Monday, September 19, 2011

Ива Апостолска

Скопска парабола

Млади летаргични гондоли
пловат по усвитениот епител на Скопје,
на летните заруменети образи,
трагајќи по мирно стојалиште,
кому му е се’ едно дали денот има 24 часа,
и какви се задолженијата на заменик-министерот за (квази)социјала,
чијшто ум останал да се дави во перницата,
стисната под пазувите на неговата (и не толку тајна) љубовница.



Трговецот плаче . . .


Врнат превртени солзи.
Се наоблачуваат сеќавањата.
Плачеш паралелно со себе.
Стрелките доцнат синхронизирано.
И експресниот воз и ветерот.
Реката те носи како празнина во темно пивско шише.
Скиташ по своите маргини.
Во неомеѓана сенка.
Солзите се пари.
Во живот на рати.
Спакуваните куфери – гробови на среќата.




Чевлите на Ана


Асфалтната текстура ги оближува аглите на нејзиниот чекор,
бакнувајќи го челото на светот,
чевлите на Ана диригираат копнежливи ноти
во ушите на уличните извидници,
непријатели на тротоарските безделничења.
Чевлите на Ана во меѓупросторот на надежите и очекувањата,
гравитираат кон почетокот на еден голем пресврт.



Најголемата услуга на светот [за хроничните конформисти]


Да им симнам мечтателски пранги,
да ги избавам од оваа доматска хипноза,
да им подарам крило – да ми вратат пердувест сон,
па да ме набљудуваат низ превез од црна свила,
со будно киклопско око.
Да бидам хуманоиден сателит на нивните скинати страници,
да им отпеам посмртна химна,
како се претворија во ангели од втор ред,
да ги обдарам со пар пијани синтагми,
со дозирани значења како по вино и текила,
и завршни свечени мимики за последен танц.



Никогаш


Мирисот на сите почетоци
распрскан,
бесмислено вљубен во чаршафите,
таму каде што се сретнавме,
во длабокото синило
како мастило на неповикан снег,
тогаш кога ѕидовите беа зафатени со наслушување,
ние само читавме симболи,
и си игравме со очекувањата,
и молчевме,
и никогаш ти не дозна,
јас испишав ветување на раката твоја,
еден стих, вечен белег.



Сензуална [...кратка воздишка...]


Усните ти патуваат скокотливо.

Жеден трепет галопира кон секој мој зажарен зглоб.

Бакнежите ти се армија покорeни војници . . .



Да можев


Да ја имав кристалната топка
ќе ги врзев надежите на виножитото
во утробата на светлината
ќе родев сончев цвет
ќе ја ранев наивноста во потколениците
ќе го прескокнев молкот на усните
тишината во ушите

Да можев . . .




Плејбек (*Playback)


Стварноста варира во сопствената смисла.
Сите ние,
а и оние кои не знаат дека се дел од нас,
теоретски го соголуваме својот идентитет.
И се’ она што е наша декларативна сопственост
е само фон на една сиромашна едночинка,
суперсонично трепнување.
Ова не е беседа за големото човечко заблудување,
ниту пак лов на епитети
кои го преспиваат својот триумф.
Ова е само увид
во состојбата на една неуморна повторливост.



Волчјо око

Од свиокот на неговиот ирис
до епицентарот на мојата силуета
мируваат колената на една приказна
делумно подгрбавена во суштината
аморфна во телото
трновита во генезата
неизвесна во епилогот
- приказната за волчјото око на двата субјекта



Ива Апостолска

Родена во Скопје, на 30.10.1983 година. Голем вљубеник во литературата и генерално во пишаниот збор, во било која книжевна форма и содржина. Средното образование го стекнува во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет – Блаже Конески, при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, како професор/филолог по Германски јазик и книжевност со Полски јазик и книжевност.
Има скромно искуство во спортското новинарство (пишува текстови и репортажи во отсекот - спортско качување во списанието за планинарски спортови - Корав).
Како поет-автор има настапувано на многубројни поетски настани, промоции и читања како член на литературниот кружок „Мугри“. Во периодот од 2003-2006 година најчесто има издавано своја авторска поезија и проза во алманасите на истоимениот кружок.
Во 2009 и 2011 г. (на 50-от Јубилеј) учествува на Струшките вечери на поезијата.
Застапена е како автор во „Антологијата на младата македонска поезија“ (издание на
СВП во 2009 г.).
Неколку нејзини поеми се препеани на полски јазик, презентирани на
50 - годишниот Јубилеј на Катедрата за полски јазик и литератута на Филилошкиот
факултет во Скопје.
Дел од нејзините поетски записи од септември (2011 г.) објавува на новокреираниот
блог – Nebula.blog.mk

No comments:

Post a Comment