Wednesday, September 14, 2011

Елена Пренџова

ЗА ИСТОРИЈАТА НА ЖЕНСКАТА ФИГУРА

Сте се запрашале ли некогаш која е историјата на женската фигура?
И низ каква сe не жената поминала тортура
За совршениот изглед да го постигне
И идеалот на машката замисла да го достигне?

Сте се запрашале ли некогаш како женската фигура се менувала низ историјата
При тоа одејќи против на жената биологијата?
Еве, јас ќе ве потсетам
Не, јас нема да ве заморувам со размислите на филозофијата
Само ќе го кажам она што веќе е запишано во социологијата.

Сте се запрашале ли некогаш која е историјата на женската фигура?
И зошто плавушата е најпосакуваната цура?
Еве, јас ќе одам контра својата природа замолчена
И, знам, можеби ќе делувам како огорчена
Но на душа носам нешто неизречено, нешто што ме притиска и пече
И не, не сакам да го закопам во длабоката тишина
И да чекам тишината сама да го рече.

Сте се запрашале ли некогаш која е историјата на фигурата женска?
И дека таа отсекогаш не била анорексично тенка?
Би ми верувале ли кога би ви кажала дека изгледот на секоја жена
Е на мажот и на неговата финансиска состојба сенка?

Сте се запрашале ли некогаш која е на женската фигура историјата?
И дека таа воопшто и не постоела во праисторијата?
Немало пол, немало род, no sex, no gender
There were no male-female fights in which women should always surrender.

Во пред нашата ера
Никој во жената немал вера
Нејзината единствена улога била да биде убава и да знае да готви
А единствената цел како сопруга во куќата на маж да се укотви.

Низ вековите нејзината примараност била деца раѓање
Во случај да сакала да научи да чита и пишува
Плоштадите и биле на располагање за со камења гаѓање
А ако посегнала по љубов
Е тогаш светот бил многу суров
И за казна ја линчувал.

Но да и се навратиме на цивилизацијата
И да ги напоменеме сите почести што и ги донесе на жената демократизацијата
Политичкото право на глас
Но не и образованието потребно за формирање свој личен став.

Но штом векот на свет го донесе женското мини
Тоа стана симбол на женската родова слобода
И мажите кон жените станаа многу пофини
Но не затоа што се плашеа од побуна
Туку затоа што заглавија во предрасуда
Дека на женското мини краткоста и тесноста
Се правопропорционални со на жената лесноста.

Немам намера да навлегувам во политика
Нема да ја изоставам ни модната критика
Која им го наметнува на жените моделот за идентификација со Барбика
И ги прави да изгледаат како произведени во фабрика.

Појавата на корсетот го заврти светот
И ја стесни женската половина
Но помогна да ја направи жената уште поголема машка своина.
Низ сите ребра, до дијафрагмата
Се стеснува една врвка, две врвки, три
И ете ти ја жената без здив
Па таа е толку полна нежност
Што ја предизвикува машкоста кон женската кревкост на верност.


Но не само тенката женска половина
Ја прави жената машка своина.
Мажот отсекогаш сакал да фаќа кривини
Па макар тоа биле и женските облини.
Јасен симбол на плодност
Колковите се со тенките половини во сродност
И за да не дојде до некоја конфузија
Го воведоа турнурот да создаде за уште потенка половина илузија
Ви текнува зошто, нели?
Па колку потенка половина, толку позаоблена облина.

Кога во автомобили почнаа да се возат жените
На турнурите им се намалија цените
И излегоа од мода
И кога салонот го завикаа соба
На жената не и преостана ништо, освен да заборави на визуелната илузија
И да ги напумпа колковите со целулитна инфузија
И беше тоа во екот на пред овој векот
Кога Мерлинка беше секс бомба
Но по светски настаната свест за во Африка гладот
Твиги беше причина за на Мерлинка падот
И оттогаш сe почна
Крцкавата девојка стана на вкус сочна
И кога успеаја да ја ослабат до скелет
И да ја избледат до аристократски-градски тен
Увидоа дека е премногу кршлива за во кревет
И дека идеалниот маж за неа е некој бизнисмен
Кој ќе може слабото и тело да го покрие со накит цело.

Булимија, анорексија
Сe се врти околу телесната перфекција
Манекенките ги сведоа на даска
Па ги воведоа силиконите како пракса
Се вадеа на естетика, а всушност произведоа кич и патетика.

И на што се сведе современата жена?
На кујнски рецепт и тело без интелект?
На цицки полни силикони еден грст
И усни потечени како цел прст?
Ве молам, размислете, кој всушност вистински е распнат на крст?



Смртта на Божиќ



Излози
на излозите кукли наоблечени
пред излозите лица вджашени
на стаклата прсти исполепени
пред касите редици од недоглед
сметките повисоки од платите
на производите цени поголеми од понудата
на лудјето партали од вредност
во домовите храна за ситите
во колибите снег за замрзнатите
а Исус се родил во штала.

Брзање
секој на своја страна
а страната на сите е најдалечната продавница
за облека
за храна
за сето она што не ти треба
а она што ти треба
не ти текнува
прашање сто славиш
си заборавил.

Славиш
што си се пицнал
нозете те болат од што си се штикнал*
страшни главоболки
а мисла никаде нема
фаци што мислиш дека ги знаеш
и лица кои не ги познаваш
две илјади и кусур пати
умираш на роденден.

Поизлозите
брзање
затоа што
поинаку не знаеш даславиш.



* облечени на штикли




* * *

Јас сум уникатна рачна изработка,
мојот пласман на пазарот е внимателно економски испланиран,
мојата вредност е заработка со предумисла.
Намерно сум погрешно етикетирана.
Го нудам она што е во согласност побарувачката.
Поминувам кај секого.
Јас сум материјал за стокова размена –
се движам помеѓу маргините на хиперреалноста и имагинацијата.
Јас сум предмет за кој откога ќе се плати,
употребата му е завршена.
Највеќе вредам кога ме немаш.









* * *

Заситени сме од компјутерски игри.
Ајде да бидеме креатини и
да им се навратиме на старите игри.
Ќе излеземе на паркингот пред зграда,
ќе заградиме свој простор,
ќе му дадме име според нашето,
во него ќе поставиме оловни војничиња и
ќе изградиме куќички како во монопол.
Ќе си поделиме извесен стартен буџет,
а откога ќе го потрошиме на данок на луксуз,
ќе правиме територијална размена.
За да биде возбудливо
ќе ги убиеме војничињата и
ќе ги разрушиме куќичките.
Играта ќе ја викаме политика.







* * *

Нека не те залажува крстот што го носам на чело.
Тоа е само стилизиран кукаст крст.
Обрежана сум за сите гревови на човечката раса.
Мојата космополитност не е доволна невиност
за простување на гревовите.
Пеколот се преполни,
па ги помножи своите девет круга со бесконечност.
Сега се издигна над земјата
и
го постави рајот како центар на својот круг.






* * *

Јас сум замолчен став.
Имам развиено мислење
и за мислењето.
Мојот живот претставува извинувачки компромис на
човечкиот грев.
Немам вера, а секојдневно ја составувам
својата Библија.
Се искупувам за својата
безгрешност.
Секој петок навечер се причестувам во
хедонистичките храмови,
пред иконите на
модените светци,
кои ги дале своите животи
млади,
за да ја постигнат естетиката на
телесното распаѓање.
Предозирана сум со
критичко мислење.
Јас сум тотем на мачка со
девет смрти.
Единственото од
мене
што може да се реинкренира е мојата
плава перика.









ЗОШТО НЕ МИ КАЖУВАШ КАДЕ ОДИШ?

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Јас одам таму патот кај ме води
Чекорам ветрот кај ќе ме оддува
И итам без побуна

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Затоа што не ја знам својата дестинација
Немам визија за европеизација
Ниту виза да преминам граница
И знам, присилно ќе ме симнат на некоја непозната станица

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

У курац патов што не се доодува
Се чувствувам ко бебе кое туку што проодува
Еден чекор, два чекора, трет
Еве ме во колона чекам ред
Да го добијам бројот во мојата лична карта
И моето име и презиме
За да може системот од мојот живот да направи резиме
Со кој сум, што работам, кај одам
А системот не го интересира која сум, што сакам да правам, на каде се водам
Сe додека уште еден пиун за во шахот не им родам
За да имаат врз кого да го одиграат матот

Шах-мат
На партијата и ставија крај, на мојот живот направија крах
Наместо марама, јаже ми врзаа околу врат
Ми ветија спас
Од животот
Од бездомицата и бессоницата
Од тагата и славата
Од труднички болки во стомакот и револуционерни идеи во главата
Од стравот од смртта и алкохолното труење во крвта
Од бесот и лагата, од болката на вистината и за абортусот причината
И без да ме навлечат на хорс, екстази или мара
Ме одвлекоа во заборавот
Залажувајќи ме, излажувајќи ме, низ игра прелажувајќи ме -
Добри играчи се, мајка им стара

Ма кој ги врти, кој ги ебе
Во ова време - не-време секој си гледа за себе
Ш-ц, мала
Зошто не ми кажуваш каде одиш?
Сакам да дојдам со тебе, друштво да ти правам
Чуму??? Зарем ти изгледам јас ко да сум сама?!
Ма, неее, женска ко тебе никогаш не е single
Знам, голема си
Не веруваш во Дедо Мраз, но јас за тебе вечерва ќе го одглумам Chris Crinkle
Нема потреба, не е Нова година
Ма што е битно
Само дозволи ми да ја обвиткам мојата рака околу твојата половина
И да фрлам нешто ситно за твоето пиење
И да преминеме на главното, преку кур ми е од играње мачка-глушец и криење
Леле, не можам, што ќе каже дечко ми?
А, дечко ти е оној покрај шанкот што ја лапа женска ми?

Ш-ц, мала
Зошто не ми кажуваш каде одиш?
Сакам да дојдам со тебе, друштво да ти правам
Не можам, вечерва не сум сама
А-ха, гледам, да, со другарка ти си, па супер, можеме во тројка
Ма гони се, ропак еден, еве ти од мене една двојка

Ш-ц, мала
Зошто не ми кажуваш каде одиш?
Сакам да дојдам со тебе, друштво да ти правам
Застани, не заминувај
Дај да те попратам, доцна е, мост сама не преминувај
Дозволи ми вечерва твојот принц јас да бидам
Само дојди прво коњот од паркинг да го соберам
Слушај дечко, и последен маж по Апокалипсата да си, јас нема тебе да те одберам
Единствена принцеза за тебе јас можам само Пепелашка да ја одглумам
И на полноќ од дома вратата да ја отклучам

Дечковци, мувачи, пуштачи
Сите се на цигари или на курови пушачи
Ма кој ги врти, кој ги ебе
Во ова време - не-време секој си гледа за себе
Зарем тебе ти е гајле за мене?
Мислиш мене ми е гајле за себе?
Јас ќе дадам сe од себе
Да извлечам сe од тебе
Ќе ти земам и пари и тело и душа
Ќе ти наплатам и за воздух и за вода и за суша
Сакаш да си го паркираш во мене?
Нема проблем, заби ми го до гуша
Знам дека сакаш
Еднаш штом си ми го начукал повеќе не се враќаш
И не враќај се, не буди ме, сонувам јас посреќни дни
За мене, за тебе, за моето неродено бебе
Молам? Сакаш да имаш со мене дете?
Ова е твојот еуфемизам дека сакаш да ме ебеш?
Ма, иди крши глава
За тебе кондомот е луксуз, а сексот шала
Навистина мислиш дека ние жените ќе се труеме со хормоналната таблета
За да вие мажите си го подавате од една на друга како штафета?

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Затоа што не одам таму каде што ти ме водиш
Мојата крајна цел не е твојот кревет
Ниту деветката од 69
На мојата БИИП пати изгубена невиност ти не и ја знаеш цената
Со тебе сум само за да си ја одиграм сцената од мојата животна претстава
Според мене трагедија
Но луѓето не знаат што се крие во душата на оној кој постојано се смее
И не знаат дека мене сонце секогаш не ме грее
Затоа на мене гледаат како на комедија
Никој не сака да биде tête-à-tête публика
Никој не те гледа во амфас, сите ѕиркаат од страна
Затоа бараат карти во ложа
За да го видат жртвеното јагне како се крие во волчја кожа
За да видат како на Црвенкапа приказна и сошија од крвта
За да видат како Лилит ја задушија со папочната и врвца
И и го одземаа местото од Библијата
Затоа што машката брада на црквите подобро им ја плаќаше киријата
И оттогаш и за вечни векови
Патерот се искачи и остана на врвот
Но кога ќе заврне дожд и ќе промрда црвот
Гологлавиот патер
Секогаш се крие во пичката му матер

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Зошто да ти кажам, зарем не ми веруваш?
Велиш ме сакаш, а всушност сакаш да ме поседуваш?
Ти немаш ни Љ од љубов
Ти ги имаш сите Љ од љубомора
Зарем мора кон мене да бидеш така суров
И да ми ја гушиш личноста ко во гасна комора?
Ма опушти се, човече
Ако јас сум феминистка, не значи дека ти треба да бидеш шовиниста!
Зарем не сфаќаш - како и да ја фрлиме паричката, петката со главата секогаш е иста
Не, не е дека не сум опуштена
Но твојата замисла да се опуштам е малку да ти го попушам
Но, драги мој, кој тогаш на крај ја гаси цигарата?
Знам, од мене побитна ти е на куќата фасадата и алатот во гаражата
Но, мене ми е за утеха –
Тебе и за мајката на твоите деца ќе ти биде гајле ко што ти е за рибите во Сутјеска

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Baby, јас одам таму каде ти одиш
Сакам вечерва на Водно да возиш
Знаеш зошто е добар сексот со учителка?
Не знам, досега не сум спиел со даскалица
Таа секогаш вика ајде да повториме уште еднаш
Мацо, таму возам уште одма-веднаш
Мојата кола станува класична клацкалица
Уф, како во форма ќе ми го одржиш
Сакам да го примам тоа што ти во себе го содржиш
А даваш на приватни часови?
Се гледа не си вчерашна, мора да си поминала многу класови
Знаеш дека во тебе се заљубувам
Немој, јас си заминувам
Ти си само уште една бројка во мојот училишен дневник
Значи за тебе јас сум само уште еден бедник?!
Ма не, не е тоа, има и други што чекаат на ред, морам и на нив да мислам
Немој, не збори така, ќе заплачам
Сакаш дада да ти даде цицка?
Не ме сфаќај погрешно, јас не сум проста и не се туткам
Но знам дека што и да ми кажеш за тебе сум само уште една за пополнување дупка
Мислиш можеш мене да ме залажеш со марката од Шутка
И на старо купената кола?
Морав да ја купам, пичките се палат на волан
Мислиш дека си даса и можеш да ме купиш со една частка?
Ма неее, јас не знаев како поинаку да ти пријдам
Се сеќаваш ли, дека ни името не ми го кажа?
Ма викај ме како сакаш
Знаеш, не ми се допаѓа многу оваа ментална масажа
Ајде да повториме уште еднаш
Еј, тоа е моја реплика!
И не сакам пак да ми го спопикаш
А што, ќе ме силуваш?!
Не се прави невина, знам дека така милуваш

Зошто не ми кажуваш каде одиш?


Де бре, жено, каде може да одам, одам во блиската кафана
Да даде Господ да ја преспиеш ноќва во апсана
Наместо платата да ја испиеш и кај таа курвата да заспиеш
Да знаев дека бракот е ваква гомназија
Ќе запишев факултет после гимназија
И наместо бело да облечев во село
Ќе облечев црно свилено и ќе заминев во метропола
И таму ќе најдев силна финансиска потпора
Ќе се офарбав плава и ќе навлечев убава става
И ќе бев светица – ќе лечев мажи од импотенција
И комплекси ќе си лечев што сум од провинција
Барем ќе имав иднина
Овде сe што имам е минатото на Јосип Броз Тито и корупција и мито
И живеењето ми е ко протнување низ решето и сито
На кои дупките сe повеќе се стеснуваат
А деновите поминуваат
И јас живеам за да ме оплакуваат

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Одам на Исток, таму Сонцето изгрева
Будалче, таму исцртуваат нова мапа
Попаметно ти е да одиш на Запад
Таму секој секого сака
Луѓето се алтруистични, насмеани и мистични
Никој ништо не збори за себе
Секој си има свој личен Фројд кој го плаќа за во здрав памет да го ебе
Кауч-терапија, пластична операција
Јас не сум јас, јас во своето алтер его барам спас
Без иднина плачам без глас по своето минато што од мене е откинато

Зошто не ми кажуваш каде одиш?

Јас одам таму патот кај ме води
Чекорам ветрот кај ќе ме оддува
И итам без побуна




* * *

Посакувам да сум глобално натурализирана.
Да ја избришам од себе својата националност и расност.
Да бидам само уште еден животниски вид во теоријата за еволуција.
Посакувам да сум граѓанин на светот во животинското царство.



ЈАС. ТИ. ТОЈ. ТАА. НИЕ. ВИЕ. СИТЕ ТИЕ.

Сакаш да направам една мала, кратка интерпретација
На твојата Dasein симулација?
Ќе се обидам да бидам блага дозирано
И миметички да го доловам твоето битие копирано
Да, да, драги мој, ти изгледаш како на сите мажи цитат
Згоден и неопходен постмодерен андрогин кастрат
Колку повеќе некоја те конзумира
Толку повеќе твоето сепство го анулира
Твојот идентитет
Воопшто не е раритет
Напротив, се сведува само на женски спротивен поларитет

А и не си баш интересен
Ко прадедо ми си во размислувањата вчерашен
И во стилот си ко татко ми ретро
А и ко дедо си импотентен, дај да не се мачиме, те молам, запали светло
Немаш критичка мисла, задоен си во институционализираното знаење
Дај да се разделиме пред и двајцата да потонеме во депресивно каење

Кога велиш те сакам, го велиш тоа така, фигуративно
Велиш, ти доаѓа, онака, инстинктивно
Знам јас дека тие зборови за тебе се само фарса
Начин да ме заведат до од тебе предизвикана оргазмична катарза
Ако и јас на твоето те сакам со исто реплицирам
Без разлика дали вистината ја констатирам или и контрирам
За тебе би било општа револуција
Што со тоа на нашата врска и правам конструкција
И ја дефинирам

Се колнеш дека си моногамен
И дека љубовно си ко Вертер страден
Но јас мислам дека сепак твојата идеологија моноаморна
Те доведува до состојба заморна
Ни оддалеку не си женоотпорен
Твојата природа инстинктивно ти бара простор продорен
На твојот пенис девојките се запишани како палимпсест
Не дека и мене врските не ми се раритет -
Доколку би ги споиле актуелните ни бивши би направиле октет
Од нашиот бинарен интимен квартет


Единственото нешто за што си способен
Е да залажеш некоја типка до твојот стан двособен
Пред да и направиш краткотрајна обиколка
Со твојата Застава-приколка
Или да и ја покажеш скопската панорама
Откако ќе ја поднапиеш во најевтината кафана

Се замислуваш како да ти е на Црнец,
А мене повеќе ми личи како на конец да ти виси
Твојата белосветска култура
Се сведува на Зоки-Поки прочитана литература
Оддаден си на ненаситен конзумеризам
И заробен во дваесетипрвовековниот материјализам

Ниту јас тебе не ти се допаѓам, ми велиш се облекувам патријалхално
А и моето однесување ти е многу радикално

Според тебе мојата Dasein интерпретација
Е на општественоприфатената женскост симулација
Мојот изглед нападно е дозиран
Миметички е од модно списание копиран
Ти изгледам како на манекенка цитат
Додаток на секој постмодерен андрогин кастрат
Колку повеќе ме конзумираш
Толку повеќе моето сепство го анулираш
Мојот идентитет
Воопшто не е раритет
Напротив, се сведува само на машки спротивен поларитет

А и не сум ти баш интересна
Ко прабаба ти сум во размислувањата вчерашна
И во домаќинлукот сум ко мајка ти ретро
А и ко баба сум сенилна, да си ги платам сметките заборавам често
Немам критичка мисла, задоена сум во институционализираното знаење
Секое ебење ми завршува со каење

Кога велам те сакам, го велам тоа така, фигуративно
Велам, ми доаѓа, онака, инстинктивно
Знам јас дека ти знаеш дека тие зборови се само фарса
Начин да те заведат до од мене предизвикана оргазмична катарза
Ако и ти на моето те сакам со исто реплицираш
Без разлика дали вистината ја констатираш или ми контрираш
За мене би било општа револуција
Што со тоа на нашата врска и праваш конструкција
И ја дефинираш

Ти се колнам дека сум моногамна
И дека љубовно сум ко Каренина страдна
И мојата божемна идеологија моноаморна
Те доведува до состојба заморна
Ни оддалеку не сум мажоотпорна
Мојата биологија ми е природно продорна
На мојта вагина мажите се испишани како палимпсест
Не дека и тебе врските не ти се раритет -
Доколку би ги споиле актуелните ни бивши би направиле октет
Од нашиот бинарен интимен квартет

Единственото нешто за што мислиш дека ме бива
Е да се извлечам на мојот добар изглед кога сум законски крива
И да си придадам значење
Со безпричинско плачење
И да го гледам небото над скопската панорама
Додека се трезнам од испиеното во најевтината кафана

Мојата белосветска култура
Ја сведуваш на Зоки-Поки прочитана литература
Оддадена сум на ненаситен конзумеризам
И заробена во дваесетипрвовековниот материјализам

И ти не ми се допаѓаш, и ти се облекуваш патријалхално
И твоето однесување е многу радикално

Сакаш да направаме една мала, кратка интерпретација
На нашата Dasein симулација?
Да се обидеме да бидеме благо дозирани
И миметички да ги доловиме нашите битија копирани?
Да, да, драги мој, ние сме еден на друг цитати
Со права заштитени плагијати




* * *

Не ги препознавам решетките на сопствениот затвор.
Доброволно се пријавив да издржувам казна за своето автогено постоење.
Ме обвинија за дискриминација.
Јас им возвратив со сепарација.
Моето Јас не припаѓа во нивното безлично Нас.






ЈАС БЕЗ ТИ

Сакаш да бидеш со мене
Велиш ме сакаш покрај себе
За тебе сум потребна и доволна доза
Заедно би ја истражиле секоја Камасутра поза.

Со мене стануваш познат
Уште пред луѓето за тебе да дознаат
Но го имаш она машко его
Кое ти го држи лабав како на дедо.

Да се насмееш како да ти е страв
Велиш да покажеш немаш златен заб
Извини, намќурлакот да не ти е професија?
Или така само ја лечиш својата депресија?

Велиш сакаш подобро да ме запознаеш
А всушност сакаш контото во банка да ми го дознаеш.
Дека сум на мама и тато една се залета
Злато, сe уште не си свесен на кого налета.

Тебе те боли куќата на село
А гордост ти е секое твое сељачко дело
Сакаш да навлезеш во скопската аристократија
А упорно гласаш за народната демократија.

Мислам дека е крајно време да најдеш некоја како тебе
И во неа да го посееш своето семе
Направете уште многу мали сељачиња
Кои и полнолетни ќе ги водите за рачиња.

Навистина се обидувам да не бидам груба
Но ти никогаш не си чул за вечерите во Струга
Ти никад ниси на кафану сит
И животот ти е филозофски лит.

Јас без Ти-
Така е најдобро.




Кратка биографија

Елена Пренџова (1985, Скопје): поет, преведувач, препејувач, есеист. Дипломирала англиски јазик и книжевност. Учествувала на повеќе домашни и интернационални поетски фестивали, научни собири, работилници и книжевни колонии. Објавува поезија, проза, есеи и преводи во македонската и странската периодика, а дел од нејзината поезија е преведена на бугарски јазик. Авторка е на две поетски збирки: "Јас" (2006, "Современост") и "Таа" (2009, "Академски печат"). Членка е и на консултантскиот тим на првиот "Хипхоп англиско-македонски речник" на авторите Славчо, Александар и Емилија Ковилоски. Учествува на хуманитарни средби и била претседателка на жири-комисија за избор на најдобри книжевни творби од децата без родители и децата со посебни потреби, во организација на невладината организација Таленти. Добитничка е на неколку поетски меѓународни награди, а наградувана е и на неколку поетски слемови одржани во Скопје, Прилеп и Тетово. Член е на редакцијата на списанието за литература, култура и уметност Тренд.

4 comments:

  1. *Секоја чест Елена.. Уникатно*

    ReplyDelete
  2. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
  3. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
  4. Неритмички и неримувани текстови не се поезија и гревота е што убавите замисли во твоиве белешки ги оставаш голи, наместо да ги облечеш во убаво скроени сонетни фустани.
    Сетирај си го Word-от да не ти прави голема буква на почетокот од секој ред: Tools>AutoCorect - унчекирај ги сите опции.
    И не сечи вени за некакви абд(у)али што божем те научиле што е поезија, вистинските учители се класичните поети, повели, ги собрав во една Петска торта од 514 јајца.
    http://www.mediafire.com/download/ovx27ztet57wj9t/%D0%9F%D0%BE%D0%B5%D1%82%D1%81%D0%BA%D0%B0+%D1%82%D0%BE%D1%80%D1%82%D0%B0.pdf

    ReplyDelete