Sunday, September 4, 2011

Надица Тренчева

Боемска


Немој да ме молиш
немој да ме караш
проколнуваш, бараш
зошто во душата сум боем.
Немој за мене да создаваш фама
Зашто никогаш не водам дијалог сама.
Ме нема во едночинки,
Ме има во драми
Околу мене поезија и песна,
Музиката ме мами.
Немој да ме молиш
Немој да ме караш
Проколнуваш, бараш
Создадена сум за друго време,
Посеана на посебна нива
Од поинакво семе.



Изложена

Изложена
Како во излог, собирам погледи.
Понекое покажување со прст,
Одмавнување со глава,
Воскликнување.
Изложена
Ко на лицитација.
Првпат,
Вторпат,
Третпат.
Продадено.
Зарем толку вредам?

Изложена, запишана
Во списи, акти,
Со име, шифра,
Серииски број.
Изложена,
Регистрирана во регистерот твој.

Изложена
Ко в џунгла
Врисоци, сама.
Од сите страни
Очи демнат,
Набљудуваат,
Ѕемнат.

Иложена,
Ми земаат мерка
По нивни терк,
Ме прекројуваат.

Изложена
Под рефлектори, на тапет,
Ме усвојуваат
Ко Устав, со декрет.

Изложена,
Се чуствувам наталожена.
Понекогаш.



Циркуз

Ме принудуваш
На опасни точки:
Вежбање на трапез,
Голтање оган,
Возење на едно тркало.
Забораваш дека избрав
Дресура на животни:
Скротување на лавови
И танц со отровници.
Додека циркузираме под
Шаторското платно,
За публиката препорачувам
Масажа со кловнови.




Кратка биографија

Тренчева Надица е родена на 28 јануари 1969 година во Кавадарци. По вокација поет, по инспирација блогер, по професија економист. Во хороскоп Водолија, под влијание на Уран. Автор на три зданија: ,, Патување во себе,, (поема), ,, Пецкаве искре,, (римувани афоризми) и ,, Изложена во 100 мотиви,, (поезија). Посебна специјалност и се кратките раскази. Преведена на бугарски и српски јазик. Живее и работи во Кавадарци.

No comments:

Post a Comment