Tuesday, September 20, 2011

Марина Мијаковска

Поезија од стихозбирката Номадска душа на Марина Мијаковска, Антолог, 2010.



Женски океан


Во врела вода
од
зборови
се капе
душава моја.
Зборува тишината!
Клучот во клучалката се кочи.
Внимавај!
Крик обезумен, бесен
од ова
женско тело
одбива да молчи.




Женскост


Разговарам со течноста во мене.
Каде да се скријам?
Јас сум ковчег од копнежи!?

Јас сум Другост!
Ни помалку
Ни повеќе
ЈАС!

Се смеам со тишината.
Рапсодија од пориви.

Го стискам перово со заби!
Кршам коски од забрани!

Се слевам во слузта
од
женски зборови!




Женствен молк


Јас субјект субјект – идеја!

Женствена – Живописна – Жаргонска.

Лебдам над логосот!

Говорам занемена!

Ги кршам канџите од правила!

Стереотипни – Стерилни – Сенилни!




Патоказ


Се движам меѓу редовите.
Нижам низа од запирки.
Јас сум
Присутна,
Течна,
Неконтролирана,
Напредвидлива,
Непремолчена
ВРЕВА!



Маргиналец

Јас сум име во загради!
Згрчено лежам
во просторот.

Јас сум Маргина!
Маргиналец,
Маркантен бегалец,
Босоног бездомник,
Безмилосен бесрамник
Безвластен благородник.

Јас сум Премин!
Преломник,
Невкотвен патник!



Андрогин


Се буди пантерот во мене!
Непредвидлив,
Незапирлив,
Немирен,
Неуморен.

Лицево ми е Анимус!
Јас сум моќен фалус!

Телово ми е Анима!
Еденова градина!

Јас сум монета:
Анимус и Анима.



Тишина

Тежината
Трепери
Тврдина
Трпението
Тивко
Тажи




Раѓање на идентитетот


Идентитетот е, пред сѐ, работа на симболи.
Амин Малуф

Никнувам од името.
Ја раѓам жената во себе!
Го голтам здивот од забрани.

Растам меѓу разликите:
Раса – Класа – Пол

Дом ми е телово!
Кревко а силно

Дом ми е душава!
тивка а гласна!




Молитва


Ги стегам зборовите в гради.
Ме плаши премолченоста!
Мракот ме моли.
Ме повикува
океант на осамата.
Ќе се искажам...



Номад

Јас сум знак!
Недовршен-неодреден-Непредвидлив.
Се движам меѓу ознаките во
просторот.
Ја продлабочувам смислата!
Го расејувам моето значење.
Јас сум Ти
Ти си јас
Јас сум Сѐ и Секаде.



Кратка биографија

Марина Мијаковска е родена во Скопје на 08 07 1984.

Дипломира на Kатедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески во април 2007 г. со просечен успех 9.00, и се здоби со звањето дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност. Истата година ги посетува едногодишните предавања по родови студии во Школата за род и политика во Институтот ЕвроБалкан- Скопје.

Во 2008 г. посетува четиримесечен курс за административно и деловно работење и се стекнува со психолошко-педагошка и методиска доквалификација на Филозофски факултет.
Во 2009 г. работи една година како административен работник во приватна фирма.
Во декември 2010 г. се стекна со обука за наставен кадар на тема: „Современи и креативни методи во наставата”.

На 04 07 2011 го одбрани магистерскиот труд на Филолошкиот факултет Блаже Конески и се стекна со звањето магистер по филолошки науки.
Предмет на нејзин интерес и се: книжевната методологија, родовите студии и старите цивилизации. Зборува англиски и шпански јазик.

Пишува поезија, есеи и книжевни критики. Има објавено триесетина книжевни прилози. Своите текстови ги објавува во македонската периодика. Автор е на поетската збирка Номадска душа објавена во 2010 г. во издание на Антолог од Скопје.

Во моментов ја подготвува својата втора стихозбирка под наслов Куфери.

No comments:

Post a Comment