Tuesday, September 20, 2011

Кристина Гацова

Мало девојче и ној

Ќе искубам пердув од опашката на нојот. Од крилото и од вратот.
Ќе издлабам дупка во спомените на нојот. Една под крилото и под вратот.
Ќе изронам семе диво во очите на нојот, во крилото и
во вратот.
Ќе никнам ко р’кулец во утробата на нојот. Еднаш под крилото и еднаш
низ вратот.
Ќе живеам во клунот на нојот. Понекогаш под крилото, а понекогаш околу
вратот.
Ќе дишам со шкргите на нојот. Можеби со крилото, никако со вратот.
Ќе те носам под ноктите на нојот. Од крилото до вратот.
Ќе те чувам во цревото на нојот. Зад крилото далеку од вратот.
Ќе те излачам како киселина во желудникот на нојот. Без крилото и
вратот.

Чинам, премногу долго ја играм оваа игра. Семето е јалово, веќе не р’ти,
крилото е скршено, вратот свиен, очните дупки се празни, шкргите мувлосани,
ноктите искршени, цревата преплетени, киселините скиснати, спомените
избришани. Нојот се тетерави под тежината на последниот пердув. Клунот се
вкочанил не сака да исчезне.

No comments:

Post a Comment