Thursday, September 22, 2011

Жаклина Филипова- Свеќаровска

Обезбоен град



Едно сиво утро, огледувајќи се,
сивиот град забележа дека е сив,
на образите нема ниту капка боја.
-Мора да сум тешко болен- исплашен
помисли, па панично почна да вреска:
- Каде е розовата боја, каде заминала?
Ги прегледа сите фасади, асфалтот,
се вѕираше во лицата на минувачите
посивени од катаден, во автомобилите
(за малку ќе загинеше под тркалата
на брз џип од новопечен богаташ!) ,
во сивите лица на јатотото пензионери
слетани врз сивите клупи во паркот
Ѕирна и под земја:
низ цевките клокотеше бигорлива вода,
а во оптичките кабли како сиви печурки
растеа очајните пораки на оттуѓените...
На крај седна до еден сив мачор
што дремливо се грееше на сонцето.
На тераса отспротива, пркосни како знаме,
се вееја пар розови гаќички.





Врамено утро



Додека го голтам првото кафе утрото
како салфета го предиплува парчето небо
врамено во подотворената балконска врата
и пргаво ги собира последните трошки сон
сокриени во аглите на усните.
Го листа бележникот:
– Имаш средба со денот – педантно соопштува
и со едноличен глас на искусна секретарка
набројува, набројува, набројува ...
Од рамката врамено небо, од парче жица
тукушто одлета еден врабец






Растење



Живеев како кукла во излог,
во свет малечок и светол -
со небо од сатен, облаци од памук
и ѕвезди на струја
Живеев како кукла во излог,
се оптоварував со тоа кој што ќе рече
Требаше многу време да го надминам тоа
Сега сум потполно релаксирана,
правам што сакам , зборувам што мислам
и воопшто не ми е гајле
што молци го нагризаа небото
и што се претвори во обична крпа






Змија в пазуви


Секоја ноќ
сонот се извива низ мене
како змија наочарка
на која што ѝ ги извадиле забите
па тажно ѝ свират на фрула, а таа
залелеано се подава од кошницата
несвесна дека не може да загризе
Некаде пред зората
уморен се прибира под таен камен
Цел ден потоа чекорам
со него склопчен во пазувите






Боја на индиго


Душата ми е со боја на индиго
ги притискам во неа соништата
и страсно ги втиснувам
на страниците од катаден
со желба таму да остават
што повеќе сина боја
што повеќе боја на небо
без облаци



Жаклина Филипова- Свеќаровска е родена во Прилеп.
Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за Македонска книжевност.

Работи како професор по македонски јазик и литература во средно училиште во Кочани. Автор е на збирката песни „Бескрајно огледало“, наградена со златна плакета на Карамановите средби 2010.

No comments:

Post a Comment