Tuesday, September 20, 2011

Фросина Наумовска

ПРОМЕНА

Имам многу пари.
Само што нарачав два крцкави тоста во путер
со француски димен лосос и чаша портокалов сок.
Уживам во оброкот, чувствувајќи се лесна и нова.
- Но, побогу, па што е ова?!
Смрдлива риба и прегорен мувлосан леб!
- Госпоѓо, не Ви се допаѓа?
- Секако дека ми се допаѓа, зарем си слеп?
И тоа не беше се што нарачав, навистина.
Можете да го сфатите како навреда
но мора да се доведе на чистина
дека сите елитно понудени ѓубришта
можам да ги претворам во каратна посраница
како поет осуден на леб и на вода.
Затоа сум бескрајно богата
како слободен стих во мода.
Да не должам, сакав да кажам
дека имам многу пари -
толку за таа згода!



СЛОБОДНА ЕКОНОМСКА ЗОНА


Детето што се обидуваше да ја отвори вратата од малечката кола
успеа и влезе во големата продавница само -
губејќи врска со родителите
Кога продадоа се
сопственикот го запраша -
дали може да го продаде?
Тоа дете беше среќно што е причина
да се отвори повторно големата продавница
заради која успеа да ја отвори вратата само
Го платија и се подготвија да го натоварат
во нечија малечка кола
Тоа беа родителите
го купуваа она што законски им припаѓа
според законот за слободна неприпадност
и вишок капитал.
Тогаш видоа дека детето пораснало
а колата веќе не го собира
На обидот да го исечат на парчиња
се запреа на мала колеблива порака
што ги стави на мака :
„ Ве молам внимание за единственото правило
штом овде се измине последното скалило
оштетениот производ назад не се враќа.“

Го качија горе на покривот мачно
а колата скрцна се накриви цела
сакам да го вратам - мајка му рече плачно
а татко му ја опцу сета бизнис фела.
Од срам ли ил друго нешто снеможеа сосем
- така господ рекол ил судбина било -
синот да го купат и пак да не е сосем
подобен за нечиј долг и среќен живот.
Ене го и сега каде сонце фатил
на тој покрив стрмен удобно се мести
секој што го видел за глава би го скратил
што на сето згора си пишува песни.



НЕКАКО



Одложувајќи ја смртта на едно деноноќие
започнав да живеам
непланирано
неартикулирано
незнаејќи што понатаму
и ново
без никакво училишно знаење
без големо очекување
мечтаење
по љубов од романите
без секс до бессознание
без спомени
како незнам ни јас како
можам да ве излажам
ако се ви објаснам.




ПРИЈАТЕЛКИ



Кога ќе купиме малечок мрмот - јас и ти, дебелите старици
со шапки какви отсекогаш сме исмевале
со удобни и дебели штикли за кои иронични дискусии сме кревале
револуционерни во однесувањето
мислењето, облекувањето
и со необична потреба да заличиме на одрекување
токму како баби со цвеќа во шеширите,
побелена промашеност на погледите, манирите
обоена вештачки во праменче коса
како да не сме сешто преживеале
како нашите замисли да не успеале -
во обид мрмотот да го нахраниме со дрвени кекси
додека не стане доволно дебел да набие комплекси
и посака да го носиме секогаш на раце
како беспомошно детенце кое цимолка и плаче
од кое одамна се откажавме поради лично усовршување
лоша финансиска состојба
несолидно брачно подесување
несакајќи некого да притискаме и пригушуваме
со своето неподносливо и психотично чувствување
поради кое секогаш можеме да си купиме малечок мрмот:
jас и ти, дебелите старици
со шапки какви отсекогаш сме исмевале
ќе решиме обично и мизерно да умреме
(наместо да глумиме пристојно презревање)
без ниедно човечко жртвување,
крај дебело мрмотно потсмевање.




ПРИНЦЕЗА



Тоа можев да бидам и Јас.
Жена што се војва по улиците
со најлоша видена фризура
и се обидува на луѓето да им зборува
во самоуверена, изветвена облека
со чешлиња во косите и домашни влечки побисерени
тоа можев да бидам Јас
скелетна појава без облини
за своето постоење уверени
и да им послужам на бандите од различни ентицитети
да ме киднапираат и силуваат без некој да им наштети
ниту да му стане нелагодно читајќи
за трагичниот настан во весниците
додека успешно се зголемува љубопитноста
и читаноста од претплатниците
кои не знаат дека зад публицитетот стои една жена
која можев да бидам и Јас, вистина
и без која се полошо ќе функционираше
отколку што успева да функционира навистина
кога таа пробува да им зборува на луѓето
кои не знаат начин да ja замолчат
па превземаат што треба и нетреба
да не се случи јавно да испаничат
дека тоа можам да бидам и Јас -
жена што се војва по кориците
и зболеста, и нападна и манична.



Фросина Наумовска е родена 1981г. во Куманово. Дипломирала на факултетот за драмски уметности во Скопје

Автор е на куси раскази за списанијата „Стремеж“ и „Лик“ и на стихозбирката „Модерен Светец“. Автор и режисер на претстави за Кумановскиот театар, добитник на Карамановата награда за најдобра необјавена стихозбрка и повеќе награди за режија на краток филм. Во моментов е на магистерски студии во Прага.

Автор е на кусиот роман „Ниска Латентна Револуција“

______________________________________________________________________ _ __ ____ _ _


„Ниска латентна револуција” е прв роман од младиот режисер Фросина Наумовска. Родена е 1981г. во Куманово. Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а моментално е на магистерски студии на филмската академија во Прага. Автор на куси раскази и стихозбирка “Модерен светец”. Добитник на Караманова награда за најдобра необјавена стихозбирка и повеќе награди за режија на краток филм. Венко Андоновски за книгава вели: Тоа е судбина на човек на маргините на општеството, сурово искасан од челуста на моќта, отфрлен и направен невидлив, без никаква шанса да си го пронајде своето место. Идејата е како да се снајде младиот човек без перспектива во лавиринтот од лажни авторитети, вредности и “норми”.

Сосем доволно, нели?! Главната тема на романот е семејно насилство и како да се справи човекот со него, кога личноста што го врши семејното насилство е многу влијателна, многу авторитативна и самата е задолжена за решавање на семејното насилство во државата.

Се работи за семејно насилство од личност која има висок интелект- ќе рече Наумовска за време на промоцијата на книгата. Прашања и проблеми кои верувам дека многумина си ги поставуваат... многумина пред авторката, а ќе останат и долго после неа...

Како младиот човек да продолжи по својот пат кон успехот и притоа да остане Човек?!... во ова време и на овие балкански простори, помеѓу сите ‘нормалитети’ кои му се наметнуваат и се чинат доволни и реални?! Промени?! Авторката прашува “дали промените зависеа од упорноста и истрајноста или, пак, од нетрпеливоста...” Јас би рекла и од едното и другото.

Книгата ќе го вплете сонот во јавето... халуцинации или чиста реалност? Останува прашањето каде води сето тоа и дали е решена загатката... Која загатка? Е ве оставам да дознаете самите.

No comments:

Post a Comment