Monday, September 19, 2011

Давор Стојановски

* * *

Го сретнав Бога. Не знаеше ниеден јазик.

Беше празно и имаше пеперутка со хартиени крилја
во мојот затвор од коски.
И во средината - срце. И наместо прозорци - ноздри.
И време што ме дише,
од мене трага што остава и помен.

Ја прашав сенката на Бога
заробена во мермерот на ѕидот:
што треба да сторам?
на јазик пресушен, понижен и стушен,
зашто повеќе не може вака.

Но никој не ме зачу и никој не ми шепна.
Оти Бог не зборува јазик.

Туку само лицето го сретнав на сите мртви
исцртано на крилјата од инскетот што на рамо ми слета.
И видов стихови испишани од мастилена крв.
Зборовите не читаа ништо.

Но тогаш времето го слушнав - минато и дално.
Споменот на ноќта, колевка на ембрионот.
Со глас месечинен ми рече: „Ако не можеш да го промениш
ниту животот на човекот, ниту на луѓето светот,
- промени ја, барем, нивната смисла“.

И потем сонот ги разбуди убиените поети.

14.IX 2011



БИОГРАФИЈА:

Роден на 8.3.1987 во Скопје, Република Македонија. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Постдипломец на Групата за Македонска книжевност. Ја подготвува магистерската одбрана од областа на Историографската метафикција во македонската книжевност.

Посетува семинари од областа на литературата и културологијата. Пишува во речиси сите литературни форми. Добитник на наградата „Ана Франк“ за театарската пиеса „Буна на времињата“. Има објавувано во повеќе книжевни списанија меѓу кои и во меѓународниот „Рукописи“ од Панчево, Србија.

Го привршува романот на кој работи веќе 7 години. Се занимава и со музика и со креативно пишување од областа на рекламирањето.

No comments:

Post a Comment