Sunday, September 25, 2011

100 Илјади Поети За Промена

Во сабота 24 Септември 2011 година во Струмица ќе се случи поетски настан кој е дел од глобалната манифестација 100 000 поети за промени. Ова подразбира 700 настани во 550 градови или вкупно 95 држави. Сите настани се предвидени да се случат во исти ден. Оној во Струмица својата програма ќе ја започне во 19:00 часот во Старото забавиште (над киното), 20:30 часот Малиот Гратски Парк и 22:00 часот Амфи Театар.




[
video made by: Небојша Стојаноски, Дејан Станојевиќ и Александар Апостолов]

.. да го промениме светогледот со зборови, мисли... активистичка поезија, социјална, општествена опсервација на моментални состојби на умот и телото, размисли и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика.

@kihuПотру

Saturday, September 24, 2011

100 Thousand Poets for Change

„100 Thousand Poets for Change” е случување во кое се планирани повеќе од 400 индивидуални настани кои ќе се случуваат истовремено на 24 Септември оваа година во повеќе од 350 градови ширум светот.

Ваков тип на настани се планирани да се случуваат насекаде низ Балканот, како Србија, Хрватска, Бугарија, вклучувајќи ја и Македонија. Еден од предвидените настани е планиран да се случи во Струмица. Идејата е да се направи поетски рецитал кој подразбира најразлично претставување на авторка поезија од сите генерации. Самиот настан има мото „поетите за промена“ и во тој аспект поетите ќе имаат можност да направат минимална промена на свеста на општеството во кое живееме. Преку поезија можноста да се анализираат и презентираат локалните и глобалните проблеми, смртта, животот, човековите права, емоциите, неправдата... Со овој проект целта е да се види дали поезијата и пишаниот збор се доволно силни/ моќни да направат позитивна промена во државата, промена во начинот на размислување, односот на луѓето, обидот да се инспирираат и мотивираат луѓето за барем минимална промена...

За овој настан планирани се неколку начини на презентирање за кои учесниците ќе бидат информирани дополнително. Сите оние кои се заинтересирани да бидат директно вклучени во промената со помош на поезијата своите ракописи да ги испратат на [ poetizapromena@gmail.com ]

песните кои ќе пристигнат, освен што ќе бидат читани јавно на денот на глобалниот настан, ќе бидат качени на официјалната страница на овој настан http://www.100tpc.org/ како и на блоговите кои се направени специјално за оваа манифестација. оној за струмица е http://bit.ly/qHsqYL и овде ќе можат да се качат сите фотографии, видеа и поезија која ќе биде достапна за потребите на организаторот.

После официјалното завршување на настанот [24 Септември] целата документација од ракописите ќе биде архивирана во Stanford University во Калифорнија во рамките на дигиталната програма за архивирање LOCKSS
http://lockss.stanford.edu/lockss/Home


песните заедно со кратка биографија може да ги испраќате на:
poetizapromena@gmail.com

Friday, September 23, 2011

Слаѓана Атанасова

Vetar


Se karaat streite,

kavga pome|u branovite
od tvojata kosa, pla~at grankite
i sonceto spie.
Poslu{aj go zborot

nejzin,

zborot na vistinata.





Барајќи дом


Целиот живот на виното ах,
завршува кога ќе го ставиш во чашата.
Те гледам во неа си, го менуваш твојот облик
и се претвораш во лик на човек.
Дали можеби не си повеќе ти?
Но, повторно,
за кратко време се враќаш
во обликот на вино.
Смрт. Сосем безболно те турка таа во бездната,
потонуваш во тоа човечко тело кое те пие,
засекогаш,
без да го сватиш тоа, ти заминуваш.
Во Молк. Ти молчиш
и бесно се раздвижуваш низ неговите вени.
Ти не бараш храмовски градби.
Тој те гуши и сопира да се покажеш од почеток.
Подоцна се е залудно
колку и да трепериш исчезнуваш,
ти си сепак вино.
Заборав. Ветрот не те допира и не те стоплува
зошто ти не исчезнуваш во почвата
твојата гробница е човечкото тело.
Ти не постоиш веќе,
останува само мирисот на дното од чашата,
и помисли само колку тајна е вистината за животот
и кој би ти ја открил во овој длабок мрак.
Како и димот во огледало.
А, никој не ги прибира сенките талкачи,
она што ним им е потребно е безбојниот свет,
само невидливоста на нивните коски ги облекува во смрт,
само слепите очи се тешат.
Не испушта звук,
димот игра по површината на огледалото
со многу ликови
агресивен, љубезен, спокоен.
Дим и музика со многу ликови
во домот на огледалото.





Студот


Кога погледнав во шуплината од ѕидот,
без дозвола ги ококорив очите
и ја искористив сета енергија
за да ги замрзнам погледите на тажните лица.
Со бедна закана го замрзнав и погледот
на едно дете со ранливи и уморни зеници
и продолжив да ги јадам и уништувам сите молекули
со ужасно зачестување на липања кои траеа кратко.
Tоа дете во сина маичка,
седна на столот во претпоследниот ред во Света Софија
за да го слуша оркестарот од напред.
Ја нурна колку што можеше длабоко својата глава во џебот,
ги извади од него ушите па ги фрли до првиот ред
за да ја слушне симфонијата
која се движеше низ сопствениот простор
и сите присутни ги оставаше без здив.
Детето по некое време ги извади и своите очи од џебот
и ги фрли уште понапред
за да ги долови движењата на прстите.
Тие не можеа да стигнат до таму
се заглавија врз тонзурата на старецот од првиот ред,
кои пак од дебелата глава се вратија назат.
Детето од џебот го извади срамот
и бедно ја наведна својата глава
и се собра во сопстениот џеб на неможноста барајќи нов лик.
Слушајќи ја музиката, душата си ја свири на кавал,
да си ја одживее.
Не можеше да си го најде својот облик и се разнесе.
Летнаа меурчиња со младешка крв низ Светото место,
во купчиња врзоп на месо со чуден мирис.
О, зошто не умираат маките, зошто се вечни!




Снегулка



Пливам во прашината од уморот
се родив од потта на твојата сенка
живеев во утринската роса
ме прекри прегратката на невремето.....
Прости, јас незнаев дека постојам,
прости, јас незнаев дека моето постоење
ќе ти помогне да го надминеш стравот,
прости, што прерано умрев.
Но, ти викни ме јас пак
ќе оживеам.
Јас имам водена глава
немам облик, ќе дојдам,
твоја сум се топам од твојот допир
ќе дојдам да ме убиеш со нежниот допир....





Создавањето на женскиот здив


Таа солза новиот живот го зарече
Во нов лик од мајката се облече
И со отровна убавина
Го плени сето она што умее да чувствува.
Во совршен миг се роди
Одблесок на небо прати,
Ќе царува.
И зракче гордо пушти во темнината.
Бистра е солзата од која се разбуди,
Поклони се на убавините што ги најде,
Ужувај во белиот сон
Сечејќи ја солзата со остар нож
Таа се разможува и го гасен огнот
Го ублажува болот.


БИОГРАФИЈА:
Слаѓана Атанасова е родена на 27мај, 1988 во Блатец, Источна Македонија.Студент е на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет “Блаже Конески” Скопје. Објавува поезија и раскази во книжевни списанија: “Синтези”-2009 – 14, во бугарското списание “Наблјудател”- 2007 – 120, во превод на бугарски јазик, учествува во збирката поезија “Млада Mакедонска Поезија”-2009,. Учествувала на Струшките вечери на поезијата, на Бела ноќ, автор е на поетските збирки “Керубин во крчмата” -2006, и “Луѓе во вакуум”- 2009. Пишува поезија во проза и кратки раскази.

Васко Марковски

Сонце нè буди
со цртежи по ѕидот
— пораснал денот.



Сум станал факир
врз играчки на син ми
во постелата



Комшиско маче
низ ноќта мјаука
прв ден без мајка.



Јунските липи
го однеле балконот
во некој друг град.



Сонце заоѓа
зад песочни дини од
стапалки безброј.



На небо облак
како во стрипче мисла
— градот си збори



Две-три бабички
крај две-три бели стебла
— ноќна сиеста.



Камбана в зори
Навестува тежок ден.
Починал некој.



Утрински метеж
на мал селски крстопат:
Шибаат муви.



На секој балкон
по пар-два мокри чевли
— есенско Скопје.

............................................





(Стихови на англиски. Препев: Румена Бужаровска.)



A neighborhood cat
meows all throughout the night. Its
first day motherless.



A sleepy cat
lies on the hoood of a car
warming its soul.



I went to go pee
and got scared out of my wits
by the hand-dryer



The June linden treets
have taken the balcony
to some other town.



I am a fakir
lying on my son's scattered
toys in my bed

............................................




Биографија:

Јас сум Васко Марковски, човекот што ги напиша овие стихови. Живеам во Скопје, каде што се родив пред триесет и кусур години.

Не ми беше во план некогаш јавно да ги изложувам моите авто-терапевтски пориви да ги запишувам во стихови нештата што ќе ми се видат интересни, додека наваму-натаму наоѓам задоволство да поминам убаво време со самиот себеси. Од време на време ќе ги споделев записите со неколку блиски пријатели, ни беа забавни, доволно колку да продолжам да го продолжам да го правам тоа и понатаму - студентски денови! Оттогаш поминаа десетина години. Ги поминав како новинар, пишувајќи разни форми на новинарски текстови. Пишувајќи серијали со епизоди долги по стотина, сто и дваесет редови, почувствував потреба за кратки форми, нешто што ќе ми биде еден вид пишувачка гимнастика, нештошто ќе ми помогне барем во сумирањето на епизодата во поднаслов. Се сетив на хаикуто, форма што ми ја загатна поезијата на Орхан Вели - истанбулскиот пријател од времето на студиите, покоен уште пред да се родам. Набргу се сетив и на книжулето со четирите елементи - вода, воздух, земја, оган - на Владимир Мартиновски - Марта, драг пријател од по скопските кафулиња, кое никако да го прежалам - го подарив, и никогаш повеќе не го најдов во книжарниците. Решив да се обидам. Знаев само за 5/7/5. Другото тргна спонтано. Еден ден стигна мејл од Марта, со кого споделив дел од нив - покана да настапам јавно. Ме кандиса. Излегов од илегала.

Стиховите се од збирката „Корпоративно утро“..се собраа стотина.. би сакал наскоро да ја објавам. Поздрав!

Јулија Петровска



Како се сјебува испитна сесија


А муабетот течеше така фино кога:
Се појави во жолтата маичка (нова)
Сонцето.
Во сиот твој сјај.
Сокакот ме прими
и ја држеше в прегратки сета моја болка.
Месечината,
Пеплосана од твојот суров плам,
молкум потеков солзи
да и се заблагодарам на калдрмата.



Матно наутро

Рано наутро сум благодарна што измаглицата го одобрува моето присуство. Преку ден исчезнувам во метежот за штом ќе падне ноќта повторно да расцутам.



Не гледам ништо на неа
Восокот е болен
И секоја песок паѓа на дрвото
Но тоа е непрозирно.



Око мое насмеано
со срце треперливо скриено во поглед
леб и вино биди ми
ветер биди ми што ќе ми ги мрси косите…
Биди ми сонце после бура.
Скроти ја страста која во мене ја возбудуваш
или пак, ако ти е подраго,
пеплосај ме..
оти сé е во истата кутија еурокрем
(Агроплод Ресен, макар да Нутелата ми е повкусна)



Претсмртниот молк на комарецот

Како крадец ми пријде во темнината
Со звукот на својот немир
ја тешеше мојата несоница
нестрплив да се впие во мене
да ја вкуси топлината на мојата крв.
Маневрираше не слутејќи
дека опасна е неговата наслада
бззз… бзззз….
Неговата радост одѕвонуваше во воздухот…
И одненадеж се смири.
Можеби почувствува
дека неговата наивна игра
ќе биде прекината.
Ја спуштив дланката врз неговото тело.
Уморна сум…
Имам помалку од шест часа за спиење.
Мојот среќен пријател
нема кој би го разбудил.

(А нели е иронично кога ќе размислиш дека само женките комарци гризат?)




Горчлив беше вкусот на твојот поглед
кога се сретнавме
И не можам, а да не се прашувам дали со пелин те задоиле
или јас сум твојата мандрагора
Нејсе, ти ќе бидеш мојата лебедова песна…
…или обајцата ќе се сториме сено
и ќе изгориме под сонцето.



Камен по камен ја одам калдрмата до твојата капија
Никогаш немам храброст да го пречекорам прагот
Непоканета.
Го оставам срцето пред порти, да ти биде близу
со надеж дека нема да го нагазиш исчекорувајќи во денот во кој не се надеваш дека ќе се сретнеме.
Ако имам среќа, некоја комшиска мачка ќе го најде и однесе пред некоја друга порта, некој ќе се израдува и ќе ме покани на чај…




Низ главава ми се мотаат некои чудни размисли
Им ја чувствувам тежината, но не и суштината…

На лицето носам неусилена усмивка
Ја носам радосно, како што се носи сосема нова шапка зиме…

Зад погледот кријам неискажива болка
Болка што ден за ден не ми успева во тагата да ја удавам, да ја ублажам…

Мојата нова шапка успева сите да ги прелаже.



Моите очи полни зора
Сепак sadece тебе те бараат…



Копнеж кој потече на раскрсница (буквално)
И по некој месец се излеа на шанк на СВП,
Во исчекување на штедро наточената мастика:

Ми се допаѓа како се движиш.
Ненаметливо.
А сепак си толку прекрасно присутен.
Името ти е нежен ветер.
Опушти се…
Развиори ме.






Јулија Петровска, со цигарата во уста, рече ”оу дир” на звукот на сообраќајката што се случи додека размислуваше што да напише во овие неколку реда.

Родена е во Скопје, патот ја носел на многу страни и сé некако повторно ја враќал во Скопје, дома. За сега.

Преведувач, страстен уживател во музика и танц, бои и светлини, ветерот во сите негови созвучја и, секако, луѓе – неопходни како воздух, а од кои понекогаш толку залудно се обидува да избега.

Кога не се бори со околината, се бори со самата себе.

За нејзиниот живот може да се кажат многу нешта, но едно е сигурно: не е здодевен.

Оливер Серафимовски



Ги посака ѕвездите и месечината



Посака
ѕвездите да те бакнат
и месечината да те прегрне ...

полека
на прсти
зачекорив по млечниот пат
и полека ги собрав
ѕвездите
во прекрасно подготвен букет
да ти ги подарам
за да те бакнуваат
додека не те прегрнам со месечината





Го плукна в очи


Ја исплука љубовта
на асфалтот
помеѓу флеките од растечено масло
продолжи да оди
и лутито промрморе:
„Проклет да е погледот... прв„






Се обидоа да ја убијат надежта



Во вирот од тазе наврнат дожд
се давеше тагата
во која безмилосно беше фрлена среќата
од зад грб
подмолно турната
од ситни души
со изопачени насмевки
насликани на нивните маски
да прекријат
лица од злоба избраздени
лажно загрижени
од телата врела лава исфрлаа
устите им плукаа
вжештени камења
за да ја убијат надежта

...

со дождовницата
собрана во вирот
од тазе наврнатиот дожд
ја изгаснав омразата







Човек без лик



Во талогот од кафе
прстиве оставиле трага
на соголена душа
за да ја истражам
до најдлабоката точка...
скриен зад првиот свиок
ѕирка силуета на...
Човек без лик





Силно ја прегрнав љубовта


како пердув... лесен
се спуштив на твоите гради
цврсти
ја чувствував твојата топлина
која ме изгоре
оставајќи лузна
видлива
го слушав срцебиењето
кое во такт на тапан
го најавуваше
надоаѓањето на твојата армија
силна љубовна пешадија
која ја освои мојата
љубов
на убав и тивок начин
со погледот на твоите очи
допирот на меките раце
и се предадов...
за да силно ја прегрнам љубовта


Оливер Серафимовски роден 1975 во Скопје
Своите песни ги објавува на www.baljum.blog.mk ,www.poezijaonline.net, www.tragovi.com
Објавени елeктронски книги на www.cc.org.mk и на www.scribd.com

Бобан Богатиновски

Превртлива врата



Виси мислата обесена на гранките од сомнежот
секогаш пред мене постојано зад мене
упорно ме следи и за ракавот влече сотоната
залудно ја напнувам тагата да потече
ова е уште една златна година на злото
о топли јаболка податни за сонување
о фантомска болко невидлив отвору
на слузава јамка висат изџваканите галаксии
додека бавно се цеди
исплувокот од твоите крвави усни
ќе одиме ли моја тивка радост
нежно и неизбежно е ова небесно сечило
и во соседната соба
поголема и поубава
празнина стои





Среќен ден


Почнува да ме заморува овој празник,
вакуумот на празните улици,
сите се на некој здодевен пикник,
колку пива треба да испијам на руски начин
па да почувствувам нешто
ни самиот не знаејќи што?!
Главите на минувачите пливаат во воздухот,
нивните мисли прават отпечатоци
во небото над куќите
Како наеднаш да остаревме сите
Барам смисла во разговорот,
попатно кај застанавме,
извини те запоставив, отскитав некаде.
Премногу топло е во ресторанот
на периферијата од градот;
– Пивото??? – прашува келнерот.
– Не. Воздухот, воздухот е претопол!!!
– Пивото е добро.
Пребарувам со погледот…
истото место пред неколку години,
можеби ноќе… да… секако дека е поинакво.
Ја чекав 5-ката и 9-ката на рулетот-вртелешка,
можеби требаше да одам до крај,
но никогаш не се знае, зависи од влогот,
ни коцкањето не ме возбудува како некогаш,
ѓаволска математика е коцкањето,
идната година можеби ќе испуштам,
но добра е тишината, тишината е добра
најпосле си мислам нема причина
ова да не биде среќен ден.




Линијата е закон


Се разбудив денеска
и сум заборавил дека ми е роденден.
Си реков: – Уф, треба да се повлече
уште една линија. Долна црта и тоа подебела.

Дали си за сериозен разговор?!
Можеби ќе дојдеме до суштината на работите.
Постои мала разлика меѓу Харе Хришна и
Господи Исусе Христе помилуј ме мене грешниот.
Постои голема разлика.

Сè е релативно – ќе одговориш.
Нема да филозофираме, нели?!
Тешко е да се пронајде
линијата по која треба да се оди.
Како акробат на жица растегната од ден во ден.

Точка во координатниот систем. Рамнотежа.
Меѓу X, Y, Z. Среќа, љубов, судбина.
А можеби и не постои почеток.
Сè е само илузија во нашите мисли.

Треба да се згуснат редовите.
Зборовите да се доведат до критична маса.
Ајде едно виски, па да бидеме поблиски.
Јас честам. Знам јас како да те расположам.


Бобан Богатиновски е роден 1971 г. во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје.

Автор е на книгите поезија:
Луцидни халуцинации -1994 г. (награда Студентски збор)
Прекрасен ден за умирање - 1998 г.
Светлината е посилна - 2004 г.
Карпа за молитва - 2010 г.