коитусот на катодата и анодата....
Се пронајдов стар.

Стар со избелена коса и очи од киселина
Го цицам првото млеко од пупките на Фројд
Си ја секвенцирам главата на клетки
Совршено
....како Фибоначи
0, 1, 1, 2, 3, 5, 8, 13........................................
И милионитиот дел од златниот пресек
Се претвори во сперма

Се родив
Се родив за да не заборавам да се сеќавам на вкусот

На лосос и кавијар и Ленин
На мојата мајка, сестра и баба
На мојот татко и дедо и браќата Грим
Ханс Кристијан Андерсен
Тукушто замрзнат во телото на Дизни
И вкусот на устата на Монализа
Поубав од сите Лаури и очи на Пикасо
.............................на дното од океанот.

Јас ја измислив струјата но не ја пронајдов
Јас го здогледав Бога, но никогаш не го почувствував
Јас ја свирам оваа хармонија
Но немам прсти ниту уста ах, да би можел да ви измолчам
Колку е тешко да се биде Јас.

Маските на црвената смрт се сокрија во моето лице
А јас со очи широко затворени ја пишувам Одисејата по 2002 пат
Затворен во пеколниот портокал
Се родив........................
Се родив................
................................за да не заборавам да Умрам.





ЛАИКА


Ја чувам планетата земја во подземјето на мојот стан
Живеам 10 000 километри под него
Го сонувам нејзиниот мирис
Го мирисам нејзиниот допир
Го допирам нејзиниот сон

Ставете ја планетата Земја во хартиена кеса од Mc Donalds
Потоа внимателно отворете ја за да видите каква играчка сте добиле
Не, јас не ги убив твоите пријатели
Барем не со пиштол
Затоа дозволи ми да мастурбирам на твојот погреб
За да на је силувам мајка ти на парастос

Стави ја планетата земја во чаша со вода
За да ја измиеш од сите гревови
Сонцето ќе ја исуши…..
Повторно
Избриши ги границите
За да не може никој да не пронајде
Потоа нацртај го мојот лик на тркалезната површина
За да живееш во моето уво
Ме слушаааааш ли?

Јас сум твојата евстахиева труба
Јас сум твоите отисоци од левата рака
Јас сум тежок 21 грам
Кокаин во твоите очи од првут
И 3,14 деца од овде до Пекинг
Привремено распнати на крст
Јас сум сијамските близнаци на Исус
Кога ли ќе се родам?

Смали ја планетата Земја во лименка од Coca Cola
За да ја сокријам во моето уво
И таму бесчујно да водам љубов со Хирошима и Нагасаки
Додека повраќам во сите вулкани на светот.

Стави ја планетата Земја во сончев систем
Можеби астролозите некогаш ќе ја пронајдат.




МАЈКА ТЕРЕЗА (Т р и п т и х)



Ајфелова кула



Кожата ми е од хартија на која што играм x.o

А во внатрешноста се случува спротивното о.x

Си ја сечам левата рака за да имам со што да ја гаѓам месечината

Таму е темно затоа се штурците црни

А се прашувам како изгледа темната страна на месечината

Можеби сонцето е темната страна на месечината

Знам таму ќе се сокријам

А потоа ќе трчам по Млечниот пат

Кога ќе се заморам ќе се потпрам малку на Кинескиот ѕид за да се
одморам

Ако успеам да победам ќе заиграм почесно танго со Статуата на
слободата

А потоа ќе погледнам колку е часот на Биг Бен

И ќе ја претрчам Сахара за да можам да стигнам навреме

Затоа што во 8 и пол се чекаме кај Пирамидите

Во случај да не стигнам навреме оди право дома

И закопај ја Ајфеловата кула во твојот двор

За да не ја видат твоите родители

А утре е нов ден во кој ќе мора да купиме млеко,леб,масло и нова
пластична лева рака.................

Не можам да ги лажам моите

Особено не во недела





Фрески



Кога најчесто се оди во црква

Направена од хартија на која што играм x.о

А во внатрешноста се случува спротивното

Очите на фреските гледаат директно во 3 спрат на Ајфеловата кула

На чија платформа водам љубов со мојата лева рака

Откопајте не луѓе!

Ќе ни се расипе млекото и лебот наш насушен

А го макавме од Млечниот пат

За да ја нахраниме Статуата на слободата и да се испилиме во
саркофагот на Пирамидите

Заедно со диносаурусите и луѓето диносауруси

Изумрени,Пирамидите пополека се склопуваат во паралелопипед

Паралелопипедот се претвара во тесарект

а околу тесаректот се замотува Кинескиот ѕид

пополека како во филмовите

сега одлучив јас да бидам бог

а да ве распнам сите останати на крст

и јас ќе бидам единствениот што ќе знае

како изглeда темната страна на месечината

јас ќе бидам единствениот што ќе знае како изгледа внатрешната
страна на кожата

во недела

кога штурците се црни





Мајка Тереза



Не пукајте во небото за да не ви истече

Мравки

Престанете да се криете во земјата

Таму живеат вашите гробови

Јас сум роден гол, затоа се децата боси во Африка

Јас сум роден влажен

Јас сум роден грд

Немојте да дишете

Не сакам да се гушам во вашиот јаглерод

Па како не ви е жал

Јас сум роден мал

Како бебе

И не знаев да зборувам

А и да знаев ќе молчев

И не знаев да голтам и затоа ве плукав додека не пораснавте

Монструми!

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на
крст

Затоа што сум направен од црна сперма

Во едно романтично клише од вештачко оплодување

А со години се криев во завесите и пешкирите и влажните
марамчиња од една иста продавница

И единственото место каде што не можеа да ме пронајдат беше
твојата топла менструација мамо

Чиј единствен пријател беше еден тврдоглав пластичен пенис и
некој си човек со иницијали О.Б

Ги сонував твоите сништа уште во 3 месец од мојот преднатален
период и знаев се

Зошто не ми кажа како се викам?

Зошто никогаш не ми кажа како се викам?

%

Зошто ги ранеше децата од Африка кога и онака сакаа да
умрат...............

Од сида

Зошто го продаде сето бело робје што го имавме

За една чаша црна сперма

Сега одлучив јас да бидам бог

И да ве распнам сите останати на Двоглав орел

....................................................На двоглав ореол

Мајко менструацијо

Зошто ли мораше да ме изневериш со Ганди?

Зошто не ги собра сите крстови и амајлии,сите минариња и кинески
свили,кашмири,икони и мансарди,

Курани и библии

Гердани и мантри

Парчиња кожа во различна боја облечени во едно исто одело

Зошто не им кажа како се викаат?

Зошто никогаш не им кажа како се викаат мајко?

............за да не умрат

од сида.



2043

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на
амеба





ОГЛЕДАЛО



Свртен со лицето кон себе,те гледам
Како спиеш во сопствената утроба
Мртва.
Засекувам со ноктите низ твојата утроба
За да те погалам додека спиеш
Се допирам себе си
Го допирам твојот сон

Го голтам секое парче стакло
Кое се крши од молкот на твојата утроба
Го претварам во огледало
Се претворам во огледало
Се голтам

Разбуди ме од овој луцуден сон
Разбуди се!
Се голтам
Мртов
Од стакло се сечам

Тишина,
Огледалото плаче во мене,огледалото боли
А што ли тоа чувствува кога не гледа?
Што ли тоа сонува кога не нема?
Нултадимензионален свет.
Огледалото е глуво
Огледалото е немо.
Огледалото е слепо.
Огледалото е свртено со лицето кон себе
Мртво.

На ендоплазматичен ретикулум



Кратка Биографија


Гаврило Миловановиќ
е мултимедијален артист од Скопје.Има завршено Новинарство на универзитетот св”Кирил и Методиј”.Работи како Аудио и Видео продуцент и композитор.Неодамна го издаде албумот “Aфектот на Пеперутката” за неговиот музички проект Гордиев Јазол.Исто така работи на уште неколку проекти како Прагма,Alien God,Фото Робот и други како и музика за театар. Во поново време се занимава со пишување сценарија и филмска режија.
Има издадено една стихозбирка “Трансцедентална заспивалка”, Овие неколку стихотворби се од неговата втора стихозбирка за која што во овој период бара издавач.Неговата поезија великанот Венко Андоновски во неговата рецензија ја карактеризира како ” Шок од слики на едно метафорично робустно писмо.........”