Friday, September 23, 2011

Бобан Богатиновски

Превртлива врата



Виси мислата обесена на гранките од сомнежот
секогаш пред мене постојано зад мене
упорно ме следи и за ракавот влече сотоната
залудно ја напнувам тагата да потече
ова е уште една златна година на злото
о топли јаболка податни за сонување
о фантомска болко невидлив отвору
на слузава јамка висат изџваканите галаксии
додека бавно се цеди
исплувокот од твоите крвави усни
ќе одиме ли моја тивка радост
нежно и неизбежно е ова небесно сечило
и во соседната соба
поголема и поубава
празнина стои





Среќен ден


Почнува да ме заморува овој празник,
вакуумот на празните улици,
сите се на некој здодевен пикник,
колку пива треба да испијам на руски начин
па да почувствувам нешто
ни самиот не знаејќи што?!
Главите на минувачите пливаат во воздухот,
нивните мисли прават отпечатоци
во небото над куќите
Како наеднаш да остаревме сите
Барам смисла во разговорот,
попатно кај застанавме,
извини те запоставив, отскитав некаде.
Премногу топло е во ресторанот
на периферијата од градот;
– Пивото??? – прашува келнерот.
– Не. Воздухот, воздухот е претопол!!!
– Пивото е добро.
Пребарувам со погледот…
истото место пред неколку години,
можеби ноќе… да… секако дека е поинакво.
Ја чекав 5-ката и 9-ката на рулетот-вртелешка,
можеби требаше да одам до крај,
но никогаш не се знае, зависи од влогот,
ни коцкањето не ме возбудува како некогаш,
ѓаволска математика е коцкањето,
идната година можеби ќе испуштам,
но добра е тишината, тишината е добра
најпосле си мислам нема причина
ова да не биде среќен ден.




Линијата е закон


Се разбудив денеска
и сум заборавил дека ми е роденден.
Си реков: – Уф, треба да се повлече
уште една линија. Долна црта и тоа подебела.

Дали си за сериозен разговор?!
Можеби ќе дојдеме до суштината на работите.
Постои мала разлика меѓу Харе Хришна и
Господи Исусе Христе помилуј ме мене грешниот.
Постои голема разлика.

Сè е релативно – ќе одговориш.
Нема да филозофираме, нели?!
Тешко е да се пронајде
линијата по која треба да се оди.
Како акробат на жица растегната од ден во ден.

Точка во координатниот систем. Рамнотежа.
Меѓу X, Y, Z. Среќа, љубов, судбина.
А можеби и не постои почеток.
Сè е само илузија во нашите мисли.

Треба да се згуснат редовите.
Зборовите да се доведат до критична маса.
Ајде едно виски, па да бидеме поблиски.
Јас честам. Знам јас како да те расположам.


Бобан Богатиновски е роден 1971 г. во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје.

Автор е на книгите поезија:
Луцидни халуцинации -1994 г. (награда Студентски збор)
Прекрасен ден за умирање - 1998 г.
Светлината е посилна - 2004 г.
Карпа за молитва - 2010 г.

No comments:

Post a Comment