Wednesday, September 19, 2012

Афродита Николова

Нема овоштарници без тебе

Во крушата ти отворив гнездо
Не влегувај;
И мравите знаат како е да се преживее на среќа
не е среќа да денгубиш во жолтите круши над твоето
срце,
срце не е, така изгледа црвената пламена
печурка од твојата уста.

Гледаш ли Маја, морницо моја од цвет
развиорена во седалото на орелот
грабливко на туѓи распаднати цреши
меѓу твоите жолти гради.

Маја, гледаш ли,
нема овоштарници без тебе, нема отрови што удираат по темето
На самраците од кал,
На самраците од водени капки,
На деновите без вода.
Маја,
Суша е овде;

Црв сум што
гнездо си всади меѓу твоите гради
Црв сум
што рие-
само сопствени одлутани цреши.

Омајнина, 2010


Средба

Денес убив една мушичка;
Лежев на терасата и хорот од
микроорганизми во земјената саксија
со земја пееше погребна песна;
Знаев дека си тука,
а не верувам во реинкарнација.

Омајнина, 2010


Некогаш

Некогаш ќе станам
и ќе зборувам за стапки и бродови,
за светилници.
некогаш ќе земам
чевли од пред прагови.
ќе оставам чевли пред џамии.
Некогаш ќе ме видиш
на улица забулена и
нема да ме познаеш.
и мислиш дека сега
ме знаеш.


Рамноденица

Скрши го лебот од осилото шепоти и на осата
утре
кога

ќе ја остави смртта на мојата лева дланка
во лебот
мовот

од твоите воздивнувања децата ќе го грешат
за мувла
зад прозорците

од трпезаријата немо ќе лечат кога заспиваат
осите
на прагот

наследени алергии и украдени спомени:

ти во црвен фустан бемка на левото
око
во моето

полињата каде го оставивме детството на
предците со мекото од лебот ги храневме
птиците

со мекото од телото и срцата децата лажејќи ги:
ова е моето тело
земете го.

Долго после тоа ќе ги спуштаат главите
и завесите

ќе го зајдуваат сонцето секогаш околу 5 часот
знаејќи
дека

во темнина сите ликови од семејните фотографии
не гледаат
а не склопуваат очи.


Афродита Николова е уметник што пишува поезија и проза. Има објавено една поетска збирка која ја освои наградата „Лесновски ѕвона“ на конкурсот во чест на покојниот македонски поет Чедо Јакимовски и беше издадена на македонски, 2010.

Таа е професорка по англиски и еден од уредниците на книжевниот додаток „Ш“ што се објавува во склоп со независното студентско списание „Излез“. Го сака театарот и сценската уметност воопшто. Има учествувано во неколку претстави, како дел од две аматерски театарски групи во Скопје. Ја сака музиката и сликарството, и си чува стари водени бои и сонови во фиока. Од неодамна и гитара ѝ се најде на поклон, но досега си седи заклучена во соништата од фиоката.

Таа ги поддржува образованието, креативноста, разноликоста и мирното разрешување на етничките конфликти на Балканот. Некои есеи од овие области, како и дел од творештвото, се објавени во „Излез“ и списанието посветено на невладиниот сектор во Македонија.

1 comment: