Sunday, September 4, 2011

Драгана Евтимова

Белег


Ако ти се случи да се сомневаш во својот лик што ќе го видиш во
огледалото закачено на влезната врата од твојот дом,
пред да започнеш да се залажуваш себеси дека вистинските
одговори ги знаеш само ти и никој друг,
обиди се да го запалиш светлото во собата и погледни дали во него
ја гледаш својата сенка.
И ако случајно сретнеш уште еден лик во рамката на огледалото од
твојот дом,
пронајди некој друг што наликува на тебе и започни да веруваш дека
има некој ист како Ти на овој свет.

И ништо повеќе не е потребно да кажеш и да направиш.
Сé се разбира и се знае однапред ...

Како белег наследен од родител ...



Трпеливи сме ...


(и) кога ги заморуваме со непотребни нешта оние што ги сакаме
само (за) да се припиеме до нивната воздишка
(и) кога им велиме дека имаат примамлива смеа
излезена од празните полиња на крстозборите
трпеливи сме
(и) кога со необично возвишена воздишка
ги цртаме нивните движења во тишината на времето
(и) кога ги пакуваме како тукушто напишано писмо
низ збиените страници на животот
трпеливи сме
(и) кога мислиме дека сме доволно комични
како нацртано глуварче со стуткана монета во раката
за незабележително да почнеме да го гравираме
нивното име врз нашето отсуство ...
Не е доволно да се потисне во себеси ...
Доволно е да се потисне далечното време во кое имало несреќи ...



Понекогаш ...



Понекогаш размислувам за сите наши несмасни несогласувања во
просторот на зборовите, при разделбите со оние што ни значат ...
Понекогаш мислам дека заеднички ни се само недостатоците на
нашето минато, што сме го оставиле да талка како силуета на глув
скитник по празни улици ...
Понекогаш гледам дека напразно се ѕверам во огледалото ...
оддамна ме нема ...
Понекогаш не сакам да ја чекам ноќта, бидејќи самотијата краде
делчиња од мојот живот ...
Понекогаш можам да ти го простам отсуството од сите досегашни
заминувања, само ако утре не се повтори истото ...
Понекогаш кратко ги сакам сеќавањата што продолжуваат во мене, и
кога тие се отсуство ...
Понекогаш не можам да престанам да го сакам секој вистински миг,
бидејќи тој се враќа како бумеранг ...



Тивка песна


(за оние што ги сакаме)
Оние што ги сакаме
ги поставуваме во средиштето на светот,
да го впијат сé она што е наше и ние тоа што е нивно.
Можеме да ги доближиме до сопствената кожа
па да ги сошиеме нашите зборови за нив.
Со двоглед се приближуваме до прозорецот
на нивниот дом
и тивко ги соголуваме
нивните соништа во ноќта ...

... во твојата соба
помеѓу останатите работи
има и еден расипан часовник
што ги доближува
краевите помеѓу моето и твоето време ..



По дождот...
(Доволно е само капките дожд да ги измијат
нашите лица од прашината на денот)

По дождот,
измиени се длапките на чекорите што ги оставаме наоколу, а ние
наоѓаме прибежиште во детските насмевки.
По дождот,
никој не чепка по нашите сеќавања, бидејќи само тогаш ние сме
честички распределени на минијатурни делчиња во растојание што
го мериме во илјадници километри тага.
И само по дождот,
умеам да го нацртам обликот на мојата желба со шестар врз
виножитото.
Оти само тогаш, секој миг солзите на луѓето собираат сé повеќе тага,
сé помалку радост ... така и истекуваат сите солзи заробени во она
што сме го присвоиле како свое.
... По дождот,
само насмевката е слободна, исто како и слободата,
оти слободата може да ни ја убијат, но не и да ни ја уништат.



Драгана Евтимова е родена на 13 март 1984 година во Скопје, Република Македонија.
Досега ги има објавено две збирки поезија: „Постоењето на динамиката“ и „Јас сум некаде на друго место“.

Има учествувано на Караманови средби (2009, 2010), Струшки вечери на поезијата (2008, 2009, 2010, 2011), Славистички собир на млади слависти во Загреб (2009, 2010).
Има објавувано во: во студентското литературно списание Мугри, Лоза, во српското литературно списание Rukopisi (Pančevo 2008), во Антологијата Ван кутије (Црна Гора, 2009), Босанското литературно списание Riječ (2009), словачкото списание Slovenské pohl’ady (2010).

како и на on-line:
http://www.okno.mk/node/5334
http://okno.mk/node/13039
http://www.locutio.si/avtorji.php?ID=795&clanek=1216
http://www.locutio.si/index.php?no=59&clanek=1505

No comments:

Post a Comment