Sunday, September 4, 2011

Мане Манушев

Овде
(песна за 1 денар)


Овде
облаците се огледуваат
секое утро во немирните вирови
и тоа бесплатно,
овде
бизнисмените имаат богати фирми
и плаќаат данок со нечии скапи солзи,
а враќаат кредити во човечки судбини,
овде
зборовите и животите
не вредат ич пари,
овде
купуваме разни болести и ужаси
на рефус со купончиња,
овде
ако ги мразиш и
ако ги понижуваш другите
те наградуваат со
лижавче или бонбонче
донирано од некоја
педофилска асоцијација,
овде
и само овде
не се продаваат гробни места
зошто луѓето самите на себе си
носат зомби име и презиме,
овде
сонцето и месечината
секојдневно се каат
што инвестирале светлина
а никогаш не им се вратила
и сега се приморани
да работат со загуби,
овде
само јас пишувам песна
што можеби ќе се продаде
за 1 денар,
а мене ме чини
цел 1 живот.



Ќе

Со зарипнати оловни зборови
ќе го урнам небото
како проста неонска мисла по излозите,
ќе ги откорнам паничните ѕвезди и
ќе ги расејам по испразнетите тротоари,
ќе ја натерам месечината
како преџвакана хартија
да се грепчи по плеќите на Нотос,
планетите ќе ги заспијам во
фабричкиот мирис на предградието
а облаците
ќе ги исцедам како нектар
по слепите улици,
и на крајот -
како глуварка ќе лебдам до празнината,
за да преноќам само еднаш
како соѕвездие во новиот Космос.




Се сретнуваме, се извишуваме, се спуштаме и се разминуваме
.(песна за две букви што се запознале во лифт)


Се сретнуваме
во заглавен лифт на петокатница
како две паузи на петолиние,
како неизмиени чаши во
затнат садопер,
како тегло од туршија и
книга без корици
заборавени во подрумските ветрини,

се извишуваме
кон прокиснатиот кров
како гулаб и кран што ѕиркаат скришно
по туѓите балкони,
како две непознати знамиња
на еден ист јарбол,
се извишуваме
како куполи на непостоечки храмови,
како реставрирани триумфални капии,
а се спуштаме бидејќи им припаѓаме
на поразот и загубата,

се разминуваме во глувата ноќ
како растурено соѕвездие од мисли
и полна месечина која
штотуку добила менструација,
се сретнуваме,
се извишуваме и се спуштаме,
се разминуваме . . .

се разминуваме и
се разделуваме затоа што
кога стоиш пред мене -
мене никој не ме изговара и не ме чита.


Биографија

Мане Манушев е роден на 23.02.1983 година во Велес. Основното и средното
образование го завршил во родниот град. Во 2006 година дипломирал на Филолошкиот
факултет “Блаже Конески” во Скопје на катедрата за Општа и компаративна книжевност.
Моментално е магистрант на Институтот за општествени и хуманистички
истражувања „Евро-Балкан“ – Скопје на отсекот за Културолошки студии. Пишува
поезија и кратки раскази.

Во моментов активно се занимава со проучување на ирската култура, историја,
литература и јазик.

No comments:

Post a Comment