Tuesday, September 20, 2011

Валентина Арсова


Само едно




Не сум ниту јагне,
ниту жртвеник -
живее во мене
огништето живот.
Не сум питач,
ниту скитник -
само обичен патник,
излажан од поле сончогледи.
Прашувам што не знам -
од Бога сум прат,
мирот да го творам,
за биднината да зборам.
И чекорам да сторам,
чекор кон иднината сводна -
за плетка слободна,
на мислите нишка.

Те најдов штом те барав,
на душава сродник -
не по патот водник,
туку платонски сонародник.
И само едно барам сега,
а од лаги треба да се бега;
поблиску да дојдеш ти -
и чуј ја
исповедта што сила твори,
како за с'ржта збори:
" Течат во нас
реки на средба -
земи го од мене
тоа што го даваш,
додека ми ветуваш:
oд очите - неисцрпен бунар;
од усните - одвраќач на зло;
од срцето - животен продолжувач;
oд тебе - себе
и од мене - тебе ".

Не сум темјан,
ниту светилник -
на животот сум уметник.
И меѓу макро и микро,
уште еден космос сме ние,
а гласот сеуште ја крие,
тајната на душата плодна.




Валентина Арсова е родена на 26. 04. 1992 година во Скопје. Студира на Медицинскиот факултет во Скопје, при отсекот општа медицина. Пишува поезија и проза уште од својата најмала возраст, кога воедно се појавува и љубовта кон книгите и творештвото. Под свое авторство има објавувано песни во " Нова Македонија ", студентското спицание " Излез " и сл. Има учествувано на " Караманмовите средби " 2010 година, со стихозбирката " Нов свет " (необјавена), на " Меѓународната литературна манифестација " во општина Илинден, каде 2006 - та и 2007 - та година го освојува првото место, на голем број други конкурси распишувани во државата, за проза и поезија. Досега нема објаено своја збирка поезија или проза, но работи на остварување на својата голема желба.

Во прилог Ви доставувам една од песните по свој избор, во согласност со случувањата предвидени за поетите кои вербално се обидуваат да го променат светот.

No comments:

Post a Comment