Friday, September 23, 2011

Јулија Петровска



Како се сјебува испитна сесија


А муабетот течеше така фино кога:
Се појави во жолтата маичка (нова)
Сонцето.
Во сиот твој сјај.
Сокакот ме прими
и ја држеше в прегратки сета моја болка.
Месечината,
Пеплосана од твојот суров плам,
молкум потеков солзи
да и се заблагодарам на калдрмата.



Матно наутро

Рано наутро сум благодарна што измаглицата го одобрува моето присуство. Преку ден исчезнувам во метежот за штом ќе падне ноќта повторно да расцутам.



Не гледам ништо на неа
Восокот е болен
И секоја песок паѓа на дрвото
Но тоа е непрозирно.



Око мое насмеано
со срце треперливо скриено во поглед
леб и вино биди ми
ветер биди ми што ќе ми ги мрси косите…
Биди ми сонце после бура.
Скроти ја страста која во мене ја возбудуваш
или пак, ако ти е подраго,
пеплосај ме..
оти сé е во истата кутија еурокрем
(Агроплод Ресен, макар да Нутелата ми е повкусна)



Претсмртниот молк на комарецот

Како крадец ми пријде во темнината
Со звукот на својот немир
ја тешеше мојата несоница
нестрплив да се впие во мене
да ја вкуси топлината на мојата крв.
Маневрираше не слутејќи
дека опасна е неговата наслада
бззз… бзззз….
Неговата радост одѕвонуваше во воздухот…
И одненадеж се смири.
Можеби почувствува
дека неговата наивна игра
ќе биде прекината.
Ја спуштив дланката врз неговото тело.
Уморна сум…
Имам помалку од шест часа за спиење.
Мојот среќен пријател
нема кој би го разбудил.

(А нели е иронично кога ќе размислиш дека само женките комарци гризат?)




Горчлив беше вкусот на твојот поглед
кога се сретнавме
И не можам, а да не се прашувам дали со пелин те задоиле
или јас сум твојата мандрагора
Нејсе, ти ќе бидеш мојата лебедова песна…
…или обајцата ќе се сториме сено
и ќе изгориме под сонцето.



Камен по камен ја одам калдрмата до твојата капија
Никогаш немам храброст да го пречекорам прагот
Непоканета.
Го оставам срцето пред порти, да ти биде близу
со надеж дека нема да го нагазиш исчекорувајќи во денот во кој не се надеваш дека ќе се сретнеме.
Ако имам среќа, некоја комшиска мачка ќе го најде и однесе пред некоја друга порта, некој ќе се израдува и ќе ме покани на чај…




Низ главава ми се мотаат некои чудни размисли
Им ја чувствувам тежината, но не и суштината…

На лицето носам неусилена усмивка
Ја носам радосно, како што се носи сосема нова шапка зиме…

Зад погледот кријам неискажива болка
Болка што ден за ден не ми успева во тагата да ја удавам, да ја ублажам…

Мојата нова шапка успева сите да ги прелаже.



Моите очи полни зора
Сепак sadece тебе те бараат…



Копнеж кој потече на раскрсница (буквално)
И по некој месец се излеа на шанк на СВП,
Во исчекување на штедро наточената мастика:

Ми се допаѓа како се движиш.
Ненаметливо.
А сепак си толку прекрасно присутен.
Името ти е нежен ветер.
Опушти се…
Развиори ме.






Јулија Петровска, со цигарата во уста, рече ”оу дир” на звукот на сообраќајката што се случи додека размислуваше што да напише во овие неколку реда.

Родена е во Скопје, патот ја носел на многу страни и сé некако повторно ја враќал во Скопје, дома. За сега.

Преведувач, страстен уживател во музика и танц, бои и светлини, ветерот во сите негови созвучја и, секако, луѓе – неопходни како воздух, а од кои понекогаш толку залудно се обидува да избега.

Кога не се бори со околината, се бори со самата себе.

За нејзиниот живот може да се кажат многу нешта, но едно е сигурно: не е здодевен.

No comments:

Post a Comment