Sunday, September 4, 2011

Вероника Костадинова

Зборот во тесен чевел


Пушти го да пријде зборот
кој ѕирка несигурно
зад тарабата од формалности.
Му го чувствувам копнежот.
Го препознавам.
Истиот копнеж го имаат
малите прсти од моите стапала
кога ги шетам наоколу
во тесни чевли
со високи потпетици.
Олабави.
Пушти го зборот,
зашто…
ќе ти тежи повеќе
отколку мене
чевлите во раце
кога се враќам боса.



Жирант


Не биди намќор.
Иако е светска криза на позитивност.
Знам дека си кредитоспособен
за насмевки.
Еве, ќе ти бидам жирант
ако е потребно.
Насмевни се.
Нема да заглавиме
со каматната стапка
за сјајот во очите.
Насмевни се.
Ќе ја ставам под хипотека
целата своја духовитост
за да ги отплатам ратите,
кога ќе те притисне сериозноста.
Ништо не губиш.
Насмевни се.



Прешкртано


Не мери го времето.
Заеби.
Имаме премалку минути
а премногу години,
за сите тие објаснувања.
Прешкртај ги.
Порамни ги краевите
на насмевката
и закопчај го погледот.
Те стега мислата?
Не мудрувај.
Батали.
Паметот е потстанар
кој доцни со киријата.
Не не‘ собира и двајцата
во една приказна.
Да бевме помали…



Вероника Костадинова
(37 години, од Кавадарци, досега издадени 3 книги со поезија и учество на повеќе поетски настани, блог со поезија http://venera.blog.mk )

No comments:

Post a Comment