Wednesday, September 14, 2011

Љупка Антеска

Oдеднаш

Кога ќе станеш свесен
за сите свои чувства
одеднаш.

Тоа е исто како
знамиња на завојувани држави
на еден јарбол.
Подеднакво го љубат ветрот.
но нема место за сите.

Вознемирен немир
што мора да го префрлаш
од дланка во дланка
додека не му пораснат крилја,
па да му се восхитуваш на чудото.

Тоа е како бура.
не знаеш ни кога ќе дојде
ни колку ќе трае  
ни што ќе остави зад себе.
Заради тоа ќе се запрашаш барем еднаш:
Зошто имам само две раце и зошто не умеам подобро?

Здивни.

А кога ќе имаш малку повеќе време од минути
ела.
Ќе те научам како се оди на нокти
и како се дише низ вени.

Оти е зезната работа
кога ќе станеш свесен
за сите свои чувства
одеднаш.
Како болница преполна со итни случаи.



Речиси најлошо

Ми ѕида градба за Гинис
од околу срцето до внатре мозокот,
ни едно прозорче, ниту врата остава
Змија и накострешен тигар истовремено,
а всушност нешто најмалку стопати поморничаво

невидливо,

зло,

мачител создаден од лошата проценка на фрустрациите.

Ја прашувам вагата
каде сега ќе ги носат чекорите моиве нозе
и зошто воздухот е полн со камења? ПАК.

Ми покажува среден прст
и почнува да се ниша
како најобична клацкалка.


Секакви не` има


Обичните ѕидови стануваат страшни
во исплазениот јазик на мракот.

Се покривам со невидливост
до следното отварање на очите.

Долги се деновите, запишувам во воздух, па го дишам.

Се извинувам. За несовршеноста на обликот на моите колкови,
премалите стапала за една жена во триесетите,
лошата навика да се шминкам со вода во понеделниците.
Признавам. Некогаш манипулирам да го добијам тоа што го сакам,
еднаш неделно задолжително подгревам ручек...и надеж.
Во весниците често ги читам само насловите.
Знам да се исклучам, а да оставам впечаток дека те слушам.

Се извинувам!

Секакви не` има,
прошепоти бунтовникот во мене.
Тоа мало уплашено дете
чија единствена патека е кругот околу моите внатрешни органи
длабоко под слојот крваво месо.

Не е ни чудо што земјотресите живеат во мене.


Човекот е жив додека учи (Лута песна)

Има еден град
каде сите улици завршуваат слепо,
а на патоказите се повторува
едно те исто
„Ве молиме, не го земајте тоа при срце„

Научив да го присвојувам првиот ветрец
што ми слетува на балконот
сосема случајно, наивно.
Знам како од него се прави најтаинственото деколте,
колку се дозира за специјалитет од учтиво смешкање
и што се` е требно за да си го пронајдеш патот во еден круг,
да престанеш да се вртиш
да не мериш, а да запреш кога треба.

Има еден град
во кој сеедно е дали ќе тргнеш или остануваш закован за место
тоа многу лично и длабоко ќе го земеш при срце
и со него, ако си паметен ќе си играш,
за да не си поигра некој друг...

Полноќта е заводлива,
лажлива, прељубница
што ти дозволува да му се налутиш на Господа-
во име на човештвото
зошто ни дал очи ако ништо не е така како што изгледа?  


Кратка биографија

Љупка Антеска е по потекло од Струмица.
Таа денес живее во Гостивар и е новинарка, мајка, сопруга со голема страст кон поезијата. 

No comments:

Post a Comment