Monday, September 24, 2012

Жаклина Свеќаровска

Живата плот на зборот

Тешко е да се роди вистински збор,
збор што умее да застане простум
и на свои нозе да зачекори,
збор во кој се возљубуваат вистината
и вината на родот човечки.
Оти, вистината во зборот е сокриена
небаре коската во месото што е,
невидливо во бовчичка го подврзува
и собран на купче го држи.
А кога сите три очи ќе насолзат
од грутката чад со боја на ’рѓа
во грлото засирена,
затоа што во едното само коски тропаат,
на другото му се превртува утробата
поради крвта што капе од чингели месо
додека третото е ослепено од болка,
воздухот се претвора во модра воздишка,
во море од воскреснати зборови,
па човек напразно ја бара околу себе, во себе
живата плот на зборот:
плот од вистина како коска во месо сокриена,
обвиена со жили и мускули од оган и од солзи,
од соништа и заблуди, од копнежи и борба,
плот полна со трпет и страст...
Напразно е тогаш да се бара збор
кој умее да застане простум
и на свои нозе да зачекори.


Белег од раѓање

Како кога среде зрак светлина
невидливата прашина
во полутемната соба станува видлива
блеснуваат сништата
што ги носам ко белег од раѓање
зборовите
течат низ грлото небаре греано вино
и трпкаво се лепат за горното непце
додека ги вдишувам и издишувам
како единствена вистина
што ја сеќавам низ дамарите -
не за да судам, и не за да ми судат
(мојата вистина не е и твоја,
твоите сказалки не се создадени
да го измерат моето време),
туку оти само така умеам


Соба со огледала

Тезгите во пазарот се огледала:
небаре низалки суви пиперки
распослани под неговата стреа
созреваат нашите вистини
за потоа,
соблечени од товарот на зборовите,
да мижуркаат печејќи се на сонце
како рој муви што непречено пладнува
врз срцевината од парчиња бостан.
Сетики Бог е бавчанџија, помислувам,
а парчево земја што ни го држи коренот-
лубеница што му се стркалала од кошот,
па распукнала меѓу ридиштава,
црвена и копнежлива,
распрскувајќи го насекаде своето семе.


Трагична сложувалка

Празнината е преполна самотија,
пулсира во слепите очи на денот
ширејќи се како зеница
за здив светлина залебната.
Играта засркнато го подголтнува стравот -
на моите кукли им пораснаа канџи
и вилиците чкрипливо им се склопуваат
околу парчињата дрчно откинато време.
А јас сеуште, делче по делче,
ја собирам сложувалката со човечки лик
додека на дрвото зрее јаболко
и црвот вселен во него
ме нагризува со сознанието дека залудно е,
оти секојпат ќе недостига барем парче,
а празнината раззината од таа темнина
ќе ме впие небаре вчудоневидена понорница
испиена од камењата на патот нејзин
и пред да успее да види море.


Избрав да љубам

На песокливиот брег од еден сон
се претурам од дланка во дланка
за да течам,
додека ветрот, зрнце по зрнце,
ме одзема од топлината на рацете мои...
Никојпат не посакав
да се откинам од невидливите конци
длабоко врежани во месото
на во кожа преоблеченово траење:
она што не го гледаме, не значи дека го нема –
во некои видов Човек
повеќе од самите тие што можеа да видат.


Небо

Понекојпат, признавам, бегав:
некојпат од себе, напати од луѓе,
а глеј, тие со модар конец
се впишувале во порите:
кожата на моите спомени
налик е на мапа од некое
сосема ново соѕвездие
Секој чекор и отчекор
разбудиле по некоја ѕвезда
заспана таму само за мене
Кога докрај
ќе се расточам во модри линии,
кога ќе ги разбудам
сите огледала на Сонцето
Небото пак ќе стане кружница,
а последна светлина
што ќе згасне во погледот
ќе биде насмевката на бескрајот


На дланката ми расцуте гулаб

Откога место збогум
ме целива со венец од трње
и во знак на поздрав ги изми рацете
товарот зборови
што го понесов како јазол во грлото
во песни почнав да го затворам,
небаре пораки на бродоломник,
а на дланката ми расцуте гулаб.
Ги наполнив сонце
сите пукнатини во погледот,
ја истрижив живата ограда прашања
и на секоја страница го видов мојот лик
оти секоја страница од Книгата е огледало
а моето срце е срце на човек
и само до таму може да види
Не се бришат слики врамени во огледала
не можат ниту да се пренапишат,
но секоја страница е нова слика:
додека го спуштам товарот меѓу брановите
се присетувам на едно чекорење по ридот
што симболот на срамот
го претвори во симбол на вера, надеж и љубов...


Жаклина Свеќаровска

No comments:

Post a Comment