Thursday, September 22, 2011

Гаврило Миловановиќ

АНТИ ЕПИТАФ


Маските на црвената смрт се сокрија во своето лице
А јас со очи широко затворени
Ја пишувам Одисејата по 2001 пат
Затворен во овој пеколен портокал
Со рамот
Си ја плетам кожата
...за да не заборавам да се сеќавам на допирот
На Казанова, на Фрида, на Јохан Себастијан Бах
Иако слеп , прекрасно нем во Бетовеновите воздишки.
Зошто се правите дека не се познавате?
Што ако сте од различни векови
Колку ли пати треба да умрете
За да престанете да бидете славни?
Колку ли пати треба да се родите
За да ви здодее да бидете генијални.......
Колку пати сте биле живи до сега?

Си ја одлепив кожата за да ве сакам со голо срце
Кога не можев себе си
Врз црниот штафелај од меридијани и атомски бомби
Ја растегнав како пергамент
И со Николовата тесла во неа пополека ја длабам
Сликата на Доријан Греј
Безгенитален, таков
.....во вагините на свеста
Во коитусот на катодата и анодата....
Се пронајдов стар.

Стар со избелена коса и очи од киселина
Го цицам првото млеко од пупките на Фројд
Си ја секвенцирам главата на клетки
Совршено
....како Фибоначи
0, 1, 1, 2, 3, 5, 8, 13........................................
И милионитиот дел од златниот пресек
Се претвори во сперма

Се родив
Се родив за да не заборавам да се сеќавам на вкусот

На лосос и кавијар и Ленин
На мојата мајка, сестра и баба
На мојот татко и дедо и браќата Грим
Ханс Кристијан Андерсен
Тукушто замрзнат во телото на Дизни
И вкусот на устата на Монализа
Поубав од сите Лаури и очи на Пикасо
.............................на дното од океанот.

Јас ја измислив струјата но не ја пронајдов
Јас го здогледав Бога, но никогаш не го почувствував
Јас ја свирам оваа хармонија
Но немам прсти ниту уста ах, да би можел да ви измолчам
Колку е тешко да се биде Јас.

Маските на црвената смрт се сокрија во моето лице
А јас со очи широко затворени ја пишувам Одисејата по 2002 пат
Затворен во пеколниот портокал
Се родив........................
Се родив................
................................за да не заборавам да Умрам.





ЛАИКА


Ја чувам планетата земја во подземјето на мојот стан
Живеам 10 000 километри под него
Го сонувам нејзиниот мирис
Го мирисам нејзиниот допир
Го допирам нејзиниот сон

Ставете ја планетата Земја во хартиена кеса од Mc Donalds
Потоа внимателно отворете ја за да видите каква играчка сте добиле
Не, јас не ги убив твоите пријатели
Барем не со пиштол
Затоа дозволи ми да мастурбирам на твојот погреб
За да на је силувам мајка ти на парастос

Стави ја планетата земја во чаша со вода
За да ја измиеш од сите гревови
Сонцето ќе ја исуши…..
Повторно
Избриши ги границите
За да не може никој да не пронајде
Потоа нацртај го мојот лик на тркалезната површина
За да живееш во моето уво
Ме слушаааааш ли?

Јас сум твојата евстахиева труба
Јас сум твоите отисоци од левата рака
Јас сум тежок 21 грам
Кокаин во твоите очи од првут
И 3,14 деца од овде до Пекинг
Привремено распнати на крст
Јас сум сијамските близнаци на Исус
Кога ли ќе се родам?

Смали ја планетата Земја во лименка од Coca Cola
За да ја сокријам во моето уво
И таму бесчујно да водам љубов со Хирошима и Нагасаки
Додека повраќам во сите вулкани на светот.

Стави ја планетата Земја во сончев систем
Можеби астролозите некогаш ќе ја пронајдат.




МАЈКА ТЕРЕЗА (Т р и п т и х)



Ајфелова кула



Кожата ми е од хартија на која што играм x.o

А во внатрешноста се случува спротивното о.x

Си ја сечам левата рака за да имам со што да ја гаѓам месечината

Таму е темно затоа се штурците црни

А се прашувам како изгледа темната страна на месечината

Можеби сонцето е темната страна на месечината

Знам таму ќе се сокријам

А потоа ќе трчам по Млечниот пат

Кога ќе се заморам ќе се потпрам малку на Кинескиот ѕид за да се
одморам

Ако успеам да победам ќе заиграм почесно танго со Статуата на
слободата

А потоа ќе погледнам колку е часот на Биг Бен

И ќе ја претрчам Сахара за да можам да стигнам навреме

Затоа што во 8 и пол се чекаме кај Пирамидите

Во случај да не стигнам навреме оди право дома

И закопај ја Ајфеловата кула во твојот двор

За да не ја видат твоите родители

А утре е нов ден во кој ќе мора да купиме млеко,леб,масло и нова
пластична лева рака.................

Не можам да ги лажам моите

Особено не во недела





Фрески



Кога најчесто се оди во црква

Направена од хартија на која што играм x.о

А во внатрешноста се случува спротивното

Очите на фреските гледаат директно во 3 спрат на Ајфеловата кула

На чија платформа водам љубов со мојата лева рака

Откопајте не луѓе!

Ќе ни се расипе млекото и лебот наш насушен

А го макавме од Млечниот пат

За да ја нахраниме Статуата на слободата и да се испилиме во
саркофагот на Пирамидите

Заедно со диносаурусите и луѓето диносауруси

Изумрени,Пирамидите пополека се склопуваат во паралелопипед

Паралелопипедот се претвара во тесарект

а околу тесаректот се замотува Кинескиот ѕид

пополека како во филмовите

сега одлучив јас да бидам бог

а да ве распнам сите останати на крст

и јас ќе бидам единствениот што ќе знае

како изглeда темната страна на месечината

јас ќе бидам единствениот што ќе знае како изгледа внатрешната
страна на кожата

во недела

кога штурците се црни





Мајка Тереза



Не пукајте во небото за да не ви истече

Мравки

Престанете да се криете во земјата

Таму живеат вашите гробови

Јас сум роден гол, затоа се децата боси во Африка

Јас сум роден влажен

Јас сум роден грд

Немојте да дишете

Не сакам да се гушам во вашиот јаглерод

Па како не ви е жал

Јас сум роден мал

Како бебе

И не знаев да зборувам

А и да знаев ќе молчев

И не знаев да голтам и затоа ве плукав додека не пораснавте

Монструми!

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на
крст

Затоа што сум направен од црна сперма

Во едно романтично клише од вештачко оплодување

А со години се криев во завесите и пешкирите и влажните
марамчиња од една иста продавница

И единственото место каде што не можеа да ме пронајдат беше
твојата топла менструација мамо

Чиј единствен пријател беше еден тврдоглав пластичен пенис и
некој си човек со иницијали О.Б

Ги сонував твоите сништа уште во 3 месец од мојот преднатален
период и знаев се

Зошто не ми кажа како се викам?

Зошто никогаш не ми кажа како се викам?

%

Зошто ги ранеше децата од Африка кога и онака сакаа да
умрат...............

Од сида

Зошто го продаде сето бело робје што го имавме

За една чаша црна сперма

Сега одлучив јас да бидам бог

И да ве распнам сите останати на Двоглав орел

....................................................На двоглав ореол

Мајко менструацијо

Зошто ли мораше да ме изневериш со Ганди?

Зошто не ги собра сите крстови и амајлии,сите минариња и кинески
свили,кашмири,икони и мансарди,

Курани и библии

Гердани и мантри

Парчиња кожа во различна боја облечени во едно исто одело

Зошто не им кажа како се викаат?

Зошто никогаш не им кажа како се викаат мајко?

............за да не умрат

од сида.



2043

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на
амеба





ОГЛЕДАЛО



Свртен со лицето кон себе,те гледам
Како спиеш во сопствената утроба
Мртва.
Засекувам со ноктите низ твојата утроба
За да те погалам додека спиеш
Се допирам себе си
Го допирам твојот сон

Го голтам секое парче стакло
Кое се крши од молкот на твојата утроба
Го претварам во огледало
Се претворам во огледало
Се голтам

Разбуди ме од овој луцуден сон
Разбуди се!
Се голтам
Мртов
Од стакло се сечам

Тишина,
Огледалото плаче во мене,огледалото боли
А што ли тоа чувствува кога не гледа?
Што ли тоа сонува кога не нема?
Нултадимензионален свет.
Огледалото е глуво
Огледалото е немо.
Огледалото е слепо.
Огледалото е свртено со лицето кон себе
Мртво.

На ендоплазматичен ретикулум



Кратка Биографија


Гаврило Миловановиќ
е мултимедијален артист од Скопје.Има завршено Новинарство на универзитетот св”Кирил и Методиј”.Работи како Аудио и Видео продуцент и композитор.Неодамна го издаде албумот “Aфектот на Пеперутката” за неговиот музички проект Гордиев Јазол.Исто така работи на уште неколку проекти како Прагма,Alien God,Фото Робот и други како и музика за театар. Во поново време се занимава со пишување сценарија и филмска режија.
Има издадено една стихозбирка “Трансцедентална заспивалка”, Овие неколку стихотворби се од неговата втора стихозбирка за која што во овој период бара издавач.Неговата поезија великанот Венко Андоновски во неговата рецензија ја карактеризира како ” Шок од слики на едно метафорично робустно писмо.........”

No comments:

Post a Comment