Tuesday, September 20, 2011

Александра Спасеска

Севдалинка


Што да е, сон да е
со рацете калосани
не го валкаме
со рацете што галат
рацете што севди палат
рацете што соној садат,
подај ја потаму
погачава
со солзи месена
на насмев печена
неречена.
фати ми ја ракава
од извор ладна
од камен груба
од земја кална,
ти, забораваш,
земјата најчиста е.
ти, замаен
во градот голем
ти, задуман
туѓ си сторен.


јули, 2011



проста песна


турни ме во твојата горчина
тури ми пепел
(до)толчи ме со
твоите отровни зборој.
трај си, трпи си
трпи си, трај си.
и се така
едно по едно
ден за ден
прекутрупа живеачка
без гламна во очите
со кал под ноктите
со промаја во душите
без леб во устите.
И пак насабајле
земи си го крстот
и по друм, по пат
на плеќи носи си го
оти твој е
оти за друг не знајш
оти на страна не се опулуваш.

радуј се
пусти се,
пуст остани во радоста
кога ништо друго не останува
во нашиве празни раце
во нашиве празни куќи
во нашиве празни дворој.


јуни, 2011




Јазол



Слушни, има некој пред вратата.
-Јас сум, молкот и немирот.
Јас сум ти потта на челото,
глогот во дланката,
грчот во утробата.

Драги, има некој пред вратана.
-Јас сум, зборот и молњата.
Во стравот клетката,
на похотата мешунката,
на здивот јатката.

Знам. Стои пред вратава.
Неканетата.
Пушката откочена.
Вода неистечена.
Крвта стајана.
таа е, песната.


февруари, 2011




Чекање


Кога доаѓаш,
понеси со себе скрб и солзи,
откопај гробнина,
од неа земи го јадот
и фрли го бегло
на пците крај патот.
Исцеди мачнина
од рацете во мракот
збогум што ти велат
и суви се подаваат
на куќниот праг.
зауши го мајчиниот глас.
раскини го татковиот стисок.
Таму нема бели утра за тебе.
Таму нема в поток студена вода
за твоите севди-жарој.
Таму нема спокој
за твојот момчешки ад.
Сал ѕидој од молк, ѕидој од мака.
Згрчени усни во непрснат вик.
Свиени жили по сончевиот сач.
Стуткани очи зад неонски сјај.
Овде има неродени утра.
Овде има неисплакан јад.
Овде има два извора сушни,
од твоите зборој ќе потечат пак.
Земи го, либе, последниот здив,
кинисај по темница, потамина оди.
Подај го викот на громот, на огнот
и моето срце ќе распламти в мрак.


мај, 2010




Црвена Марија



Росна и алова, прва овенува.
Јадра и сладна, в уста згорчува.
Гола наспроти ветрот, нескршена.

Во стракот цвеќе, божуриката.
во грст цреши, црвливата.
од гранките на оревот, јаловата.

Грев и јарост скалемени,
во рацете прекршени
во катадневна молитва,
а таа богови немаше.


април, 2011






Александра Спасеска, родена во 1984 година во Кавадарци, израсната во Прилеп, живее во Скопје.

По професија вели дека е преведувач и сонувач. Поезијата е начин да го живее ова второво.

No comments:

Post a Comment