Monday, September 19, 2011

Ѓоко Здравески

автобусот е речиси празен


кондуктерот ги проверува картите
шоферот се кара со патниците
патниците ги караат своите деца

циганка со бебе во рацете бара милостина
таму каде што патниците го чекаат
својот кусур

пушачите ја допушуваат цигарата
и догорчето го фрлаат
до корпата за отпадоци

семкарот никогаш не грицка семки

заљубениот ѝ пишува порака на љубената
љубовникот на швалерката
на полковникот нема кој да му пишува

пензионерите читаат вечерње новости
и чуваат замастен чешел во внатрешниот џеб
од карираното палто

оние што доцнат
стигнуваат навреме

оние што се веќе таму
чекаат

и сето ова
има некаква смисла

30 ноември–2 декември, Белград–Ниш




УТРИНСКА


Се буди градот


Денот ѕирка низ дупчињата на ролетните
Врапчињата се разџивкале
Гулабите се разгукале по терасите
Пците лаат

Комшиите пуштаат вода
ќе одат на работа

Лифтот шета угоре-удолу

Се отвораат вратите
на автобусите
Колите палат
од прва
или на буткање
Шоферите
пцујат
свират
лупаат со вратите

Пушачите кашлаат

Се буди градот
А ти оди
па заспиј!



* * *


моето лево рамо
е лулашката
од твојот сон

во неа го преспиваш
утринското молчење на старците
што пијат кафе по терасите

солитерот ни го затскрива
сонцето
или нас нѐ сокрива од него

стапалата
отсокриени се гушкаат
на дното од креветот

прозорецот ширум отворен
голтнал партал небо
распарано од
среќа избројана до десет

во аголот
пајак-бродоломник
крои планови
за нов дом

нашиот е
куќичка за птици-преселници

ние сме
бротче од хартија среде потоп
кое копнее
по копно



СТРАВОВИ


1.
Клаустрофобичен сум
Во автобусот секогаш седам
најблиску до излезот
Никогаш на седиштето до прозорецот

2.
Повеќе сакам напуштени села
отколку
модерни градови

Повеќе сакам селски друмови
со дупки
(како оние до Небрегово
или Зрзе)
отколку
широки автопатишта

Сакам планински езера
на кои никој не оди
а не мориња
и плажи
на кои тетките
и чичковците со црни мустаќи викаат
Тазе крофни!
Варена пченка!

а не мориња и плажи!
на кои
мажите ги гледаат
жените во цицките
наместо во очи.

3.
Кучињата
ми се поблиски
од луѓето

Оти
од луѓето
се плашам

4.
Кријам илјадници
стравови
во себе

Кога сум сам дома
во вецето седам
со отворена врата



Патувам...


Ги мијам садовите
Лебот им го фрлам на гулабите
Алиштата недосушени ги пакувам

Патувам...

Го проверувам шпоретот
Бојлерот
Машината за перење

Патувам...

Во фрижидерот повторно ќе останат тегли со недојадени
Маслинки
Цвекло
Слатко од шумски јаготки

Патувам...

Ги затворам сите прозорци
И сите ролетни ги спуштам
За сонцето да не ја топли собата додека не сум таму

Патувам...

Ја заклучувам вратата
Па ја отклучувам
Проверувам
Сите прозорци се затворени
Сите ролетни спуштени
Светилките исклучени
И бојлерот
И шпоретот
И машината за перење

Патувам...

А одамна веќе
Нигде не ми се патува




Ѓоко Здравески е роден на ден Летник во година во која неговиот роден град Скопје е во снег до колена. Како дете сонува да стане генерал во пензија. Првата траума во животот ја доживува уште во раното детство, кога е одбиен од Малото хорче (под раководната палка на учителката Елка) при О.У. Лазо Ангеловски.

Досега нема добиено бројни книжевни награди, меѓу кои позначајни се: Нобеловата награда за книжевност, Букеровата награда, Балканика, Печалбарска повелба...

Тој е еден од основачите на култниот скопски бенд Партитивен генитив, во кој не свири dirty blues piano.

Денес живее на деветтиот кат во една скопска деветкатница, право од лифтот.

п.с. Во бирократскиот хороскоп е дупли пасош.

No comments:

Post a Comment