Sunday, September 4, 2011

Снежана Стојчевска

Филозофска Песна

Чудно време, пролет сред зима
Веќе ништо не е како порано
Се помести земјата од својата оска
Се поремети векот
Гледам жени што рабтат како мажи
И мажи што се женат за пари
Секакви не има
Луѓе сме
Толку различни, во суштина толку исти
Бареме совршенство
А тоа не (ебе во мозокот) постои
Вештачки усни, вештачки гради
Исто такво срце
Лажни слики
Празни насмевки
Општа површност
Совршена апатија
Знаеш ли?
Среќата за мене и за тебе не е иста
Твојата се вика сигурност
А мојата слобода
Се си има свое лице и опачина
Секоја пара две позадини
Секој меч две острици
Секоја приказна две страни
Сам избери на која страна ќе бидеш
Сам си е одговорен за своите избори
За својот час, ден, живот
Сите лекции, сите патила, болки, страдања
Не водат до истото сознание
Од кај сме дошле таму ќе се вратиме
Се се менува, во суштина се останува исто
Се раѓаш, живееш, умираш
Се раѓаш, живееш, умираш
Се раѓаш, живееш, умираш
Прашањето е:
Ќе оставиш ли трага?



Часовник или Црвено Јаболко

Јас не знам каква песна денот ќе ми донесе
Будно, на нозе ја дочекувам
Но знам дека секој миг е благослов
А часовникот чука, не прашува
Точно е 7 часот и 0 минути
Време за будење
Уморна сум
Од луѓе, од измешани енергии
Ми треба мир
Ми недостасува тишина
Спокојството ми е луксуз
Се` некаде брзам
А постојано доцнам
Се` немам време
Од таксисти, за крупно го купувам
Веќе одамна никому да не припаѓам
Се извлекувам од вообичаените напади
Да се бојадисам црвена
Имам чудна потреба
Да кинам хартии кога сум нервозна
И навика несвесно да ги гризам усните
Необично, длабоко ме допираат
Песни во кои ширум се отвараат прозорци
Имам вкус на црвено јаболко
Не можеш да ме пробаш
А да не те обземам отровно
Ти шепотам
Секој миг е благослов
Никој и ништо не ни е дадено за навек
Ни јас тебе, ни ти мене . . .
Не ме разбираш.



(Не)Новогодишна Песна

Не скршнувам на патот од работа до дома
Не сакам да ме пресретне овој град
Накитен како ефтина курва
За да ме потсети колку сум сама
Кога се е така блескаво и среќно
Насекаде се шири арома
На потрошувачка хистерија
А јас само сакам да ја преспијам
Да се покријам преку глава со ќебето
И да се убедам дека не постојам
Таму ќе уживам во своето непостоење,
Во 4 коцки чоколадо, без вина
И гласно ќе се смеам на мојот неуспех
Да се сетам кога последен пат
Напишав љубовна песна
Ќе можам мирно да заспијам
И кога месечината е полна
Без да ме измачува она непријатно претчуство
Дека нешто лошо ќе се случи
Само затоа што се` е премногу совршено
За да биде реалност
А ѓаволот – велат - ни ора ни копа
Чека предизвик
Искрен крик на восхит и среќа
За да замавне
Хармонија помеѓу половите
Во доброто лошо
Во лошото добро
Јин и Јанг
Стара древна кинеска философија
Серум во зимските ноќи.



Погрешно Време

Ме боли желудникот од овој машки свет
Не можам да ја сварам
Оваа помија за шовинистички свињи
Не сум трофеј, главна награда
Моден додаток, ниту привезок
Не сум порцеланска фигура
Во твојата витрина на ниски старти
Не, јас не сум мерка за големина и машкост
Ни лек за его и еготрип
Јас сум само поет
Се смееш, знам, ме исмејуваш
Не ме разбираш
Не се ни обидуваш
Не ни очекувам
Ти само мавај посилно
Трескај со топчињата
Во ќошињата на моите мозочни келии
Удирај со рачките по разумот
Испразни го гневот,
Истроши ја темнната
Јас ќе истраам,
Ќе премолчам
Но се` ќе запишам
Нема да заборавам
На пола да те пресечам со зборови
Јас
Живеам за да пишувам
Пишувам за да живеаам
Живеам во погрешно време
Да се биде поет.



Безобзирно

Несвесно во мене зачнуваш песна
Kога потајно те гледам
Смирено вовлекуваш дим
И од него правиш неправилни форми
Во кои српесто ми ја врамуваш насмевката

Несмасно се спрепнувам од слоговите
Сред реченица ми губат смисла зборовите
Будалесто си го заборавам името
Кога ќе ме погледнеш
Две полни месечини ми вгездуваш во очите

Неприметно ти сервирам љубов
Во мали порции црно горко кафе, незасладен чај
И врели инстант супи
За да не те исплаши помислата
Дека можеби сакам да ти зготвам домашна

Се бркаме на опашката на летото
Јас се кријам зад два слоја маскара
А ти безобзирно ми го крадеш воздухот
И ме оставаш да дишам поезија.



Никогаш не сум го сакала летото

Чудно,
Задоцнет мај на крајот на јуни
Се сеќавам и тогаш

Летото имаше вкус на зрел сон
Цреши и црно чоколадо
Бевме деца, кога одевме по семки
Само за нашето шетање да има цел
Која може да се купу
Со неколку метални парички
Седење на клупи
И бескрајни разговори полни надеж
Долги попладниња
До недоглед развечено време
Летен распуст
Сега одиме од бар во бар
За да ја згаснеме жедта
Жегата
Пустините во срцата
Градот е безобразно тесен и предвидлив
Лицата се повторуваат
Како бројки во шпил карти
Напразно ја трошиме ноќта
Се трошиме
Барајќи малку радост
За џабе
Џабе
Имам два почетоци
Ниту еден крај
Ниту еден.


- Биографија и библиографија на авторот:

Снежана Стојчевска е родена во Скопје 1980 година. Средното образование
го завршува во ДУСО„Орце Николов“, смер општа гимназија. Во 2003 година дипломира на катедрата Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Веќе 3 години работи во Квазар Филм Продукција, како координатор на продукција. Има работено на повеќе рекламни кампањи и кратки играни филмови. Со пишување поезија започнува на 18 годишна возраст, за по долгогодишна пауза повторна а и се наврати на поезијата. Својот прв блог, www.sneznobela.blog.com.mk , го отвара во 2009, од каде преминува на новата платформа blog.mk, поточно www.sneznobela.blog.mk, каде што сеуште активно блогира. На своите блогови има објавено 185 песни, на кои има вкупно 2760 коментари. Има настапувано на повеќе поетски читања помеѓу кои Поетри Слем во КЦ и МКЦ, Поезија и проза со музичка доза во Менада и Струшки Вечери на Поезијата 2011. Збирката поезија „Шеќер по подот“ е нејзино прво дело.

No comments:

Post a Comment