Thursday, September 22, 2011

Вања Изова Велева

Чудни, чудни луѓе



Некои луѓе се чудни
Крадат дел од мене
И го живеат моето парче
Ги препознавам но оставам
Да гнетат туѓи сништа
Зашто свои немаат.
Чудни се некои луѓе
Крадејќи заборавиле дека нивното е туѓо
Ги чувствувам, но дозволувам
Да ми исцедат уште некој дел
За да видам како изгледа
Надвор од мене
Некои луѓе се чудни
Насрнуваат врз мене
Заради ново себеполнење
Чудни,чудни луѓе





Некоја друга јас



Некоја друга јас
Ми ја нагризува черупката
Длабоко во мене грицка дел по дел
Подготвувајќи себеуништување
Некоја друга јас
Се втурнала во мојот дом
И ми го руши мостот
Закачен од рамо до рамо
До коска ги рие ноктите
И се радува
На црвенилото разлеано
Како бојадисано утро.
Не ја спознавам другата јас
Се кикоти и ми го корне гласот
Пуштајќи го низ пукнатините како клетва
Другата јас не сум јас
Таа откорнува што садам
Извикува што премолчувам
Убива што раѓам.
Се закачила на моето рамо
И ме треска од земја
Ми дише во вратот
И знае дека е друга ,знае дека има одобрен излез
И слободен влез



Ме повика месечината



Месечината ме повика
да и ја држам снагата
се уморила висејќи
во темнината,шетајќи по ширината
Ме повика месечината да и бидам соучесник
во намалувањето за да и го чувам стравот
и расчистам местото на вкоченоста
Месечината и јас
таа горе, јас долу
таа со наведнат поглед
јас со искривен врат кон нејзината снага.





Што се случува во главата на таа жена?



Што се случува во главата на таа жена?
стои наконтена во обичноста
и копа по досадата.
Ги тркала очите во дупките
и си закачува гримаса
Што се случува во главата на таа жена?
мислите и шетаат од сосетка до колешка
и прави фотомонтажа во плитката черупка.
Што и се случува во главата на таа жена ?
Очите и трчаат
усните киваат

празнина и дрема меѓу рамењата,
а седеше на поетска манифестација.




НЕ...



Не зборувај гласно
да не ми го разбудиш каменот
па да ми се стркала удолу
и скрши ребрата

Не викај силно
да не ми го забрзаш пулсот
и подместиш срцето

Не тропај
зашто ќе прашам кој е
и ќе откријам дека
каменот си е на место
пулсот дрема,а
единтвениот тропот е оној од срцето.



Вања Изова Велева (Струмица)- член да Друштвото на писатели од 1995год.

Автор е на збирките:

1. Вентил во постоењето-1993
2. Смрттта на рибата-1995
3. Зашиени грла 1997
4. Правта не зборува 2002
5. Плач во кутија 2007
6. Бездна угоре 2010
7. Неколку легенди за Струма 2011(прозно издание)

Нејзината поезија е преведувана на :

- англиски јазик
• (In our own words Generation defining itself-2007
• A surrender to the moon-2005
• Invoking the muse 2004),

-на српски јазик
• (Градина-часопис за књижевност,уметност и културу 2006)
• Зборник –Гарави сокак ,

-на бугарски јазик
• (Круг-национално младешко списание за култура 2002 ,
• Мизија-алманах за литература 2006.)

-На македонски јазик поезијата и′ е застапена во списанијата:
• Портал 2004,2007,
• Огледало,
• Стожер 1998-2005,
• Сум -списание за уметност 2004 и 2007.)

-На словенечки јазик низ списанија и интернет верзии
Песните на Вања можат да се сретнат и во повеќе поетски книги:
• Сто без една-2007,
• Воспеви за Султана Миладинова-2001,
• Сонце 2003 и др.
• Со свои песни застапена е и во Проектот Растко

Нејзината поезија е објавена и во електронско издание на уметничка литература (15 РОДНОКРАЈЦИ) Коавтор е на монографското издание Чекори по ѕвездените штици.
Повеќепати била македонски претставник поет во: Франција учесник на меѓународна поетска манифестација Гласови на медитеранот во Лодев заедно со Радован Павловски
(22-29 јули 2001,Бугарија-Плевен активно учество во Меѓународната плевенска писателска средба Побратимени светови (01до 04 јуни 2006 ,Србија Панчево ,Поет претставник од ДПМ на поетски средби во Словенија.
Освен поезија во споменатите списанија можат да се сретнат и прозни текстови од ВИВ.

Член на претседателството на ДПМ од 15 мај 2000-2004 и 2004 -2006 Член во жири комисија за книжевна поетска награда Ацо Шопов и член на комисијата за дебитанска книга Караманови средби како и член на Советот на Карамановите средби. Член во жирито за најдобро поетско остварување на Дојрански ракувања. Публикација на македонските писатели со биографски податоци 2000,2001,2004. Автор на документарен филм за Дојрана.

Добитник е на повеќе награди меѓу кои :прва награда на манифестацијата “Празник на липите“, трета награда од INTERNATIONAL SOCIETY OF POETS(27.02.2005),повеќе награди на локално ниво,втора награда на 25-те Караманови средби, втора награда на отворен конкурс за литература,награда-објавена песна во книгата Гарави сокак(деветнаесета меѓународна средба на поети-2008)

No comments:

Post a Comment