Sunday, September 4, 2011

Ратка Шоклеска

ВО ТУНЕЛОТ


Беше напишано. Прочитав -
не се покајав.
Чекав знак, барав -
ништо не наликуваше на патоказ.
Ги имаше премногу,
никој не беше за мене.
Беше напишано. Прочитав -
Прокион ја зари вилицата
длабоко во она кое го нареков
мое небо.
Верував сите сме едно,
не ме убедија во спротивното.
Сите граници ги избришав,
илузијата остана.
Беше напишано. Прочитав -
знак сум турнат од патот,
колец забоден во туѓо месо.
Не се покајав.
- Можеби треба
нешто друго?!



АРТВЕРТАЈЗИНГ


Нема лоша критика.
Плунката на злонамерниците
вреди пари ако знаеш да ја продадеш,
да измислиш "топла вода".
Нема потреба од украсна хартија,
нема потреба од реклами,
сама по себе е светлечка реклама,
билборд ставен на мегданот, на Калето.
Нема лоша критика.
Зад чадот што се кренал
секогаш гори миризливо стапче.
Од ванила, од јасмин, од лаванда...,
од мирисот кој надобро
ги стимулира мозочните клетки,
а тие штанцаат флаери
и ги пуштаат во етер.
Чичко пушти леееетки, чичко пушти лееееткииииии....




СТРАТЕГИЈА


Да немав потреба да вриснам
сигурно ќе заборавев да зборувам,
а и да ги искинам гласните жици
мојот врисок не е повеќе нем.
_________________________________

Со џиновски чекори
ги премостувам континентите,
свесно ги прелетувам,
до другата страна на копното.
_________________________________

Нов извор протекува
од очите на непознатиот човек.
Вода, доволно силна да поплави СЕ
да донесе друга перспектива.
.
.
.
Светот го дрмаат страв и терор.
ШАХ - ШУХ - ШЕХ.
Со мирно срце ги прифаќам сите порази,
идеите се само пиуни на полето,
послушни војничња кои храбро маршираат.



КРАТКА БИОГРАФИЈА

Шоклеска Ратка, родена 04.07.1983 во Скопје. Дипломиран археолог при ФЗФ - Скопје, сега студент на геотехника при ГФ- Скопје.

Голем љубител и почитувач на пишаниот збор и уметноста воопшто. Досега има земено учество на Поетри слемовите во ЦК, читано поезија со музичка доза во полноќната програма на 103- Свирачиња, како и учество на 50 годишниот Јубилеј на Струшките вечери на поезијата 2011.

Нема издадено стихозбирка, но и покрај тоа сеуште акивно твори и своите пишуванки и стихови ги објавува на својот блог капка светлина и сверачно.

1 comment: