Wednesday, September 14, 2011

Славица Урумова

Болва


Јас сум спектакуларна болва
скриена во овца која пасе...

- Не биди овца не дозволувај да те стрижат!

Мојот живот е само едно големо проклетство
затоа што сум родена во волна
и однапред осудена на темнина.

Животот трепка во својата низа околу мене,
а јас сум постојано кимка - и тука и таму,
тивок крик на вена што ме храни.

Во мојот храм судбината
е пеперутка со раширени крилја,
а се она што ми е надвор на дофат
е едно големо тркало на отпорност
кое земјата со пирсинг болка
го тркала при секој мој обид за прободување.
















НА
СВИ-
О К О Т
НА  ЕДЕН
З А Г У Б Е Н
П О К Р И В  ГРА-
ДОТ  КАКО  ДА  ГО
ГУБИ СВОЈОТ ЖИВОТ










И                     Ж
М    БУНАР    Е
А                     Л
М                     Б
Е                      И
Н О    Н А    КРАЈОТ
О  С  Т  А  Н  У  В  А
Ц Р Н А    Д У П К А
Ч У В С Т В У В А М
КАКО  У М И Р А М
ВО  НЕГОВИ  РАЦЕ















Брод


Брод со лудаци
долго патува
по волјата на ветрот

Плови кон средба
со својата судба














Луѓе - Жаби


Луѓето се дават
во калта на обичниот живот
од кој секогаш излегуваат
слични на жабите

Судбината пред сите нас
е револуција












НЕ БАРАЈ
 ЈА ВИСТИ-
НАТА ВО
ЧЕРГИТЕ
ОД ДЕТЕЛИНА
ПРОНАЈДИ ВЕРБА ВО ДИВИТЕ
 ПУСТИНСКИ ПОЛИЊА ТАМУ
 КАДЕ ШТО
ВОДАТА Е
СОЛЗА И
ПАT  НА
АСКЕТОТ











Puzzle


Ерозија од насмевки.
Топлина почнува да ни тече по жилите.
Крвта ни врие по вените.
Бура се истура врз нашите тела.

Замагленото огледало се избиструва
од љубовниот здив.

Си играме малку
по згужваната постелнина,
распостилајќи ги телата
како детски puzzle.

Твојот нос на мојот папок,
мојата рака на твојата половина,
секогаш во склад

Јас таму те љубам,
па Ти таму ме љубиш.
Се прегрнуваме долго
Играме голи, составуваме puzzle.

Јас и Ти и нашите разоткриени органи.
Дали ноќта го диктира распоредот?

Long play

Гладна сум
Вечерам од твоето тело.

Гладен си
Доручкуваш од моите усни.

Ноќва разумот умре
А утре? Дојди,
повторно ќе составиме puzzle!











Кула


Сончевина во напластени зраци                                                          
Очи се гледаат преку тајни кодови                                                           
Перници истегнати како лавиринт                                                         
Џамлиите водат бескрајни битки за растење                       
Бисерите се неуморни во својата инкарнација                 
додека Школката владее со својата плодност                     
во Морето раѓањето е империја на вечниот живот           
Облак бел станувам со копнеж незаборавен                  
Каменот да остане скротен само од раката твоја       
на која е закачена Бурма како љубовен круг               
Бенка зад запирката од цифрава       

  0
0,0
00,00
000,000
0000,0000
00000,00000
000000,000000
0000000,0000000
00000000,0000000
000000000,000000000
0000000000,0000000000
гест
лик, убавина
загриженост, ум, факти
изградена како кула од нули,
од дребулии – филигран кула
ако изгубиш една
дребулија
(нула)
  паѓа
цела
кула!






Reality feedbeck

Кожата упива мирис на дим,
а косата?!...
Ја чувствувавм реата во ноќта.
По ѓаволите!
Што се случува тука?
Мажи!... Покер!...
Жени во еротичен танцов занес
затворени во кафезот
на субјективни очекувања.
Reality е ова зарем не?!
Reality е тоа пред телевизорот...
On line шопинг...
Hot line лудило
без мирис, без вкус...





Кратка биографија

Славица Урумова е родена 28.02.1987 год. во Скопје. Дипломиран професор по македонска книжевност и јужнословенски книжевности на филолошкиот факултет “Блаже Конески” – Скопје. Магистрант е на Институтот за историја – култови и религија. Повеќето нејзини песни се објавени во литературните алманаси на ЛК Мугри, Современост и Тренд (од Скопје), Авангард (Сомбор), Поета (Белград)... Во 2010 год. во Нови Сад во категорија до 30 години ја доби првата награда Магда Симин. Има учествувано на повеќе поетски манифестации: “Караманови средби” – Радовиш; 2009, 2010 и 2011 год. е учесник на “Струшките вечери на поезијата” за млади поети – “Ноќи без интерпункција” Струга, “Белa ноќ” во Скопје, како и Гарави сокак (2010) Инџија. Ги има објавено збирките поезија: Кога љубовта цвета (2003), Лавиринт на љубовта (2004), Сложувалка (2005), Искри на љубовта (2006), Пајтон на времето (2007), како и Зад виножитото (2005) која е објавена со група автори. Нејзините песни се преведени на турски, српски, албански, бугарски, англиски јазик.   

No comments:

Post a Comment