Tuesday, September 20, 2011

Константин Лошков

ЖИВОТОТ Е ЗДОДЕВЕН



Уличниот свирач свири
и кога му се ладни прстите
Даскалот зборува
и кога му се уморни усните
А јас си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.

Џабе ми се сите приказни
кога немам кому да ги раскажам
Попусто е се што знам
кога немам кому да му пренесам,
па си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.

Дождот врне и на убав летен ден
цвеќињата се сушат напролет
А јас си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.

Ми треба нова авантура
во овој град на диктатура
но никој нема што да понуди
Ги облекувам чевлите
ќе ме одведат каде ли не
се надевам право кај тебе.

Возот си трга и кога нема патници
во градот без луѓе градат висококатници
А јас си лежам по цел ден
велам животот е здодевен
кога те нема.




ПЕСНАТА НА СРЕЌНИОТ ЗЕМЈОДЕЛЕЦ




Одамна, кога ќе заврнеше пороен дожд
ќе облечев гумени чизми и ќе направев хартиен брод
ќе се плескам во вирови дур не се намокрм ко скот
сега сум сиот в неспокој
се грижам за посевот
не сакам градот да ми го уништи трудот мој.

Ми велат симни се во градот осигурај го плодот
им велам не одам таму, не го знам кодот
Ќе си останам каде што сум
се што ми треба е мојата куќичка од слама.

Си пишувам песни и прикаски кратки
деновите се долги, а ноќите глатки
Овде сите ме помнат по моето старо име
Имам злато од мојата баба го чувам за тебе сине
Кога врне од дрвјата се цеди сон а не капки
кога сонцето грее растат ливади златни
Си шетам низ шуми и ловам зајак и елен
нема закон што ќе ја стави раката на мене
Понекогаш сум осамен, но тоа не ми пречи
што сакаш мисли, што сакаш за мене речи
Имам четири деца, имам седум ниви
чувам патки и пчели, имам овоштарник со сливи
Имам коњ, сокол и девет кучиња хаска
кога ќе падне снег ме влечат со дрвена санка
Мојата жена е најдоброто нешто што ми се случи
таа не е човек туку самовила има шилести уши
Но сето ова може бргу да се стори во пламен
ако дојде олошот од градот ќе се борам со дрво, со камен
Не дозволувам никој да ми го земе
она за кое на труд и мака сум потрошил време.

No comments:

Post a Comment