Tuesday, September 20, 2011

Ели Василевска

БРОДОЛОМ


Го испратив погледов
Да плови по Вселената.
Оттаму не се врати:
Патем бура наишла
Бродоломник тој останал
Далеку, најдалеку -
По копно да копнее
Сред вода да жеднее
Под сонце да темнее
И сè тоа ќе поднесе
Само да е далеку
Подалеку од тебе.




ФЕРМЕНТАЦИЈА


Јас бев
ситната сенка протегната
од подот
кон ѕидот залепена
врз студот
и немирот окована
за твоите
стапала, а понекогаш
за ножните
прсти како тогаш
кога се
поткрена на нив
посегнувајќи по
мојата коса, која
некогаш ми
беше израсната до
половината.



СЛОБОДАТА


Во мојата глава нема Мозок
Само меко бело Облаче
Кое го скрива Сонцето
Кое е премногу светло и топло
Но сега не може да ги протегне своите Зраци
И да го допре црвениот Цвет
Чии Ливчиња се цврсто стегнати
И не го пуштаат заспаното Бубаче
Кое ја помина ноќта таму
Да излезе надвор
И да ја вкуси
Слободата



автор: Ели Василевска
Родена во Скопје, на 06.10.1982. Дипломиран филолог на катедрата по Општа и
компаративна книжевност, магистрант на студии на културата при институтот Евро-
Балкан, Скопје. Пишува поезија, кратки и подолги прозни текстови и есеи.

No comments:

Post a Comment